Регион

Србија: Јавен простор за непокаените воени злосторници

Иако е прогласен за виновен за воени злосторства, Воислав Шешељ сѐ уште е пратеник во Собранието на Србија, а и други воени злосторници, и покрај осудителната пресуда, и натаму се присутни во јавниот живот

Филип Рудиќ, Белград

Во април, ММКТ, во жалбена постапка, делумно ја поништи ослободителната пресуда на лидерот на СРП, Воислав Шешељ, и го осуди на 10 години затвор, за воени злосторства во Србија.

Шешељ беше прогласен за виновен за поттикнување на етничко чистење на несрпското население, со националистички говори, но казната нема да ја отслужува, бидејќи веќе ја има отслужено додека беше во притвор.

Овој националистички политичар се врати во Србија уште предходно, во 2014 година, кога беше пуштен од притвор заради лекување, бидејќи му беше дијагностициран рак. На изрекувањето на пресудата, одби да се врати, а откако беше осуден, тој испровоцира серија инциденти – го газеше хрватското знаме, навреди делегација од Загреб, која беше во посета на Србија.

Шешељ, исто така, се обиде да одржи митинг во селото Хртковци, каде што во 1992 година го одржа антихрватскиот говор за кој беше осуден, но беше спречен од страна на полицијата.

Пратеничката функција во Собранието и денес ја извршува, иако законски, пресудата го дисквалификува како пратеник.

Оваа година организаторите на Саемот на книгата во Белград, кој го спонзорира државата, штанд ѝ доделија и на издавачката куќа на Шешељ.

Интернет порталот „Мондо“, објави дека ученици на некои основни и средни училишта, го посетиле штандот на Шешељ, од кого барале автограми, но и се фотографирале со него.

На истиот настан, Министерството за одбрана на Србија ја промовираше книгата на поранешниот началник на Генералштабот на Војската на Југославија (ВЈ), Небојша Павковиќ, кој моментално издржува казна затвор за воени злосторства извршени во Косово.

Павковиќ, кој се наоѓа во Финска на издржување на казната затвор во траење од 22 години, на која во 2009 година го осуди Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), напиша дневник од четири тома, за воздушната кампања на НАТО, спроведена со цел запирање на вооружените операции на српските сили, против Албанците во Косово, во 1999 година.

Одлуката на Министерството за одбрана да ја објави книгата на Павковиќ, е продолжение на веќе востановената практика на српските државни институции и владејачки партии, за поддршка и величење на воените злосторници.

Главниот обвинител на ММКТ, Серж Брамерц, во декември, го предупреди Советот за безбедност на ООН, дека во земјите од поранешна Југославија продолжува величењето на воените злосторници и негирањето на воените злосторства.

Брамерц ги критикуваше државните функционери, за кои рече оти тие „како херои ги прикажуваат луѓето што извршиле најтешки прекршувања на меѓународното право”.

Српски суд во август осуди осум активисти на Младинската иницијатива за човекови права (МИЧП) за попречување на говорот на осудениот за воени злосторства, Веселин Шsиванчанин, во јануари 2017 година.

Судот утврди дека активистите го прекршиле законот, со тоа што свиреле со свирчиња за време на говорот на Шљиванчанин, на настан организиран од владеачката Српската напредна партија (СНП) во градот Бешка.

Потрага по исчезнатите и истрага за последиците од бомбардирањето на НАТО

Веран Матиќ. Фото: Медиа центар Белград

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во август го назначи Веран Матиќ, претседател на Комисијата за истрага на убиствата на новинарите, за специјален пратеник, задолжен за утврдување на судбината на Србите, исчезнати во војната во Хрватска.

Работата на Матиќ е да соработува со неговиот колега, специјалниот советник за исчезнати лица на хрватската претседателка, Иван Вркиќ.

Матиќ и Вркиќ се состанаа во септември и ветија дека заедно ќе работат на пронаоѓање на Србите и Хрватите, кои сé уште се водат како лица исчезнати во војната во 90-тите години.

Во почетокот на август српската влада ги прошири ингеренциите на комисијата на Матиќ, со цел да се опфатат и убиствата и другите злосторства над медиумските работници, извршени за време на војните во 90-тите.

