Регион

Станишиќ и Симатовиќ, моќниците за безбедност на Белград

„Луѓето на Милошевиќ за на терен”

„Луѓето на Милошевиќ за на терен”, беше најчестиот опис на овие двајца водечки српски функционери на државната безбедност, Јовица Станишиќ, шеф на службата на Државна безбедност на Министерството за внатрешни работи и неговата десна рака, Франко Симатовиќ, командант на единицата за специјални операции (ЕСО).

Механизмот за меѓународни кривични судови (ММКС), кој работеше на предметите што останаа од Хашкиот трибунал, на 30 јуни ќе ја донесе пресудата во обновениот судски процес против Станишиќ и Симатовиќ.

Во обвинението се наведува дека тие биле дел од заеднички злосторнички потфат, заедно со Слободан Милошевиќ, водачот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, водачот на хрватските Срби, Горан Хаџиќ, командантот на хрватските Срби Милан Мартиќ, водачот на босанските Срби, Радован Караџиќ, воениот командант на босанските Срби, Ратко Младиќ и поранешниот претседател на босанските Срби,  Билјана Плавшиќ.

Нивната цел, се вели во обвинението, било присилно и трајно протерување на мнозинското население од несрпска националност, од голем број области во Хрватска и БиХ.

Единиците, за кои обвинителството смета дека тие двајца ги контролирале, имале разни имиња во текот на своето постоење од 1991 година до 2003 година. „Книнџи” (нинџи од градот Книн), „Скорпиони”, „Тигрите на Аркан”, „Црвени беретки” и ЕСО.

Водачот на единицата „Книнџи”, Драган Васиљковиќ, познат како капетан Драган, во 2017 година беше осуден во Хрватска, но ниту еден друг воен командант на другите единици, никогаш не се соочи со судење за воени злосторства.

Сепак, последниот командант на единицата, Милорад Улемек, познат како Легија, беше осуден на 40 години затвор за неговата улога во атентатот во кој во 2003 година беше убиен  српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ, додека двајца други поранешни команданти, Жељко Ражнатовиќ, познат како Аркан, и Радован Стојичиќ, познат како Баџа, беа убиени по војната, во мафијашка престрелка во Белград.

Според обвинителството, лицата што ја организирале, снабдувале, финансирале, поддржувале и ја раководеле обуката на единиците, биле Станишиќ и Симатовиќ.

Ангажирање на други лица за најлошите насилства

Јовица Станишиќ и Слободан Милошевиќ на церемонија во центарот за обука на единицата за специјални операции во Кула, Србија, во 1997 година. Скриншот: ММКС.

Идејата за формирање на специјални единици што ќе ги штитат Србите надвор од државата, на териториите на поранешна Југославија што беа на работ на војната, дојде во март 1991од поранешниот претседател Милошевиќ.

Говорејќи на еден состанок со претседателите на општините во Србија, Милошевиќ изјави: „Владата има задача да подготви дополнителни групи кои ќе нѐ обезбедат и ќе ни овозможат да ги браниме интересите не само на нашата Република, туку и интересите на Србите надвор од Србија”.

Ива Вукушиќ, историчар на Универзитетот во Утрехт во Холандија, вели дека постојат три главни причини за формирањето на паравоените единици; прво – да се дополнат трупите, затоа што „немало толку многу луѓе кои сакале да се борат во војните”.

Втора причина, додава Вукушиќ, е да се понуди „можно негирање”. Имено, овие единици можеле  да се користат за исполнување на државните цели, а во исто време, „државата можела да каже ‘ние немаме ништо со овие единици, овие единици не се дел од нашата војска, тие не се формален дел од нашите вооружени сили, затоа ние не сме одговорни за нив’”.

„Ова е едноставен начин државите да ангажираат други лица за некои од најтешките насилства, односно, би кажала, на актери кои не се формално поврзани со нив”, објаснува таа.

Третата причина, според Вукушиќ, лежи во тоа што „паравоените формации како овие, честопати се отворени за луѓе со криминално минато, луѓе кои доаѓаат од насилна средина и кои многу не се грижат за почитување на законот”.

Еден месец по говорот на Милошевиќ, Станишиќ, кој во тоа време бил шеф на ДБ, и Васиљковиќ, отпатувале во Книн, Хрватска, за да им помогнат на локалните Срби да ја формираат воената единица „Книнџи” и да ја одржат самопрогласената Република Српска Краина (РСК).

Арогантниот шеф Френки

Политичарот на босанските Срби, Момчило Крајишник (лево) со Јовица Станишиќ, Радован Караџиќ и Франко Симатовиќ (десно) за време на војната – фотографија што обвинителството ја користеше како доказ. Скриншот: ММКС

Франко Симатовиќ Френки бил човекот одговорен за работите на теренот, кој во Хрватска и БиХ се занимавал со разузнавачка работа.

Симатовиќ „работел под команда на Јовица Станишиќ”, иако многу сведоци во судскиот процес го опишаа како „очи, уши и десна рака на Станишиќ”.

Адам Вебер, хашки обвинител во случајот Станишиќ и Симатовиќ од 2009 до 2013 година, посочува дека двајцата биле „искри што ја запалиле куќата”.

