Анализи

Стокмени за топ криминал, а гонеле дрога во грамови

Како почна и како одново почнува Обвинителството за гонење организиран криминал

„Денес ќе стане кристално јасно зошто трескавично по секоја цена се менуваа деталните урбанистички планови во Општина Центар“. Со овие зборови на 15 март 2015 година, од партиското седиште на Бихаќка, Зоран Заев објави дека Никола Груевски преку фирми на офшор-компании купувал елитни парцели на Водно кришум и за „џабалак“.

Сопартиецот на Заев, Петре Шилегов, два дена по бомбата одржа и прес-конференција, како што рече „на една од парцелите на Никола Груевски во илјадници квадратни метри“.

Нецели две недели подоцна, Дамјан Манчевски до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава и документација против Никола Груевски и неговиот кум Ристо Новачевски, Тодор Мирчевски, Mиле Јанакиески, како и против непознати лица од фирмата „Кара“ и сопственици на офшор-компаниите „Сирах Лимитед“ од Белизе, „Т&МЈ Инвестмент“ од Лугано, Швајцарија.

Според пријавата, лицата формирале злосторничко здружување, переле пари и ја злоупотребиле службената положба и овластување.

Бил оформен предмет со број РО 83/15. Експресно, односно дваесет дена подоцна, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција проценило дека предметот треба да го работи скопското Обвинителство, па му го отстапиле на постапување, каде што предметот добил нов број.

Дотогаш биле испитани четворица од пријавените и биле испратени барања за прибирање информации до Градот Скопје, Општина Центар и до Катастарот.

Тогашната опозиција оваа тема долго ја држела активна во јавноста и постојано одржувала прес-конференции.

Во 2018 година, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) почнало да го работи случајот „Империја“, па оваа кривична пријава станала дел од предметот.

Изминатава недела, односно пет и пол години по пријавата, предметот од предистрага премина во истрага во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, раздвоена од случајот „Империја“.

Парцелите на Водно не се никаков исклучок за долгогодишните траектории на кривичните пријави. Истата судбина ја доживеа „Поштенска банка“, за која, во скопското Обвинителство има кривична пријава уште пред 15 години, а деновиве е пред обвинение во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Идентичен случај е и со кривичната пријава за случајот „Актор“, за кој пријавата датира од 2014 година.

Преку овие примери може да се отслика борбата со криминалот на „белите јаки“, која по згаснувањето на СЈО единствено ја води Обвинителството, со кое, половина мандат шефува Вилма Русковска.

Случајот со парцелите на Водно, како и неколкуте истраги и обвиненија на оваа институција на прогонот во изминатите години се обид да се поправи впечатокот во јавноста дека во минатото била маша на политиката.

БИРН разговараше со неколкумина обвинители од првиот обвинителски состав и го анализираше профилот на ова тело, кое како институција постои 12, а вкупно од основањето – 16 години.

По периодот на селективно или одложено постапување за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, ова Обвинителство е пред нов почеток во нови простории, со повеќе обвинители и повеќе пари.

Со отворањето на овие високопрофилни случаи, Обвинителството како да навестува дека ќе работи на она што со години му е законска должност: да го гони криминалот во највисоките сфери на власта.

Антимафијашки тим во блиндирани возила

Слаб интерес кај обвинителите да гонат високи функционери | Фото: БИРН

Во август 2006 година, на власт дојде ВМРО-ДПМНЕ. Државен обвинител е Александар Прчевски. Дотогаш, две години функционира одделението за гонење организирн криминал и корупција, со пет обвинители, каде што шеф е Јован Илиевски.

Два месеца по доаѓањето на Груевски, Илиевски на дебата изјави дека, наместо одделение, организираниот криминал во Македонија треба да го гони посебно обвинителство.

„Двегодишното работење на одделението создаде желба да се формира посебно јавно обвинителство оти оваа институција се наоѓа во неприродна позиција. Основните прашања во одделението не се регулирани и тоа ги става обвинителите во несигурна положба“, рече тогаш Илиевски.

Следната 2007 година, министерот за правда, Михајло Маневски најави проект од 1,4 милиони евра, кој го финансира Европската Унија за да се зајакне капацитетот на одделот за борба против организираниот криминал и корупцијата.

„Сакаме бргу да излеземе од друштвото во кое по корупција Македонија е рангирана на 103-то место, а каде што не ѝ е местото“, рече тогаш Маневски.

Во 2007 година, одделението стана обвинителство, кое почна со работа следната, 2008 година. Прв шеф беше Јован Илиевски, кој се задржа на челната позиција за време на целиот мандат на ВМРО-ДПМНЕ до 2016 година. За него во јавноста повеќе се говореше дека е баџанак на ексшефот на тајната полиција, Сашо Мијалков, отколку кои му се постигнатите резултати.