Сепак, останува нејасно, што оваа комисија може да стори во врска со злосторствата извршени во другите земји од поранешна Југославија, кои не се во надлежност на Белград.

Српските водачи, како и оние од поголемиот дел од земјите од поранешна Југославија, го избегнаа потпишувањето на Декларацијата за формирање на комисија за утврдување на фактите од војните во 90-тите – РЕКОМ, на самитот на земјите од Западен Балкан, што се одржа во јули во Лондон.

Србија оваа година формираше парламентарна комисија, која ќе ги испитува наводните последици од употребата на муниција со осиромашен ураниум, што НАТО ја користеше за време на бомбардирањето на Југославија во 1999 година, врз јавното здравје на граѓаните.

Српските медиуми пишуваа дека наводното зголемување на бројот на лица заболни од тумор е резултат на бомбардирањето на НАТО. Но, тие го игнорираа фактот дека осиромашениот ураниум главно беше користен во Косово.

Експертите ги оспорија тврдењата дека осиромашениот ураниум влијаел штетно на здравјето на Србите и негираа дека во Србија има епидемија на рак.

„Секоја година со фосфатните ѓубрива фрламе повеќе ураниум отколку што падна во 1999 година”, изјави епидемиолог, Зоран Радовановиќ, во дебатата што во месец мај се емитуваше на РТС.

Но, Дарко Лакетиќ, претседател на собраниската Комисија за истражување на последиците од бомбардирањето на НАТО, се чини дека заклучи оти осиромашениот ураниум предизвикал штета по здравјето на граѓаните, дури и пред комисијата да си ја заврши својата работа.

„Ако ураниумот не е штетен, зошто толку многу пари се издвојуваат за негово чување и складирање, зошто едноставно само да не се фрли во надворешната средина”, праша реторички Лакетиќ, во интервју за весникот „Политика“.

Босански Срби осудени во Белград

Вишиот суд во Белград. Фото: БИРН

По долг период без пресуди за воени злосторства, српскиот суд изрече две пресуди за воени злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина, која траеше од 1992 до 1995 година.

Вишиот суд во Белград, ја осуди Ранка Томиќ, поранешна припадничка на силите на босанските Срби, на пет години затвор, за учество во тортура и убиство на болничарка на Армијата на Босна и Херцеговина (АБиХ), за време на војната, во јули 1992 година.

Во обвинението се наведува дека Томиќ, како старешина на Фронт жени – Петровац, женска воена единица на Војската на Република Српска (ВРС), учествувала во нанесувањето на повреди и во убиството на болничарката.

Судот во Белград, осуди поранешен припадник на ВРС, на седум години затвор, за убиство на цивилно лице, Бошњак, извршено во општина Кључ, во 1992 година.

Двете пресуди се првостепени и може да се обжалат.

Во јули, Вишиот суд во Белград, го одби барањето за рехабилитација на Милан Недиќ, премиер на марионетската влада на Србија во Втората светска војна.

Судот го отфрли како неосновано барањето за рехабилитација на семејството на Недиќ и на неговите приврзаници, кои побараа судот да го прогласи Недиќ за жртва на политички прогон на поранешните комунистички власти на Југославија.

Овој процес предизвика контроверзии, бидејќи неколку експерти посочија дека српскиот закон не дозволува рехабилитација на лица кои соработувале со нацистите.

Недиќ беше на чело на т.н. Влада за национален спас, марионетска влада на Србија за време на Втората светска војна, која ја водеше земјата од август 1941 до октомври 1944 година.

Десничарски, но и антифашистички и левичарски групи периодично, во текот на судскиот процес, се собираа пред Вишиот суд, за да дадат поддршка, односно за да изразат противење на барањето за рехабилитација.

Белградскиот Апелациски суд во мај, исто така, ја укина првостепената пресуда со која беше рехабилитиран српскиот четнички водач од Втората светска војна, Никола Калабиќ, кого југословенското судство го прогласи за „народен непријател“, и наложи повторување на процесот.

Апелацискиот суд му го врати предметот на судот во Ваљево, кој ја донесе првостепената пресуда, барајќи од него да утврди дали Калабиќ учествувал во воени злосторства или не.