Регион

Српските воени инвалиди се надеваат на подобри времиња

Српските ветерани со инвалидитет, се надеваат дека новиот нацрт-закон ќе им овозможи подобри државни бенефиции

Дејан Ивановиќ, како учесник во војната во Косово, бил повреден во пролетта 1999 година, кога згазнал на противпешадиска мина на Кошаре и ја изгубил едната нога.

Овој воен инвалид, во последните 20 години, се бори со бирократијата, за да ги добие бенефициите што законски му припаѓаат.

Според српските закони, на луѓето како Ивановиќ, им следуваат серија права. Така, ветераните, меѓу другото, имаат право на ортопедски помагала, на месечен надоместок и на моторно возило. Но, во практика „постојат права што можат да се реализираат и права што не можат”, вели Ивановиќ за БИРН.

„Имам право да ја сменам протезата. Според процедурата, прво одам во (општинската) служба за ветерани, за да им кажам што ми треба, тие ме праќаат пред комисија, која треба да утврди дали замената е неопходна. Потоа се носи одлука за тоа кои права ги имам, па тоа го праќаат до министерството (за труд, вработување, боречки и социјални прашања). Откако ќе ја добијам одлуката, можам да одам во клиниката за да нарачам протеза“, објаснува Ивановиќ.

Тој додава дека целата процедура трае два месеци.

Ивановиќ е член на невладината организација „Градители на мирот” од Крушевац, која е една од оние што учествуваа во неодамнешната јавна дебата за новиот нацрт-закон, со кој ќе се регулираат правата на борците, на воените и на цивилните инвалиди од војната и на нивните семејства.

Јавната расправа заврши на почетокот на јуни, а министерот за труд, вработување, боречки и социјални прашања, Зоран Ѓорѓевиќ, изјави дека се очекува, нацрт-законот да се најде во Собранието, на есен.

Со овој закон им се признава статусот на оние кои се бореле во Хрватска, Босна и Херцеговина (до 1992 година) и во Косово, но тој не опфаќа некои групи на цивилни жртви од војната, како што се инвалидите со помалку од 50% инвалидитет, лицата кои биле во затвор или мачени на територијата на Србија, или на оние кои претрпеле повреди надвор од оваа земја.

Иста војна, различни бенефиции

На нацрт-законот се работеше неколку години, и за тоа време, борците организираа серија протести во Белград, со барање веднаш да се донесе закон, со кој ќе бидат унапредени нивните права.

Вук Станиќ, секретар на Здружението на воени и мирнодопски инвалиди на Србија, вели дека сепак, воените инвалиди имаат добри бенефиции.

„Сите овие години, нашето здружение ја следи борбата против укинувањето на правата што веќе ги имаме”, вели Станиќ.

Сепак, тој укажува дека дополнителните административни регулативи ограничиле некои од придобивките што ги имале.

„Во практика, некои работи ги добивате, а некои не. Голем проблем е што законот, кој теоретски е добар во практика, понекогаш се уништува со прописи“, истакнува тој.

Станиќ наведува пример на ветеран кој бил прогласен за инвалид, откако бил повреден со куршум во главата. Нему му било одбиено барањето за автомобил, бидејќи ги имал двете раце и нозе. Исто така, како што вели, одвреме навреме, борците со инвалидитет, се обврзани да докажуваат оти имаат здравствени проблеми.

Новиот нацрт-закон, гарантира и одредени придобивки за цивилите кои станале инвалиди за време на војната.

Меѓутоа, додека за борците прагот на инвалидноста е 20%, за цивилите тој изнесува 50%.

Претседателот на Сојузот на цивилни инвалиди од војната, Славко Ѓорѓевиќ, вели дека ова не е логично.

„Истата комисија ги оценува воените и цивилните инвалиди од војната, а тие немаат исти права. Нема никаква смисла“, нагласува Ѓорѓевиќ за БИРН.

Во коментарите што сојузот ги испратил до министерството за труд, вработување, боречки и социјални прашања, се истакнува дека цивилните жртви заслужуваат истите права како и воените  ветерани.

Од сојузот истакнуваат дека цивилите, кои станале инвалиди за време на конфликтите, особено оние кои имаат претрпено долготрајни повреди во детството, не можат да живеат нормален живот, ниту да се вработат, за да ги обезбедат своите основни потреби.

