Во 2024 година, веб-страницата „Eagle Eye Explore“ го објави својот прв текст, на српски и на англиски јазик. Насловот на англиски гласеше: „Зошто на Србија ѝ е потребен закон за агенти на странски интереси?“ Прашањето беше реторичко, а одговорот се чинеше очигледен.
Србија има потреба од таков закон, тврдеше авторот Ратко Николиќ, за да се спротивстави на „неоколонијалните“ политики на Западот и да овозможи „повторно суверенизирање“ на државата.
Две години претходно, Русија значително го прошири опфатот на сопствениот закон за „странски агенти“, првично донесен во 2012 година, до степен што, според меѓународната организација за човекови права „Human Rights Watch“, „речиси секоја личност или организација, без оглед на националноста или локацијата, што се занимава со граѓански активизам или дури изразува мислења за руските политики или за однесувањето на функционерите, може да биде означена како странски агент, доколку властите тврдат дека таа личност или ентитет е под ‘странско влијание’“.
За време на владеењето претседателот Владимир Путин, Русија го има користено овој закон за таргетирање новинари, активисти и критичари на Кремљ и особено оние кои се противат на војната во Украина.
Но, наративите на „Eagle Eye Explore“ не застануваат тука.
Од објавувањето на првиот текст, веб-страницата има објавено стотици други текстови што пренесуваат дезинформации и наративи на Кремљ и ја величаат крајната десница, особено германската партија Алтернатива за Германија (AфД), при што истовремено го игнорира српскиот закон кој ги обврзува медиумите да ги наведат своите издавачи и уредници.
Според истражувањето на БИРН базирано на отворени извори, страницата ги има сите карактеристики на пропаганден канал поддржан од Кремљ, почнувајќи од скриена сопственост и можност за донации во криптовалути, до соработка со новинари вработени во руски медиуми и во самата АфД, како и промоција преку проруски Телеграм канали и медиуми поврзани со руската држава.
„Образецот што го идентификувавте претставува карактеристичен белег на медиумски екосистеми поддржани од Кремљ, а тоа е нешто што е широко документирано“, изјави Руслан Трад, соработник во DFRLab – Лабораторијата за дигитална форензика на Атлантскиот совет, американска невладина организација.
Во студија од 2025 година објавена од Фондацијата „Фридрих Науман“, насловена „Русија го подготвува патот за автократии“, истражувачите ја идентификуваат Србија како централно жариште за ширење на руското влијание на Балканот преку Кремљ-финансираниот медиум „Спутник“ и балканската редакција на „Russia Today“.
Почнувајќи од целосната руска инвазија на Украина во февруари 2022 година, „Спутник“ и „Russia Today“ се забранети во Европската унија, во која Србија се стреми да членува.
Во 2023 година, извршното тело на ЕУ, Европската комисија, предупреди за влијанието на Москва врз медиумите на Балканот, наведувајќи дека пропагандата на Кремљ е „особено ефикасна во Србија, каде дел од локалните медиуми и некои мејнстрим политички сили шират проруски наративи, вклучително и низ регионот на Западен Балкан“.
Недостига импресум

Порталот „Eagle Eye Explore“
„Eagle Eye Explore“ нема импресум – односно правна напомена – во кој вообичаено се наведуваат издавачот, главниот уредник и другите членови на редакцијата, како и контакт информации, иако тоа е задолжително според српските закони за сите медиуми.
Страницата исто така не е регистрирана во националниот регистар на медиуми во Србија, што инаку би овозможило увид во нејзината сопственост и финансирање.
Ана Мартиноли, медиумска теоретичарка, продуцентка и професорка на Факултетот за драмски уметности во Белград, вели дека импресумот е „клучен инструмент за транспарентност и одговорност во медиумите“.
„Тоа ѝ овозможува на публиката да ја процени кредибилноста и можните интереси – најчесто политички или финансиски – што стојат зад содржината.“
„Тоа не е само формалност, туку идентификува кој носи уредувачки одлуки и кој е издавачот – што е важно и за саморегулација (етика) и за правна заштита (на пример правото на одговор или исправка, заштита на личните права и утврдување одговорност)“, изјави Мартиноли за БИРН по имејл.