„Имињата на обвинителите беа соопштени на настан во Отешево. Се сеќавам дека тогашниот обвинител Прчевски во интервју на телевизија го најави како антимафија тим, кој ќе се вози во блиндирани возила“, вели за БИРН, Вилма Русковска, која се присети дека првично работеле од една канцеларија.

„Бев воодушевен. Се чувствував дека правам нешто корисно за државата“, ова е впечатокот на нејзиниот тогашен колега Бодан Лазаревски: „Имаше обвинети функционери, се вратија и доста пари во буџетот“.

Неговиот тогашен колега Ацо Колевски раскажа и дека постоела „исклучителна колегијалност“ на почетоците, иако ентузијазмот не ги држел долго.

Единствената фотографија што може да се пронајде по архивите, а е поврзана со изборот на првиот обвинителски тим е од ноември 2008 година.

Првиот тим во ова Обвинителство (В. Русковска најгоре лево) | Фото: Министерство за правда

Застанати еден до друг, во зградата на Апелациониот суд во Скопје, десетте избрани обвинители направија фемили-фото. Со гестот го означија почетокот на работата на новото обвинителство. Во првата линија се тогашниот министер за правда, Михајло Маневски и Елена Гошева, првата претседателка на Советот на јавни обвинители.

Медиумските написи говорат дека за таа обвинителска позиција, обвинителите не биле многу заинтересирани. Од приближно 190 обвинители во Македонија, на огласот за оваа функција тогаш се јавиле само 12 за вкупно 10 места.

И денеска обвинителите не сакаат да гонат висока корупција

Уште во Годишниот извештај за 2009 година пишува дека треба да се утврди зошто „јавните обвинители воопшто не се мотивирани да се пријават за работа во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција“. На последниот оглас за работа кај Русковска се пријавиле 15 обвинители, од кои осум од СЈО, но некои веќе ги повлекле документите.

Меѓу првично избраните беа ликови што оставија спротивставени сеќавања во историјата на кривичниот прогон кај нас: сегашната шефица Вилма Русковска, разрешениот државен обвинител Марко Зврлевски, ексшефицата на скопското обвинителство, претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски, државниот обвинител Бодан Лазаревски, Гордана Ѓешкоска… На средината од фотографијата е и првиот шеф на новоформираната институција Јован Илиевски.

Од сите овие обвинители, само Вилма Русковска денеска работи во ова Обвинителство. Некои заминаа во адвокатура, некои се вратија во обвинителствата од каде што дошле, некои вртоглаво напредуваа во кариерата, а првиот шеф на ова Обвинителство, инаку баџанак на првиот човек на УБК во тоа време, Мијалков, стана судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Обвинителството е во иста зграда со Апелацискиот суд во Скопје | Фото: БИРН

Формирањето на првиот обвинителски тим помина во затегнати меѓучовечки односи, па така, наместо десет, првично во обвинителската екипа беа избрани само седум обвинители.

Меѓу првите предмети што ги работела Русковска е „Тајвански кредити“, каде што обвинет беше ексдиректорот на Агенцијата за обнова и развој, Васил Tупурковски, кој по многу враќања на процесот беше ослободен од обвинението. Таа ги застапувала и предметите „Детонатор“ и „Змиско око“.

Раскажа дека предметот со реден број еден бил нејзин, како и првата наредба за посебни истражни мерки: „Тоа беше предмет за дрога“.

Сo годините се менуваа многу обвинители, а јавноста ги памети и медиумски најекспонираните предмети што ги работеше Обвинителството со МВР со кодни имиња како: „Изгрев“, „Шпион“, „Ликвидација“, „Армиско оружје“, „Арсенал“, „Маѓар телеком“, „Фаланга“, „Керозин“, „Агент“, „Метастаза“, „Поткуп“, „Диво насеље“…

Некои од нив, како „Змиско око“, „Шпион“, „Армиско оружје“, „Арсенал“ и други, сѐ уште се судат и по една и пол декада.

Во тоа обвинителство, десет години подоцна, во 2018 година беше формирано и посебно одделение за истражување и гонење кривични дела што ги сториле полицајци или припадници на затворската полиција.

Обвинителство под долготраен политички анестетик

Обвинителката Гордана Ѓешкоска која беше дел од првиот тим обвинители | Фото: БИРН

Обвинителите што гонат организиран криминал се тие што треба да го гонат т.н. „криминал на белите јаки“, односно во највисоките слоеви на власта. Нивниот избор во ова Обвинителство постојано се поврзуваше со лобирања, па дури и со политичка интрузија во системот.

