Регион

Србија „понудила докази за воените злосторства“ на Хашим Тачи

Поранешниот српски обвинител за воени злосторства, за БИРН изјави дека неговата канцеларија, на хашките истражители, им обезбедила докази за наводната улога на Тачи, во злосторствата на ОВК

Владимир Вукчевиќ, поранешен главен обвинител за воени злосторства на Србија, за БИРН изјави дека српските власти, додека ја истражувале трговијата со органи, во која биле вклучени припадници на ОВК, собрале докази и за наводната улога на Тачи во воени злосторства, кои потоа им биле предадени на хашките иследници.

Специјалното обвинителство на Косово (СОК) со седиште во Хаг, минатиот месец објави дека поднело обвинение од десет точки против Тачи и други поранешни припадници на ОВК, за серија злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучително и убиства, киднапирање, прогон и тортура. Обвинителите вчера го сослушаа Тачи.

Вукчевиќ, кој беше главен обвинител за воени злосторства од 2003 до крајот на 2015 година, посочува дека српските власти соработувале со Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во истрагата за трговијата со органи, во која наводно учествувале припадници на ОВК.

„Хашкото обвинителство ги истражуваше злосторствата на (командантот на ОВК и политичар Рамуш) Харадинај (кој на крајот беше ослободен од обвинението), па тие отидоа во Жолтата куќа (објектот во Албанија каде наводно биле отстранети органите на затворениците), но тие немаа мандат во Албанија, затоа што „Хашкиот трибунал беше исклучиво за земјите од поранешна Југославија“, вели Вукчевиќ.

„Тие го видоа она што го видоа, го снимија и така натаму, а подоцна ни ги дадоа своите наоди“, додава тој.

Вукчевиќ потоа, со свои колеги, заминал во Албанија, каде со локален обвинител посетил околу 12 локации, каде се претпоставувало дека биле закопани жртвите на трговијата со органи. Тој нагласува дека тие нашле и докази за улогата на Тачи во злосторствата извршени од припадниците на ОВК за време на војната во Косово.

Она што го нашле, му го предале на Специјалниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти, кој состави извештај во кој се наведува дека водачите на ОВК, вклучително и Тачи, за време на војната биле вклучени во „трговија со органи, киднапирање и малтретирање на затвореници“.

Тачи, воен командант на ОВК, повеќе пати негираше дека сторил нешто незаконско.

Извештајот на Дик Марти доведе до формирање на Специјална работна група на Европската унија (СИТГ), со задача да ги истражи наводите на Марти.

Влезот во зградата на Вишиот суд и на Обвинителството за воени злосторства на Србија. Фото: БИРН

Вукчевиќ истакна дека Обвинителство за воени злосторства (ОВЗ) на Србија, на СИТГ ѝ обезбедиле логистичка поддршка и соработувале со неа во организирањето на сослушувањето на околу 400 сведоци.

„Соработката меѓу ТРЗ на Република Србија и СИТФ, траеше до септември 2016 година и беше реализирана врз основа на барање за координација“, потврдија од ОВЗ за БИРН.

Но, оттаму не добивме одговор на прашањата за наводните злосторства, за жртвите и местата каде тие биле извршени.

Откако СИТГ во септември 2016 година ја заврши задачата, беше формирано Специјализирано обвинителство, кое подготвува обвиненија против осомничени лица, на кои ќе им се суди пред Специјализираните совети на Косово во Хаг.

Двете институции се дел од судскиот систем на Косово со седиште во Холандија, во кои е вработен меѓународен персонал. Тие беа формирани под притисок на западните сојузници на Косово, но косовските Албанци ги сметаат за навреда за војната предводена од ОВК.

На прашањето за улогата на Србија во обезбедувањето на докази, од СОК ни одговорија дека „не даваат информации за материјата или механизмите на истрагата“.

Вукчевиќ информираше дека и српските обвинители покренале истрага против Тачи за наводни воени злосторства, во случај кој датира од 90-тите години.

Ова предизвика спор во април 2015 година, кога една невладина организација од Белград организираше конференција за европските интеграции на балканските земји и го покани Тачи како предавач. Српските власти тогаш се заканија дека ќе го уапсат, доколку тој влезе во Србија.

Oд ОВЗ ни потврдија дека „се води предистражна постапка против Хашим Тачи, за сторено кривично дело, воено злосторство над цивили со соучесништво (со други лица)“, но не ни дадоа детали за овие наводни злосторства.