Во Србија, издавачите на медиуми што не наведуваат импресум или наведуваат неточни или нецелосни податоци може да бидат казнети со глоба од 100.000 до еден милион динари (приближно од 850 до 8.500 евра).
Во неколку наврати, новинарка по име Наташа Јовановиќ јавно настапувала како „главна уредничка“ на „Eagle Eye Explore“. Јовановиќ е новинарка на „Спутник“, „RT Balkan“ и на проруски српски весници како „Печат“ и „Вечерње новости“. Таа е потпишана на 14 текстови на страницата, но кога БИРН ја контактираше, таа не одговори дали навистина е главна уредничка на медиумот.
„Очекував новинарски прашања, но наместо тоа добив прашања што имаат право да ги поставуваат само безбедносните служби и обвинителството, а и тие би морале да постапуваат во рамките на важечкото медиумско законодавство на Србија“, одговори Јовановиќ по имејл.
Неколку месеци по лансирањето на страницата, Јовановиќ и уште двајца автори од „Eagle Eye Explore“ присуствувале на настан „медиумско училиште“ во Белград, организиран во Рускиот дом со поддршка од руското Министерство за надворешни работи.
„Русите се наши браќа“, изјавила Јовановиќ на настанот, според Телеграм каналот на Рускиот дом. „Кога велам ‘браќа’, не мислам на зборот во вообичаена смисла. Ние сме заедно; ја делиме истата историја, како и духовни и политички врски. Многу е важно Србија да биде на вистинската страна на историјата и секогаш да биде со Русите.“
БИРН до сега не успеа да го пронајде авторот на првиот текст на страницата, Ратко Николиќ, чие име повеќе не се појавува на сајтот.
Интервјуа со АфД

Чести интервјуа со Бјорн Хоке од АфД | Фото: TikTok
Доменот „Eagle Eye Explore“ е регистриран преку компанијата „Tucows“ со седиште во Торонто, еден од најголемите акредитирани регистратори на домени во светот. „Tucows“ нуди услуга за заштита на идентитетот која ги заменува сите податоци за сопственикот на доменот – име, адреса и е-пошта – со генерички информации, со што практично се обезбедува анонимност.
Практиката е легална, а „Tucows“ му соопшти на БИРН дека податоци за тоа кој го регистрирал доменот може да се откријат само врз основа на официјална наредба од надлежни органи во Канада, Данска, Германија или САД.
Руслан Трад од организацијата „DFRLab“ вели дека тоа покажува оти „Eagle Eye Explore“ вложил значителни напори да го сокрие своето потекло.
Артур Абрамович е основач на здружението „Евреи во АфД“ и еден од иницијаторите на предлогот од 2023 година поднесен од пратеници на АфД во Бундестагот со кој се бара Германија да ја повлече својата одлука за признавање на Косово, кое прогласи независност од Србија во 2008 година.
Абрамович е роден во Украина и живее во Германија од 1998 година. Работел како хонорарен новинар за неколку десничарски медиуми и од 2021 година е советник на АфД во Бундестагот.
„Безбедносниот профил на операцијата укажува на софистицирана намера, далеку над обично избегнување на законски обврски“, рече тој.
„Оваа конфигурација претставува намерно конструирана архитектура за анонимизација, создадена за да спречи припишување одговорност, да избегне усогласување со санкции и да овозможи негирање на поврзаноста, додека истовремено се одржува оперативниот континуитет. Токму оваа комбинација е препознатлив белег на мрежи за влијание поддржани од Кремљ, опширно документирани од DFRLab и други истражувачи.“
Можноста за донации во криптовалути, додаде тој, исто така „ги следи моделите забележани во руски операции за влијание“.
