Регион

Српски рудник ја открива мрачната тајна на војната во Косово

Mинатиот месец започна ексхумација во петтата масовна гробница пронајдена во Србија

Околу 250 километри јужно од Белград, недалеку од границата меѓу Србија и нејзината поранешна покраина, Косово, се наоѓа површинскиот коп, Кижевак, дел од рудникот Сува Руда.

Нема патокази до рудникот, кој е опкружен со шуми и полиња, ниту пак има многу куќи по патот. Но, деновиве на оваа локација се одвиваат засилени активности.

Имено, минатиот месец, повеќе од две децении од крајот на војната во Косово, рудникот откри уште една морничава тајна на конфликтот, кога истражителите открија посмртни останки, за кои речиси со сигурност може да се каже дека им припаѓаат на Албанци, убиени од српските сили, кои биле закопани во масовна гробница, со цел да се сокријат доказите за воените злосторства. Деновиве локацијата ја обезбедува полиција, а локални и странски експерти вршат увид на теренот.

Ова е петта масовна гробница пронајдена во Србија од соборувањето од власт на Слободан Милошевиќ во 2000 година, нешто повеќе од една година откако со интервенција на НАТО, тој беше принуден да се повлече од Косово. Досега беа пронајдени посмртни останки на повеќе од 900 косовски Албанци, но до денес никој во Србија не одговараше за, како што се чини, систематскиот напор за прикривање на доказите за воените злосторства.

Процесот на ексхумација на посмртните останки започна на 30 ноември, по пет години макотрпно истражување, базирано на искази на сведоци и снимки направени од авион.

Претставници на Србија, на Косово и на меѓународните тела, во петокот ја посетија локацијата на рудникот. „На оваа локација беа ископани околу 240 кубни метри камен“, информира Вељко Одаловиќ, претседател на Комисијата за исчезнати лица на Владата на Србија.

„Во следните седмици, на локацијата заедно ќе работат форензички тимови, за да се затвори тешко поглавје во животот на уште повеќе семејства на исчезнатите“, изјави Фабијан Бурдје, претседател на работната група за исчезнати лица при Меѓународниот комитет на Црвениот крст.

Авионски снимки ја открија вистината

Масовната гробница во рудникот Кижевак, Рашка. Фото: Марко Рисовиќ.

Околу 1.640 лица сè уште се водат како исчезнати во војната во Косово, од кои над 1.100 Албанци.

Потрагата по останките во Кижевак започна во 2015 година, но беше попречена од фактот што рудникот, неколку години по војната, беше активен.

„Лоцирањето на човечки посмртни останки во масовни или тајни гробници е сложен процес и брзината на работата може значително да варира, во зависност од локацијата и достапните информации“, нагласува, Метју Холидеј, шеф на програмата за Западен Балкан на Меѓународната комисија за исчезнати лица, која ги следи ископувањата на ова место.

Красимир Николов, координатор за ексхумација на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, вели дека иако сведоците можеле детално да ја опишат локацијата, „тие не можеле да ја покажат и на теренот, затоа што тој драстично се променил“.

„Затоа, не беше можно да се идентификува точната локација, само врз основа на изјавите на сведоците“, истакна Николов за БИРН.

 

Видео: Александар Сретковиќ

Форензичарот и археолог на ЕУЛЕКС, Хавиер Сантана, посочува дека континуираното користење на овој локалитет по војната, резултирало со „драстични промени на теренот“, а самите изјави на сведоците не биле доволни за да се утврди на кое, од четирите или пет различни нивоа на рудникот, се закопани посмртните останки.

Според Николов, „откритието“ се случило кон крајот на минатата година, кога ЕУЛЕКС ги споредил авионските снимки на површинскиот коп од 1999, 2002 и 2020 година.

„По темелна анализа, идентификувавме промени на теренот и го стеснивме подрачјето на интерес“, додава Николов. Сантана за БИРН истакна: „Авионските снимки точно ни покажаа на кое ниво се наоѓаат посмртните останки и колку длабоко треба да се копа“.

Во близина на друга масовна гробница

Масовната гробница во рудникот Кижевак, Рашка. Фото: Марко Рисовиќ

Кижевак е дел од поранешниот рудник за цинк во државна сопственост Сува Руда кај Рашка. Рудникот беше продаден во 2007 година, на компанија во сопственост на познатиот српски бизнисмен, Мирослав Богичевиќ, кој нагласи дека работата во Кижевак е сопрена, уште пред да започне пребарувањето на локацијата.

„Копавме, наидовме на руда и ја преработувавме“, вели Богичевиќ за БИРН. „Немаше индикации дека такво нешто може да се случи“.

Сопственикот на концернот МБ Фармаком, Богичевиќ, беше уапсен во 2014 година, поради сомнение дека учествувал во банкарска измама. Тој вели оти работата во Кижевак е сопрена „заради целата оваа ситуација околу мене, околу Фармаком, заради сите овие работи. Имам милион проблеми откако ме уапсија“.

Во февруари годинава, српската Комисија за исчезнати лица, организираше заедничка посета на локацијата, а помеѓу февруари и март, беше отстранет горниот слој од околу три до пет метри, истакна Николов за БИРН.

Пандемијата на корона вирусот ја забави работата, но во ноември, тимот на ЕУЛЕКС беше повикан да се врати на локацијата, „поради сомнение дека се дошло до ниво што можеби содржи човечки останки“, додаде тој. Дел од тие останки беа пронајдени на 16 ноември.

Вишиот суд во Белград формираше петчлена експертска судска комисија, која ќе работи на овој случај, додека претставници на Косово, на ЕУЛЕКС, на Меѓународната комисија за исчезнати лица и на Меѓународниот црвен крст, ќе бидат присутни на теренот.

Српското обвинителство за воени злосторства, исто така, започна прелиминарна истрага и чека вештачење за останките и на другиот материјал пронајден на местото на ексхумацијата.

Кижевак се наоѓа во близина на каменоломот Рудница, каде во 2013 година беше пронајдена масовна гробница, од која беа ексхумирани останките на 52-ца косовски Албанци. Обвинителството изјави дека води истрага и за овој случај, но други детали не добивме.

Во 2014 година, Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг, го осуди поранешниот висок функционер на српската полиција, Властимир Ѓорѓевиќ, на 18 години затвор, меѓу другото, и за учество во прикривањето на телата на убиените Албанци од Косово. Во Србија, никој не одговараше за ова.