Регион

Ставот на Србија кон Косово „e штетeн за косовските Срби”

Интервју со косовскиот политички аналитичар, Агон Малиќи

Негативниот став на српските власти кон Косово, „придонесува, косовските Срби да се сметаат за антидржавен елемент” во оваа земја, вели во интервју за БИРН, Агон Малиќи, политички аналитичар од Приштина.

Ваквата ситуација ќе продолжи сѐ додека односите меѓу Белград и Приштина не се нормализират, предупредува Малиќи, уредник на порталот „С-бункер“, на кој се објавуваат политички анализи и мислења.

„Односите меѓу Косово и Србија не можат никако да бидат нормализирани, сѐ додека Србија бара некакви права или суверенитет врз територијата на Косово, и тоа секогаш ќе се гледа како егзистенцијална закана за безбедноста. Покрај тоа, косовските Срби секогаш ќе се сметаат за антидржавен елемент“, вели Малиќи.

Србија жестоко се противи на независноста на Косово и вложува големи напори, да ги убеди малите земји, да ја повлечат својата одлука за признавање на Косово, при што води и енергична кампања против неговото членство во меѓународните организации.

Малиќи ја опишува сегашната состојба како „исклучително штетна” за српското малцинство во Косово.

„Тоа им дава совршен изговор на оние кои не сакаат да ги интегрираат и да им помогнат на малцинствата, едноставно да ги игнорираат”, рече тој.

Србија одби да ја признае независноста што Косово ја прогласи во 2008 година, иако, со посредство на Европската унија, беа одржани неколку различни рунди преговори (последната започна во 2013 година), со цел нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.

Сепак, Малиќи потенцира дека ова „нормализирање на односите”, „дипломатски гледано, значи директно или индиректно признавање на Косово како држава, од страна на Србија, кое би дошло паралелно со решавање на бројните билатерални спорови предизвикани со сецесијата на Косово”.

„Но, не мислам дека нормализацијата значи нешто како добри односи или хармонија, туку само создавање на предуслови за нормални меѓудржавни односи без закани”, истакнува тој.

„Процесот на помирување би требало да биде покомплексен и посеопфатен општествен процес на градење на мирот, кој ќе ги вклучи и мерките за ревизија (на содржината) на книгите по историја, решавање на прашањето на воените злосторства и исчезнатите лица, итн”, додава тој.

„Вкоренетиот национализам” на државниот апарат

Германската канцеларка, Ангела Меркел, со претседателот на Србија Александар Вучиќ Фото:https://www.bundeskanzlerin.de/

Малиќи, оставајќи го настрана политичкиот дијалог на највисоко ниво меѓу Србија и Косово, вели дека процесот на нормализација би можел „теоретски” да се развива и со иницијативи од „долу кон врвот”, во кои ќе учествуваат обичните луѓе, но дека тоа е „практично невозможно во општества, во какви што живееме“.

„Овие напори се корисни и неопходни, но тие остануваат маргинални во контекст во кој не само национализмот, туку и ксенофобијата остануваат длабоко вкоренети, а националната дистанца (меѓу косовските Албанци и Срби) останува огромна”, вели тој.

„Политичките елити би сакале ситуацијата да остане ваква, и како средство за зачувување на моќта во земјата, и заради зачувување на нивниот монопол над односите во очите на странските сили. Целиот државен апарат – од училиштата, до медиумите – се користи за работите да останат такви какви што се“, додава тој.

Постои уште една пречка што ги спречува Србите и Албанците да комуницираат – јазичната бариера. Повеќето луѓе од овие две етнички групи, не го зборуваат јазикот на другата.

„Не можеме меѓусебно да си пристапиме на општествено ниво и оттука не можеме меѓусебно да се хуманизираме. Скептичен сум дека нешто големо може да се случи ‘од доле кон врвот’, а и ако се случи, тоа ќе биде процес што ќе трае со децении“, нагласува Малиќи.

„Засега пристапот ‘од доле кон врвот’ останува ограничен на маргините на граѓанското општество и културната сфера, и единствениот начин на којшто, како што можам да видам, овој процес е важен на краток и среден рок, е да се делува во правец на обезбедување, работите да не се влошат и да не доведат до друг конфликт“, додаде Малиќи.

Тој посочува дека обидите за соочување со минатото мора да вклучуваат отворен разговор за воените злосторства, за суспендирањето на автономијата на покраината Косово и наметнувањето на директното владеење на Белград од страна на српскиот претседател Слободан Милошевиќ во 1989, како и за, како што вели, „апархејдот во деведесетите“, кога под власта на Милошевиќ, репресијата се зголеми.