„Eagle Eye Explore“ има околу 40 соработници и главно објавува колумни, како и интервјуа со крајнодесничарски фигури од Германија, Унгарија, Франција, Италија, Романија, Грузија и Молдавија. Овие интервјуа се појавувале како платени реклами на интернет и, според податоците од Facebook Ads Library, биле промовирани кај целна публика во Унгарија, Германија и Италија.
Околу една четвртина од објавените интервјуа се со политичари од АфД, меѓу кои и Бјорн Хоке, лидер на партијата во германската покраина Тирингија, кого германскиот весник „Der Spiegel“ го опишува како „вистинскиот шеф“ на АфД.
Поранешен професор по историја, Хоке во 2024 година беше осуден од германски суд затоа што свесно го употребил нацистичкиот слоган – „Сè за Германија“ – за време на митинг во 2021 година.
Меѓу авторите на страницата се појавуваат и имињата на политичарите од АфД Артур Абрамович и Антон Фризен.
Податоците од системот за управување со содржина (CMS) на страницата – софтверот што се користи за креирање, управување и објавување дигитални содржини и чиј метаподаток е јавно достапен – покажуваат дека администраторски сметки биле отворени на имињата на двајцата, но БИРН не успеа да утврди дали тие некогаш биле користени или им биле испратени.
И Абрамович и Фризен негираат дека имале пристап до страницата.
Абрамович изјави дека текстот првично го напишал за германскиот весник „Junge Freiheit“, а подоцна познајник го превел на српски.
Роден во Казахстан, Антон Фризен е член на АфД од 2013 година и ја претставуваше партијата во Бундестагот меѓу 2017 и 2021 година. Претходно беше претседател на младинското крило на АфД во Тирингија – „Младата алтернатива“. Од 2018 година е член на здружението „Протерани, имигранти и германски малцинства во АфД“. Претходно студирал во Берлин.
„Јас дури не го ни зборувам течно вашиот јазик, зошто некој би ми дал таков пристап?“ изјави тој во одговор до БИРН.
„Но најважно, јас не соработувам и никогаш не сум соработувал со руски државни организации, функционери или медиуми. Соработувам само со руската опозиција.“
Абрамович нагласи дека „со години ја критикува руската влада и има напишано неколку текстови против неа, дури и барајќи НАТО да бомбардира критична инфраструктура во Москва и Санкт Петербург“.
Тој рече дека не добил хонорар од „Eagle Eye Explore“ и дека нема поим кој стои зад страницата.
„По образование сум филолог и историчар и не се разбирам во веб-страници или во ИТ“, изјави Абрамович.
„И никогаш не сум добил никакви податоци за најава или нешто слично од тие луѓе кои дури ни не ги познавам.“
Исто така, Фризен изјави за БИРН дека не работи „со руски актери“.
„Не планирам да објавувам нов текст во српски медиуми и немам пристап до административни ресурси“, напиша тој на БИРН.
На прашањето кој прв го контактирал во врска со „Eagle Eye Explore“, Фризен одговори: „Никој.“
„Идеолошка солидарност“
АфД е втората најголема партија во Германија според националните анкети и е најголемата опозициска партија.
Во мај 2025 година германската служба за внатрешно разузнавање (BfV) ја означи како „потврдено десноекстремистичка“, но на крајот на минатиот месец, суд во Келн издаде привремена мерка со која се забранува употребата на тој термин додека не се донесе конечна одлука по тужбата што ја поднесе АфД.
Политичките противници на партијата редовно ја обвинуваат дека работи во интерес на Русија на Путин, нешто што АфД континуирано го негира.
Трад вели дека „стратегијата“ на „Eagle Eye Explore“ да објавува ексклузивни интервјуа со лидери на АфД и европската крајна десница, заедно со српски национални теми, „претставува намерна примена на она што истражувачите го нарекуваат стратешка конвергенција на наративи“.