„Основната идеја на каков било вид на заштита, треба да тргнува токму од тоа дека на цивилните инвалиди од војната, треба да им се обезбедат најмалку истите можности како на воените ветерани, почнувајќи токму од фактот дека воените инвалиди, тоа станале како возрасни и формирани личности, свесно земајќи активна улога во воените дејства, додека на цивилните инвалиди, со моментот на настапување на инвалидноста, им се ускратени можностите за свесна одлука, за каква било форма на учество во нормалниот животен циклус“, објаснуваат од сојузот.

Според новиот предлог, воените инвалиди имаат право на лечење во бања, а некои имаат и право на парични средства за купување на автомобили. Цивилите кои станале инвалиди за време на војната, ги немаат овие права.

Нацртот, исто така, предвидува, лицата кои се соочуваат со одредени состојби, како што е пост трауматското стресно пореметување, да се класифицираат како ветерани, само доколку веќе се лекувале или извадиле наоди во болница.

Ограничени права на цивилните жртви

Зградата на центарот Ушќе во Белград, беше бомбардирана на 21 април 1999 година. Фото: Википедија.

Претходниот закон им го признаваше статусот ветерани, на лицата кои се бореле во двете светски војна, како и на некои учесници во воените дејства во 1990-тите (припадници на вооружените сили на Социјалистичка Федеративна Република Југославија или на нејзиниот наследник од 1992 година па наваму, Сојузна Република Југославија, која постоеше до 2003 година).

Предложениот закон ги проширува правата на лицата кои биле припадници на силите на југословенската војска, во Хрватска (до повлекувањето на 27 април 1992 година) и во Босна и Херцеговина (до повлекување на 19 мај 1992 година).

Исто така, се прошируваат и правата на припадниците на југословенската војска кои „воените должности или други должности, поврзани со учеството во вооружена акција преземена во мир по 27 април 1992 година, поради одбрана на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Сојузна Република Југославија, на Државната заедница Србија и Црна Гора, односно на Република Србија“, како и на лицата кои учествувале во војната во Косово, за време на воената интервенција на НАТО.

Но, Душко Челиќ, претседател на Координацијата на српски здруженија на семејствата на исчезнати, убиени и загинати лица од поранешна Југославија, вели дека единствениот позитивен напредок, во нацрт-законот, е тоа што исчезнатите лица ќе бидат класифицирани како цивилни жртви на војната, што ќе овозможи бенефиции за нивните семејства.

„Но, оваа концептуална дефиниција е исклучително условна и тесна, така што голем број исчезнати лица од Косово и Метохија, на пример, исчезнати после 10 јуни 1999 година, односно по завршувањето на агресијата на НАТО против Сојузна Република Југославија, нема да бидат опфатени со предложената законска формулација“, објаснува тој.

За да биде признаено како цивилна жртва или цивилен инвалид од војната, едно лице мора да биде рането, да е загинато или исчезнато, „како резултат на злоставување или лишување од слобода, од страна на непријателот, за време на војна и во текот на воени операции … на територијата на Република Србија”, се вели во нацртот.

Ивана Жаниќ, од Фондот за хуманитарно право, вели дека ова значи оти некои групи на луѓе,  повторно нема да бидат прогласени за цивилни жртви.

„Членовите на семејствата на жртвите од Сјеверин (кога Бошњаци биле симнати од автобус и убиени) или на оние кои беа убиени по киднапирањето од воз во Штрпци, нема да можат да добијат статус на членови на семејства на цивилни жртви од војната, бидејќи убиствата не биле извршени на територијата на Србија, ниту пак биле извршени од ‘непријателска војска’, бидејќи Србија не ја смета Војската на Република Српска за непријателска војска“, нагласува Жаниќ.

„Исто така, членовите на семејствата на убиените за време на операцијата ‘Бура’ (во Хрватска) нема да можат да го добијат овој статус, бидејќи ова насилство не се случило на територијата на Србија”, додава таа.

„Кога детално ќе го изанализирате предложеното законско решение, станува јасно дека само цивилните инвалиди и членовите на семејствата на жртвите од бомбардирањето на НАТО (на Југославија во периодот од 24 март – 10. јуни 1999 година) ќе бидат во можност да добијат статус на цивилни жртви со инвалидитет или на членови на семејство на воени цивилни инвалиди“, заклучува таа.

Од друга страна, Александар Соколовиќ, колега на Ивановиќ од здружението „Градители на мирот”, кој исто така бил ранет во Косово во 1999 година, е скептичен дека законот ќе обезбеди нови бенефиции за воените инвалиди.

„Што се однесува до овој закон, јас немам многу надеж дека ќе донесе нешто ново и подобро”, вели Соколовиќ, и додава: „Секогаш постои надеж, но сѐ повеќе се сомневам во тоа”.