Еден купувач рече дека го барал лекот за дете, а друг дека му треба за постар човек, кој веќе зема многу лекови за други болести.
Двајцата бараа „ивермектин“, лек наменет за отстранување паразити кај животните и кај луѓето, кој теоретичарите на заговор и антиваксерските групи го промовираа како средство против ковид-19.
„Сакам да знам дали може да се земе „ивермектин“ превентивно и на кој начин. Ви благодарам за несебичниот и многу важен совет“, рече вториот купувач.
Стотици пораки се разменуваат во српска вибер-група со повеќе од 11.000 членови, создадена од организација наречена „Лекари и родители за наука и етика“.
Во февруари годинава, производителот на лекот, Мерк објави дека „не постојат научно-базирани докази дека тој има терапевтски ефект против ковид-19“. Но, фактот дека нема докази што би ја поткрепиле теоријата дека „ивермектинот“ штити или лекува од новиот корона вирус не им менува ништо на членовите на групата. Дел од нив слободно делат здравствени совети. Во неа има најмалку двајца здравствени работници, вклучувајќи и професор на Медицинскиот факултет во Белград.
Експертите велат дека овие теории и луѓето што ги шират прават непроценлива штета.
„Државата треба да интервенира“, вели епидемиологот Зоран Радовановиќ. „Тоа е надрилекарство и не е дозволено, дури и ако го практикуваат луѓе со докторски лиценци или фармацевти, бидејќи не може на луѓето да им пропишете нешто што не е наменето за лекување одредена болест“.
„Не постои основа за да се пропише тој лек, особено не превентивно или без соодветен медицински надзор“.
„Не ви треба рецепт“
Лекувањето на своја рака е распространето во Србија, каде што јавниот здравствен систем беше уништуван со децении поради недостиг од инвестиции и поради одливот на мозоци. Земјата, исто така, е изложена на теории на заговор, кои се шират побргу со користењето социјални медиуми, особено по почетокот на пандемијата, што го наруши нормалното живеење насекаде во светот.
Една од тие теории е дека „ивермектинот“, кој бил направен за да ги лекува милениците или домашните животни од паразити, и кој може да се користи против глисти или красти кај луѓето, е ефикасен во лекувањето на ковид-19, и дури може да се користи превентивно.
Неговото промовирање како „чудотворна дрога“ е делумно базирано на доделувањето на половина од Нобеловата награда за физиологија и медицина на двајца научници поради нивните истражувања со „ивермектинот“, но тие се однесуваа на лекување паразитски болести.
Додека властите во Индија, Словачка, Јужна Африка, Перу и во поголемиот дел од Јужна Америка, во очај да најдат ефикасен третман против ковид-19 , беа отворени кон можноста да се користи лекот, истражувањата покажаа дека тој има мал или никаков ефект. Всушност, неговото користење од пациенти со ковид-19 без медицински надзор предизвика голем број труења во САД, Мексико и во Австралија.
Сепак, тој и натаму се промовира во Србија и се продава под тезга во аптеките.
„Немаме во моментов, но можеме да нарачаме ако ви треба“, му рече еден аптекар во Белград на нашиот репортер, кој, преправајќи се како заинтересиран пациент, се распрашуваше како може да набави. „Не ни е дозволено да го чуваме во аптеката. Не е регистриран кај нас“.
Прашан дали е потребен рецепт за лекот, бидејќи треба да се користи против ковид-19, аптекарот рече – „не“.
„Не ви треба рецепт. Најдете пријател што е доктор и тој ќе ви пресмета колку треба да земате, во зависност од тоа дали го примате превентивно или за лекување. Потоа дојдете и кажете ни колку ви треба“.
Заработка
Според организацијата „Лекари и родители за наука и етика“, ЛРНЕ, која ја креираше вибер- групата што го промовира „ивермектинот“, вакцините против ковид-19 се „непотребни, неефикасни и небезбедни“.
При промовирањето на „ивермектинот“, ЛРНЕ, која е основана во август годинава, често ја цитира американската невладина организација наречена „Фронтлајн ковид-19, алијанса за критична грижа“ (ФЛЦЦЦ). Таа е формирана од двајца доктори од САД и е многу критикувана за својата работа.
