Првиот сериозен топлотен бран годинава дојде во јуни, уште пред почетокот на календарското лето. По него следуваа невремиња што предизвикаа штети во повеќе градови. Високите температури, како и честите и нагли промени, повторно во јавноста предизвикаа коментари дека „ова лето е како ниедно досега“.
Сепак, луѓето што ги проучуваат климатските промени, одамна предупредуваат дека непредвидливоста, како и зачестеноста на т.н. екстремни настани (невремиња, топлотни бранови, пожари, поплави и друго) ќе бидат главната карактеристика на денешницата и на иднината, односно главниот начин на кој ќе ги чувствуваме ефектите од нив.
Во земјава сè уште не е доградена институционалната рамка за справување со овие последици. Со темата климатски промени главно се занимава Министерството за животна средина, а другите клучни институции се вклучуваат повремено и проектно. Две години се чека донесувањето на Законот за климатска акција, со кој треба да се подобри отпорноста. За овие теми, разговаравме со Бојана Станојевска-Пецуровска, претседателката на Центарот за климатски промени.
БИРН: Имавте анализа за ранливоста на општините на климатски промени, врз основа на екстремните настани што им се случувале во изминатите години. Кои видови екстремни настани општините ги пријавија како зачестени?
Станојевска-Пецуровска: Анализата ја направивме врз основа на два вида податоци. Едните ги добивме од општините, согласно настаните што тие ги имаат регистрирано, а другите што ни ги обезбеди Центарот за управување со кризи (ЦУК). Податоците што ни ги обезбеди ЦУК се однесуваат само на настаните поврзани со екстремни временски настани, како што се град, силни ветришта, дождови и сите видови поплави, снежни наноси, лизгање на земјиште, шумски пожари во периодот од 2005 до 2022 година.
Анализата покажа дека најчесто се јавуваат пожарите и тие претставуваат околу 80 отсто од сите евидентирани настани. Пожарите се најзастапени во месеците јуни, јули и август, односно периодот на највисоки температури во годината. Притоа, позастапени се пожарите на отворено отколку шумските пожари. Воедно, и најголемата материјална штета е причинета од нив. Поплавите сочинуваат 10 отсто од сите настани, и тоа главно како резултат на излевање на реките или на атмосферските води.
Другите екстремни временски настани (снег и снежни наноси, град, силен ветер, мраз, дожд, град, електрични празнења) учествуваат со 8 отсто во анализираниот период. Од податоците што ги добивме од општините, вкупниот број евидентирани настани е многу помал од официјалниот, а има отстапување и во структурата на настани според видот. Според евиденцијата на општините, вкупно има 331 природна непогода. Најголем удел во овие настани, исто така, имаат пожарите, вкупно 117.
БИРН: Познато е дека за подобро приспособување на земјата на климатските промени е потребна заедничка работа на многу институции што ги покриваат критичните сектори – храна, енергија, вода, урбано живеење… Сепак, долго време за климатски промени се зборуваше речиси исклучиво во Министерството за животна средина. Дали се придвижија работите и во другите институции во последниве години?
Станојевска-Пецуровска: За приспособување на земјата кон ефектите од климатските промени и подобро справување со ризиците најпрво мораме да изработиме Национален план за адаптација кон климатски промени. Со планот ќе имаме проценка за идните настани, но ќе можеме и да ги предвидиме ризиците што се закануваат во сите сектори. Тука е здравствениот сектор, секторот земјоделство и шумарство, економијата, заедно со сите сектори, вклучително и индустријата и бизнисот, на кои, исто така, ќе им биде потребно приспособување.
Неопходно е да бидат вклучени сите при подготовката на ваков документ, па затоа неговата изработка и спроведувањето потребно е да бидат сместени повисоко, односно да бидат координирани од страна на владата. Генерално, во моментов, климатските промени се надлежност само на Министерството за животна средина, а за справувањето со некои од ефектите се одговорни Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и ЦУК, но само кога станува збор за цивилна заштита или за кризна состојба.
Надлежности мора да им бидат доделени на Министерството за економија, Министерството за земјоделство, Министерството за здравство и Министерството за транспорт и врски, при што секој во својот сектор ќе креира мерки за справување, а еден орган на повисоко ниво ќе ги координира. Во моментов постојат некои активности за справување, особено во министерствата за земјоделство и за здравство, но најчесто тие се проектни и непостојани, па и ефектите од нив не може да се следат соодветно.
БИРН: Колку Законот за климатска акција (кога и да се донесе) ќе може да придонесе за создавање поголема отпорност и подобро приспособување на општеството на ефектите од климатските промени, посебно на справувањето со екстремните настани и со последиците од нив?
Станојевска-Пецуровска: Значајно е дека Законот ја уредува адаптацијата кон несаканите ефекти како јавен интерес и за таа цел ги задолжува јавните институции, но и општините активно да учествуваат и да иницираат дијалог на различни нивоа за прашањата од областа на енергијата, климатската акција и приспособувањето кон климатските промени. Исто така, пропишува и мерки за соработка со ресорните министерства за интегрирање на прашањата за ублажување и адаптација на климатските промени во законодавството, стратешките документи, програми и проекти, особено во секторите транспорт, енергија, вода, земјоделство и рурален развој, урбан развој и управување со катастрофи.
Ваквите мерки се очекува да придонесат за идентификување соодветни мерки за намалување на ранливоста и зголемување на отпорноста на климатските промени во засегнатите сектори и нивно спроведување. Значајно е и тоа што законот предвидува национални акции за адаптација кон климатските промени, кои вклучуваат и проекции за климатски промени, временски екстремни ситуации, влијанија од климатските промени, процена на ранливост на климатските промени и ризици од климатските промени и клучни климатски опасности, но и проценка на капацитети за адаптација.
За ваквите мерки, Министерството ќе треба да донесува извештај до Енергетската заедница, па можеме да очекуваме некакво придвижување. За општините, законот предвидува обврска за изработка на плански документи од областа на акции за адаптација за кои се должни да обезбедат средства од своите буџети, а за спроведувањето ќе мора да го известуваат МЖСПП на годишно ниво. Доколку се спроведуваат сите одредби од Законот за климатска акција, нормално кога прво ќе се усвои, можеме да очекуваме обезбедување поголема отпорност и приспособување на различните сектори на ефектите од климатските промени, а особено да се справиме соодветно со екстремните настани и со последиците од нив.