Регион

Српските радикали нема да одат доброволно во Хаг

Седиштето на судот во Хаг | Фото: Викимедиа/Хулијан Ниче

Маја Живановиќ, Белград

Откако судот на ОOН ја повлече својата одлука со која судската постапка за непочитување на судот, која се води против двајца членови на Српската радикална партија, СРП, му беше префрлена на Белград, со образложение дека сведоци во овој случај изјавиле оти во Србија се плашат за својата безбедност, обвинетите соопштија оти доброволно нема да заминат во Хаг на судење.

Пратеничката на СРП, Вјерица Радета, за БИРН изјави дека таа и нејзиниот партиски колега, Петар Јојиќ, нема да заминат доброволно во Хаг, каде што ги чека судење за непочитување на судот, и покрај најновта одлука на Механизмот  за меѓународни кривични трибунали (ММКТ).

ММКТ во вторникот објави дека случајот против Јојиќ и Радета, од Белград ќе биде вратен во Хаг, бидејќи сведоците не сакаат, поради страв за својот живот и безбедност, да им ги откријат своите податоци на српските власти, при што побара итно апсење на двајцата.

Радета нагласи дека без разлика што ќе одлучат српските власти во врска со овој случај, тоа „не е мој проблем”.

„Јас нема да контактирам со никого од државните институции во однос на одлуката; едноставно не ми е гајле за тоа“, рече таа.

Јовиќ и Радета се обвинети за непочитување на Хашкиот трибунал, поради тоа што наводно влијаеле на сведоците во процесот што во Хаг се водеше против нивниот партиски лидер, Воислав Шешељ.

Според обвинението, тие со закани, уцени и поткуп ги убедувале сведоците, да ги сменат своите искази или да не сведочат.

Шешељ, во април 2018 година, беше прогласен за виновен за воени злосторства и беше осуден на десет години затвор. Но, во затвор нема да оди, бидејќи повеќе од 11 години помина во притвор.

Радета нагласи оти неа и Јојиќ од екстрадиција ги штити Уставот на Србија и одлуката на Вишиот суд во Белград од 2016 година, во кој се наведува дека не постои правна основа за екстрадиција на радикалите, бидејќи српските власти можат да екстрадираат само лица кои Трибуналот ги бара за воени злосторства, а не и за непочитување на судот.

БИРН побара коментар од Министерството за правда на Србија, но до објавувањето на овој текст,одговор не добивме.

Пратеникот на владејачката Српска напредна партија (СНП), Владимир Ѓукановиќ, во вторникот изјави дека Србија треба да ја игнорира последната одлука на ММКТ, нарекувајќи ја „идиотска”.

Весна Шијачиќ од Фондот за хуманитарно право (ФХП), со седиште во Белград, вели дека одлуката на Вишиот суд во Белград против екстрадицијата на двајцата членови на радикалите, не е коректна.

„Во врска со налогот за апсење на Радета и Јојиќ, ФХП смета дека Србија не може да се повикува на своето домашно законодавство за да го оправда неисполнувањето на нејзините меѓународни обврски, вклучувајќи ја и целосната соработка (со ММКТ)”, изјави Шијачиќ за БИРН.

Таа нагласи дека во најмалку три идентични случаи на непочитување на судот, немало правна пречка за апсење на осомничените и нивна  екстрадиција во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ).

Шијачиќ како примери ги наведе случаите на Јелена Рашиќ, Драгомир Пеќанац и Љубиша Петковиќ.

Петковиќ беше осуден на четири месеци затвор за непочитување на судот во случајот на Шешељ, Пеќанац беше осуден на три месеци во случајот против поранешниот шеф на разузнавачките служби на Војската на Република Српска (ВРС), Здравко Толимир, додека Рашиќ доби условна казна.

Јована Спремо од Комитетот на правници за човекови права за БИРН изјави дека постојат две причини зошто била донесена одлуката постапката да се врати во Хаг. Една од нив е тврдењето дека сведоците не се чувствуваат доволно безбедно, за да сведочат во Србија.

„А втората го одразува сегашниот став на Србија кон процесуирањето на воените злосторства во целина”, рече Спремо, истакнувајќи дека властите во Белград  направиле серија неприфатливи потези, кога се во прашање воените злосторници.

„Меѓу другото, тука е величењето на воените злосторници, на кои им се дава јавен простор, како и непочитување на законот, бидејќи имаме осуденици за воени злосторства, на кои не им е одземен пратеничкиот мандат”, нагласи Спремо, алудирајќи на Шешељ, кој сѐ уште е пратеник во Собранието на Србија, и покрај осудителната пресуда што му беше изречена минатата година.

Голем број на меѓународни институции, вклучително и ОБСЕ, Советот на Европа и Европскиот парламент, во минатото ги критикуваа постапките за заштита на сведоците, во Србија.

Загриженост беше изразена и во однос на заштитата на сведоците во случајот на радикалите и судењето на поранешните српски борци, обвинети за воени злосторства во Косово, кое се одвива во Белград.

Европскиот парламент, во 2012 година, забележа „сериозни недостатоци во функционирањето на програмата за заштита на сведоци, во однос на случаите на воени злосторства, што резултирало со доброволно истапување од програмата на голем број сведоци, кои претходно биле систематски заплашувани“.

Во извештајот на Советот на Европа за 2011 година, е наведено дека поради несоодветно однесување на припадниците на единицата за заштита на сведоци, тие го менувале своето сведоштво или носеле одлука воопшто да не сведочат.