Внатре во групата, членови слободно споделуваат совети, и покрај тоа што многумина од нив немаат видливи медицински квалификации. Кога нашиот репортер, кој тајно се вклучи во групата, праша дали треба да се користат дозите „ивермектин“ како што се пропишани за животни или како што се определени за луѓе, еден од членовите со псевдоним Ладо одговори – „нема никаква разлика“.
Очигледно е дека некои луѓе заработуваат пари во групата, а меѓу нив е доставувачот Ѓура.
„Едно шишенце е 15 евра“, му рече Ѓура на нашиот репортер, кој се преправаше дека е заинтересиран купувач. „Луѓето ми се јавуваат бидејќи на други места е многу поскапо. Сѐ е напишано на кутијата. Дозата е 10 милиграми на милилитар вода. Тоа е за возрасен маж што тежи околу 100 килограми, ако го зема превентивно двапати неделно“.
Прашан дали е лекар, Ѓура одговори: „Не сум здравствен работник, далеку од тоа. Но, гледам која е вистината. Две милијарди луѓе го користат како лек. Еден од неговите споредни ефекти е што го блокира корона вирусот, според тоа што е познато досега“.
Властите преземаат акција
Засрамена од оваа ситуација, српската влада, во вторникот најави дека ќе преземе мерки против здравствените работници што ја промовираат употребата на „ивермектинот“.
„Ако препорачувате лек што не е регистриран, ако препорачувате лек што се користи во ветеринарната медицина, а сте доктор што лекува луѓе, морам да кажам дека извршувате сериозно злосторство“, рече министерот за здравство, Зоран Лончар, пред новинарите. „Во следните денови ќе видите каква ќе биде реакцијата од државата, бидејќи ова е сериозен срам. Што и да се случува во нивните глави, кои и да се овие луѓе, не може да им се дозволи да го прават ова“.
Прашана од БИРН, Здравствената комора на Србија им препорача на српските граѓани „да бараат здравствени услуги и совети исклучиво во регистрирани државни или приватни здравствени институции“.
Еден од членовите на групата веќе ја плати цената. Во градот Ниш, во јужна Србија, д-р Бојко Бјелаковиќ беше разрешен од раководното место на Одделот за кардиологија на Клиниката за педијатрија, извести локалниот портал „Јужне вести“ на 1 ноември. Надлежните од болницата го потврдија неговото разрешување, без да прецизираат кои се причините за тоа, но во извештајот се вели дека причината е што промовирал „ивермектин“ во вибер-групата.
Друг здравствен работник што има активна улога во вибер-групата е д-р Валентина Арсиќ-Арсентијевиќ, имунолог на Медицинскиот факултет во Белград и една од двајцата професори на факултетот што ја потпишаа петицијата поднесена од ЛРНЕ против давањето вакцини против ковид-19 на деца во Србија.
Антиваксерство и ковид-пропусници
ЛРНЕ се опишува како група што ги претставува лекарите и родителите што се противат на вакцинирањето деца, особено со вакцините со МРНА технологија, кои, наместо да користат жив вирус, ги учат клетките како да создадат протеин што ќе поттикне имунолошка реакција. Активни се и во борбата против т.н. ковид-пропусници, кои ги отфрлаат бидејќи, според нив, се фашистички. Во таа кампања користат симболи поврзани со нацизмот и со холокаустот.
БИРН директно стапи во контакт со ЛРНЕ за да праша за стручните квалификации на групата, за праксата да препорачува лекови преку апликација на мобилен телефон, за тоа дали е свесна за недостатоците во студиите што го промовираат „ивермектинот“, за начинот на финансирање и за врската со американската организација ФЛЦЦЦ. Одговор не добивме.
Арсиќ-Арсентијевиќ, исто така, одби директно да ги одговори прашањата на БИРН.
„Јас сум редовен професор 10 години, со 22.000 цитирања, и налетав на оваа приказна“, рече таа во писмениот одговор. „Но, одговорно тврдам дека јас лично се лекував со „ивермектин“, како и мојот сопруг и моето дете. Имаме докази дека одбивме хоспитализација. Сега се чувствуваме одлично. Природно имунизирани“.
Епидемиологот Радовановиќ вели дека таквите луѓе ја штитат „нивната лична вистина“.
„Кога во целото општество има аномалии, медицинската професија не може да биде исклучок и да не подлегне на таквите влијанија, дури и ако се прошират меѓу мал број луѓе како овие“, рече тој. „Луѓето што некритички веруваат во алтернативни чудотворни лекови и во глобални заговори се склони кон таквите толкувања“.