На 8-ми и 9-ти мај, Србија го прослави Денот на победата над фашизмот, со низа настани во Белград, вклучувајќи и свечено положување на венци, концерти, филмски проекции, огномет и пренос во живо на воената парада во Москва.
Освен победата над фашизмот, српските власти го славеа и сојузот со Русија, која беше коорганизаторот на свеченоста.
Одбележувањето кулминираше со свечена церемонија во Народниот театар, која беше пренесувана во живо на националната телевизија и преку интернет, пропратена со поезија, музичка програма и со говори на претседателот Александар Вучиќ и на лидерот на босанските Срби, Милорад Додик.
Дел од стиховите кои на главната свеченост ги рецитираа српски актери, предизвикаа јавна дебата, бидејќи станува збор за стихови од маршеви, поврзани со српското фашистичко движење Збор, кое соработувало со нацистичка Германија.
Историчарот, Дејан Ристиќ, кој одговори на овие обвинувања во име на организаторите, лажно негираше секаква поврзаност меѓу рецитираните стихови и движењето Збор и неговиот водач Димитрије Љотиќ, нагласувајќи дека станува збор за патриотски стихови од поетот, Момчило Настасијевиќ, кои датираат „многу пред Втората светска војна“.
Вистина е, сепак, дека стиховите од маршот „Нѐ сте мртви“, кои беа прочитани на 9-ти мај, првпат беа објавени во збирката поезија на Збор во 1944 година, а во меѓувреме станаа и химна на српската крајна десница. Сè уште е нејасно како овој марш бил вклучен во програмата на одбележувањето на Денот на победата над фашизмот, а ниту еден владин функционер, до објавувањето на овој текст, не даде изјава за ова.
Четниците реинтерпретирани како антифашисти
Рецитирањето на стихови од маршеви на фашистички групи, на прославата на Денот на победата над фашизмот, не беше единственото контроверзно прашање на овогодишното одбележување на наведениот датум во Србија.
Така, меѓу архивските фотографии и снимки што беа прикажани на големиот екран на централниот настан, се појави и фотографија на Драгољуб Дража Михајловиќ, командант на четничкото движење. Фотографијата на Михајловиќ беше прикажана покрај фотографијата на Јосип Броз Тито, водачот на Народноослободителното движење (НОД), масовно движење на отпорот, предводено од Комунистичката партија на Југославија, кое ја ослободи земјата и ја основаше социјалистичка Југославија.
Процесот на официјална трансформација на четниците во српско движење на отпорот, започна по падот на Слободан Милошевиќ, во 2000 година. Со измените и дополнувањата на Законот за правата на борците во 2004 година, четниците и партизаните беа изедначени како антифашисти, иако овие две движења, за време на Втората светска војна, се бореа едно против друго и само едно од нив беше доследно антифашистичко.
Во овој период, српските политички елити не го славеа Денот на победата над фашизмот или други датуми поврзани со победата во Втората светска војна, етикетирајќи ги како почеток на комунистичката окупација. Во овој контекст, четниците не само што беа изедначени со партизаните, туку и ги заменија идеолошки неподобните партизани, како ново движење на отпорот.
Свртувањето кон одбележувањето на победата над фашизмот, беше направено во пресрет на прогласувањето на независноста на Косово во 2008 година и за време на растечкото приближување на Србија кон Русија. Кога СНП дојде на власт во 2012 година, таа целосно го прифати и присвои ослободувањето во Втората светска војна, како српска победа.
Денешните функционери, кои уживаат во славењето на победата и се претставуваат како бастион против историскиот ревизионизам, уште пред 2012 година, целосно ја поддржаа радикалната ревизија на историјата и рехабилитацијата на четништвото. Иако само Милорад Додик, отворено зборуваше за четниците како антифашисти, опишувајќи го тоа како добро чувана тајна во југословенскиот период, нарацијата за движењата на отпорот во множина, се провлекуваше низ целиот настан.
Ослободувањето на Југославија стана српска победа
На истакнати јубилеи како што е 9-ти мај, функционерите на Србија и на Република Српска, ги национализираат и ги присвојуваат партизаните. Судејќи според официјалните дискурси, српската војска е таа што ја остварила победата над фашизмот и ги ослободила Белград, Југославија и Европа, заедно со Русија.
Прославите на Денот на победата над фашизмот, го бришат југословенскиот и советскиот карактер на овие армии, како и идеологијата што ги водела. Говорниците на овогодишната свеченост успеаја да ја одвојат социјалистичка Југославија од партизанското движење, обвинувајќи го југословенското раководство дека ја криело историјата на српското херојство и страдања.
Во српската политика на сеќавањата, партизаните не само што се трансформираат во херојска српска војска, туку се наведува и дека Србите, од сите идеологии, биле единствените во Југославија кои зеле оружје и станале во борбата против фашизмот
Вучиќ, Додик и другите официјални лица, ги обвинуваат другите народи од поранешна Југославија, особено Хрватите и Албанците, дека окупацијата на силите на Оската ја дочекале со раширени раце. Манипулацијата со српското искуство во Втората светска војна, вклучува негирање на соработката и фокусирање на страдањата на српскиот народ во Независната Држава Хрватска (НДХ), што го надополнува наративот за херојството.
Официјалните прослави на Денот на победата над фашизмот во Србија, не се однесуваат само на Втората светска војна, туку тие претставуваат училишен пример за блатантна инструментализација на историјата, за политички цели.
Оваа употреба на историјата е евидентна во идејата за ослободителните војни на Србија, која е основа на секое одбележување на 9-ти мај и претставува основа на популистичката политика на сеќавањата, на СНП.
Концептот на ослободителните војни на Србија, ги комбинира војните и востанијата од историјата, во еден сеопфатен наратив што ги прикажува српските вооружени сили, како сили кои се бореле за слобода и никогаш не се впуштиле во офанзивна војна. И војните од 90-тите години во поранешна Југославија, се прикажани како ослободителни војни.
Здружението на ветерани од Народноослободителната војна (СУБНОР), кое денес во своето членство има и ветерани од војните во 90-тите години, е пример за овој мит за ослободителните војни на Србија. Во својот говор на прославата на Денот на победата над фашизмот, претседателот на СУБНОР, Видосав Ковачевиќ, истакна: „Српскиот војник, низ вековите, никогаш не напаѓал туѓо, и секогаш водел само ослободителни војни“, од Австро-Унгарија, до бомбардирањето на НАТО на СР Југославија, во 1999 година.
Популистите ширум Европа и пошироко, се обидуваат да го мобилизираат историското сеќавање и наследство, за да достигнат до што е можно поширока публика, прикажувајќи ги нивните напори како конечно кршење на табуата на националната историја.
Додека истовремено се занимаваат со присвојување и национализација на антифашизмот, владејачките елити предводени од СНП, парадоксално се претставуваат како бастион против ревизионизмот и фалсификувањето на историјата.
Со цел да конструираат херојска приказна за „ослободителните војни“, тие го конфискуваа еден од најеманципантните моменти во историјата на регионот, претходно наречен Југославија.
Овогодишното одбележување на Денот на победата над фашизмот, беше олицетворение на радикалното ревидирање на Втората светска војна, што се случува од падот на Слободан Милошевиќ, а кое, во последните неколку години, само се интензивираше.