„Ако ги погледнете нивните улоги за време на конфликтот, тие имаа многу суштински и критичен удел во предизвикувањето, а потоа и во продолжувањето на кампањата за етничко чистење, мислам, преку вооружување, преку финансиска поддршка, преку распоредување на специјалните единици, тие навистина ги разгоруваа етничките тензии, кои ја зафатија прво Хрватска, а потоа и Босна и Херцеговина”, објаснува Вебер.

И покрај тоа што Симатовиќ негираше дека ДБ ги координирала и контролирала специјалните единици на теренот, говорот што тој го одржа во 1996 година, стана клучен доказ за обвинителството, бидејќи се чинеше дека докажува оти српските власти неколку години претходно, на почетокот на војните во Југославија, формирале тајна единица.

„Единицата беше формирана во мај 1991 година, во време на распаѓањето на Југославија, и од почетокот на своето формирање таа функционира како алатка за одржување на националната безбедност на српското население … во сите негови етнички области“, изјави Симатовиќ.

Голем број сведоци, главно лица од единицата, потврдија дека тие биле дел од ДБ и дека биле на нејзиниот платен список.

„Платите на „Беретките“ и на „Тигрите“ беа давани во готово, во посебни пликови. „Беретките“ добиваа двојно повеќе од „Тигрите“, изјави на судењето во 2010 година, Дејан Слишковиќ, поранешен припадник на единицата.

Други поранешни членови изјавија оти„сите знаеле дека Френки ги контролира единиците“. Некои го опишаa како „заповедничка и арогантна личност“.

На судењето беше кажано и дека некои команданти на единицата, како Аркан и Легија, „редовно доаѓале на консултации во седиштето на Станишиќ и Френки“.

Вукушиќ потенцира дека е добро познато оти Симатовиќ делувал на теренот.

„Луѓето всушност зборуваа за него именувајќи го како Френки, тој бил толку познат што има документи што тој ги потпишал само како Френки. Тоа значи дека луѓето ве познаваат“, додава таа.

Кога конфликтот на почетокот на 90-тите започна да се шири и во другите делови на поранешна Југославија, српското раководство, под водство на Милошевиќ, одлучи, покрај Френки, да постави уште една личност, па, така, за шеф на територијална одбрана го назначува Радован Стојичиќ, познат како Баџа.

Иако обвинителството го наведе Стојичиќ како дел од заедничкиот злосторнички потфат, заедно со Милошевиќ, Симатовиќ и Станишиќ, никогаш не подигна обвинение против него. За најбруталните операции во некои делови на Хрватска и источна Босна, Стојичиќ го ангажирал Аркан и неговата единица Српска доброволна гарда, позната  како „Тигрите на Аркан“.

Според обвинението против Симатовиќ и Станишиќ, луѓето на Аркан се одговорни за убиства на најмалку 40 затвореници во близина на планината Даљ во Хрватска и 26 хрватски цивили кои биле фрлени во реката Дунав, додека во БиХ, „Тигрите“, наводно, убиле најмалку 80 лица во градот Сански Мост и 20 цивили од несрпска националност во градот Зворник.

Аркан, кого во 1996 година МКТЈ го обвини за воени злосторства, никогаш не се соочи со судење, бидејќи беше застрелан во Белград во 2000 година.

Падот на Станишиќ

Јовица Станишиќ во судница. Фото: МКТЈ

Две години по официјалното формирање на единицата, во 1998 година, Станишиќ беше тргнат од позицијата шеф на ДБ. По завршување на војната во БиХ, во Белград избија протести против Милошевиќ, а Станишиќ во неколку наврати се сретна со лидерите на опозицијата, што роди сомневања за неговата лојалност.

Милошевиќ се сомневаше дека Станишиќ одржува врски и со странски тајни служби, вклучувајќи ја и ЦИА, бидејќи тој се залагаше, во конфликтот на Косово, да се вклучи и меѓународната заедница.

Како резултат на тоа, Станишиќ беше отпуштен. Сепак, долгогодишниот српски новинар, Милош Васиќ, вели дека всушност Станишиќ поднел оставка, затоа што „од самиот почеток му било јасно дека целата работа нема да заврши добро”.

Станишиќ се пензионираше во јули 2000 година, а Симатовиќ во декември 2001 година.

ЕСО постоеше до 2003 година, кога беше распуштена бидејќи многу нејзини припадници, вклучувајќи го и Легија, беа директно вклучени во атентатот врз премиерот Ѓинѓиќ.

Истата година, Хашкиот трибунал ги обвини Станишиќ и Симатовиќ за убиство, прогон врз политичка, расна и верска основа, депортација и нехумани дела.

Набргу потоа, тие беа уапсени, а нивното судење започна во 2008 година. Двајцата се изјаснија за невини и беа ослободени од обвиненијата во 2013 година, но пресудата беше укината во 2015 и беше наложено повторно судење на кое тие повторија дека не се виновни.

Станишиќ не присуствува на рочиштата од 2017 година, кога беше привремено ослободен, бидејќи боледува од хронично заболување на дигестивниот систем и депресија, но се очекува да биде присутен на изрекувањето на пресудата.

Milica Stojanovic and Marija Ristic

Ова е ажурирана верзија на статијата што БИРН ја објави на 30 мај 2013 година.