Тој потенцира дека треба да има отворена дискусија за „систематската дехуманизација на Албанците, која не започна со (сегашниот српски претседател Александар) Вучиќ и (српскиот таблоид) Информер, туку во раните 80-ти”.

„Можеби тогаш луѓето ќе разберат зошто Албанците, дури и умерените, на крајот беа принудени да застанат зад ОВК (Ослободителната војска на Косово) и да ја поддржат”, додаде Малиќи.

Тој вели дека во српските таблоиди и на социјалните медиуми, Албанците продолжуваат да се „прикажуваат како агресивни диви ѕверови и исклучиво како злосторници”.

„Ова има свои интелектуални корени во многу српски националистички автори, се до (писателот и поранешен југословенски претседател) Добрица Косиќ, кој (во својата книга „Записите на писателот 1999-2000: Времето на змијата“) за Албанците напиша:„Тој социјален, политички и морален талог на племенскиот варварски Балкан ги зема за сојузници САД и Европската унија, против најдемократскиот, најцивилизиран, најпросветлен балкански народ – српскиот народ“, потенцира Малиќи.

Тој додава дека расизмот кон Албанците може да се види и во интеракцијата со поумерените и полиберални Срби, но оти тој е „често суптилен и индиректен”.

„Со сето ова што го кажав, не мислев да кажам дека нивото на омраза кон Србите не е исто и кај Албанците, таа е подеднакво висцерална, но едноставно нема такво расистичко или надмоќно значење и со сигурност не е толку распространета во медиумите”, додава тој.

Соочување со далечното минато

Камионот ладилник во кој биле сокриени 86 тела, најден во реката Дунав во април 1999 година / Фото: Министерство за внатрешни работи на Србија

Според Малиќи, Србите треба да се вратат во минатото, уште пред војната во 90-тите или доаѓањето на Милошевиќ на власт, за да се соочат со минатото на вистински начин.

„Се плашам дека Србија тешко ќе се справи со минатото, без целосно да го деконструира косовскиот мит и да го реинтерпретира наративот што го оправдува нејзиното владеење и тврдењата дека Косово е нејзино, уште од падот на Отоманската империја”, вели Малиќи.

Косово веќе долго време има силна симболична улога во колективното сеќавање на Србите, која и натаму опстојува. Тоа беше дел од средновековна Србија, која го изгуби кон крајот на 15 век, за време на владеењето на Отоманската империја. Србија ја врати контролата врз Косово за време на Балканските војни на почетокот на 20 век, за повторно да го изгуби како резултат на војната во 1998-1999 година.

„Почетната точка на прашањето е дали тој момент (враќањето на територијата на Косово на почетокот на 20-ти век) бил ослободување, или всушност окупација и колонизација на она што тогаш била територија населена од мнозинство албанско население, кои се оправдуваат со националистичката митологија”, прашува Малиќи.

„Причината зошто одам толку далеку во минатото е затоа што митолошкото тврдење дека Косово е нејзино, ја покренува идејата дека ‘Албанците некако го зеле Косово од Србија’ и под тој изговор се оправдуваат сите злосторства и неправди од минатото”, додава тој.

Паралелно со политичката репресија во Југославија, пред и за време на владеењето на Милошевиќ, имало и жестоки внатрешни политички конфликти меѓу косовските Албанци, за време на кои биле извршени злосторства, истакнува Малиќи.

„Мислам дека меѓународната заедница го презеде овој ужасно погрешен и тесен пристап кон транзициската правда, фокусирајќи се само на меѓуетничката димензија на конфликтот, игнорирајќи ги другите динамики и злосторства пред (војната) во 1999 година”, додава тој.

„Не можеме сериозно да се осврнеме (на она што се случи) на 1999 година, без да зборуваме за злосторства на (југословенскиот) комунистички режим, што не се решени”, потенцира тој.

Во меѓувреме, тој посочува дека косовските Албанци не чувствуваат дека треба да бидат загрижени за злосторствата врз Србите во Косово, извршени за време на војната во 1998-1999 година, затоа што Србија не покажала каење за злосторствата извршени од нејзините сили.

„Бидејќи Србија е во рацете на националистите и не се покаја за своето минато, постои чувство дека не треба да зборуваме ниту за српските жртви на војната”, заклучува тој.