„Мешавината на содржини не е случајна“, рече тој. „Таа е конструирана за да создаде идеолошка солидарност меѓу регионални и европски сили што ги унапредуваат геополитичките интереси на Русија.“
„Со тоа што им дава платформа на АфД и на слични партии, ‘Eagle Eye Explore’ се позиционира како јазол во транснационална нелиберална мрежа, каде српскиот национализам не се претставува како изолиран феномен, туку како дел од поширок ‘отпор’ против западната хегемонија.“
Со тоа што објавуваат текстови на српски и на англиски јазик, страницата таргетира публика во Србија, Косово, Црна Гора, Хрватска и Босна и Херцеговина, додека истовремено се позиционира како „балкански извор“ за меѓународни проруски и анти-естаблишмент мрежи.
Ширење преку српски медиуми

Српското издание на рускиот портал „Спутник“
„Eagle Eye Explore“ не е единствениот медиум во Србија што ги презема геополитичките наративи на Кремљ.
Покрај „Спутник“ и „RT Balkans“, чија содржина редовно ја преземаат српски медиуми, вклучително и дневните весници „Политика“ и „Вечерње новости“, како и таблоидите „Ало“ и „Информер“, постојат и бројни помали проруски медиуми како „Васељенска“, „Нови Весник“, „Нови Стандард“, „Одбрана и безбедност“, „Покрет за одбрану Косова и Метохије“, „Поредак“ и „Српски угао“.
„Eagle Eye Explore“ има профили на Фејсбук, Инстаграм, Тредс и Твитер (Х) со околу вкупно 18.000 следбеници, а веб-страницата има и Телеграм канал со 1.634 членови.
Линковите од Телеграм каналот редовно ги споделуваат други проруски медиуми, вклучително и еден од највлијателните руски воени канали – „Rybar (Рыбарь)“ и „DD Geopolitics“.
„Засилувањето на вакви канали е многу значајно“, вели Трад.
„Ова не се случајни актери – тие претставуваат потврдени јазли во операции за влијание поврзани со руската држава.“
„Кога овие конкретни Телеграм канали засилуваат ‘мал’ српски портал, тоа укажува дека порталот е интегриран во централно координирана инфраструктура за руско влијание.“
Содржини од „Eagle Eye Explore“ презеле „Информер“ и „Ало“, јавниот сервис на Република Српска во Босна и Херцеговина, како и црногорскиот портал „IN4S“.
Во ноември 2019 година, на настан за медиумска писменост, дипломат од американската амбасада во Подгорица изјави дека „IN4S“ е под влијание на Кремљ.
Текстови од „Eagle Eye Explore“ се појавиле и во руски медиуми, вклучително и во државниот дневен весник „Rossiyskaya Gazeta“, а страницата била промовирана и од „Pravda“ – мрежа на веб-страници што француската државна агенција „Viginum“ во 2024 година ја идентификува како дел од голема кампања за ширење „неточни или погрешни наративи“ потекнати од Кремљ.
„Пропагандните сајтови поддржани од Кремљ функционираат преку неколку препознатливи карактеристики“, изјави Трад за БИРН.
Содржината се објавува во локални медиуми и потоа се презема на повеќе медиумски платформи и социјални мрежи, на повеќе јазици, со цел да се создаде „илузија на независно локално новинарство“, додека всушност се шират централно координирани наративи.
Вклучувањето новинари кои пишуваат за руски медиуми како „Спутник“ и „Russia Today“ исто така е модел што веќе бил забележан, рече тој.
„Двојните улоги меѓу руските државни медиуми [RT и Спутник] и наводно независни локални портали играат клучна стратегиска улога“, изјави Трад. „Тие овозможуваат директно уредувачко насочување и координација на наративи од руските државни медиуми кон локалните платформи, додека формалната поврзаност може да се негира.“
А целта на сè ова?
„Да се поткопа западното единство и интеграцијата во НАТО и ЕУ, да се поттикне евроскептицизам, да се дестабилизираат про-западните влади и да се создадат политички бази наклонети кон Русија“, рече Трад.
„Во таргетираните држави целта е и да се обликуваат идни политички елити што ќе ги нормализираат проруски наративи и ќе ги промовираат стратешките интереси на Москва.“