Најубедлив пример за тоа е изборот на обвинителката Гордана Ѓешкоска, за што беше објавена бомба во која разговараат Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска.

Впрочем, многу години пред големиот скандал со прислушувањето, медиумите обелоденија афера во која првиот шеф на Обвинителството, Јован Илиевски, бил незаконски прислушуван додека разговарал со гевгелиска обвинителка.

Но, овој настан тогаш не го стави под прашалник работењето на институцијата, која подоцна беше посочена како подложна на политички влијанија.

Извештаите на Рајнхард Прибе, особено оној од 2017 година, го потврдија она што и јавно се говореше дека ова Обвинителство „страда од директни и индиректни надворешни влијанија, кога ги истражува случаите на висока корупција“.

Во ова обвинителство, освен реткото и селективно отворање предмети по допрен глас, изостана постапувањето и за кривични пријави.

Таков пример беше „Македонска банка“, кога Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција експресно ја отфрли пријавата со која Никола Груевски беше пријавен дека примил пари во готовина. Образложението беше дека немало докази. Јавноста не виде епилог од кривичната пријава за незаконското прислушување.

Обвинителството во тоа време не покажа дека постапува ниту за кривичната пријава за предметот за набавка на софтвер од Израел за потребите на МВР, а завршница не доби ниту кривичната пријава против ексминистерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, за проектот Скопје 2014.

Но, додека овие кривични пријави стоеја во фиока, бргу се одвиваа процесите, како „Пуч“, каде што обвинети беа лидерот на тогашната опозиција Зоран Заев и ексразузнавачот Зоран Верушевски. Освен тоа, на Јутјуб беа објавени снимки од посебните истражни мерки направени во кабинетот на Груевски и до денеска остана дилема како тоа се случило.

„Осумдесет проценти од предметите тогаш беа за мигранти и дрога“, вели обвинителка што работела во ова Обвинителство во претходните мандати, алудирајќи на тоа дека криминалот кај функционерите бил ставен „на чекање“.

„Некогаш предметите за дрога беа во грамови, а годишно едвај стигнуваа до неколку килограми“, вели Русковска и посочи дека поради принципот на хиерархија, водењето на предметите зависело од челните луѓе на ова Обвинителство и на државното обинителство каде што се реферираат предметите.

Тоа беше и причина што седум години по формирањето на Обвинителството за гонење организиран криминал и коруцпија, се оформи сосема ново обвинителство.

Новите простории на Обвинителството во зградата на стариот Државен архив | Фото: БИРН

Специјалните обвинители, најмногу кривични пријави презедоа од скопското обвинителство, но и тие како и оние 15 од Организиран криминал и корупција носеле ознака РО (разно), што значи дека речиси и да немало никакво преземено обвинителско дејство.

БИРН го контактираше Илиевски, кој е судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, за да сподели какво му било искуството како шеф на ова Обвинителство. Рече дека поради позицијата на која се наоѓа, не сака да одговори.

Нѐ упати да ги провериме извештаите за работата на Обвинителството, со кои, како што рече, ќе добиеме „целосна и објективна слика за обемот и квалитетот на работата“, и за „постигнатите резултати“.

Неговиот колега Ацо Колевски вели дека најголемиот проблем низ годините било тоа што секоја власт преку полицијата, чиј прв човек е од нивните редови, поднесувала кривични пријави за претходната власт и го користела обвинителството како своевидна алатка за политичка одмазда.

Повеќе пари од буџетот

Буџетот на Организиран криминал досега им беше десетпати помал од оној на СЈО. Според годишната сметка, просекот е приближно 350 илјади евра, од кои најмногу оделе за плати. Од следната година ќе се издвојува најмалку 0,4% од буџетот за целото Јавно обвинителство, а за тоа колку пари ќе се трошат во ова обвинителство, предлага самиот шеф на тоа Обвинителство.

„Политиката сакаше брз ефект и брзо процесирање на предметите“, вели тој, одговарајќи на прашањето зошто имаше потреба при едно веќе специјализирано, да се формира уште едно, ново специјално јавно обвинителство.

„Имаше турбулентни периоди, се одразуваше и политичката ситуација. Имаше и застој“, оценува сегашниот државен обвинител Бодан Лазаревски за Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Поранешни обвинители со кои разговараше БИРН посочија дека за некои од предметите што беа отворени за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ во ова Обвинителство, републичките обвинители наоѓале сериозни мани кај предметите, како немање конкретни дејствија за осомничените, односно обвинетите.

На прашањето дали Обвинителството за гонење организиран криминал ги преспало случаите што требало да ги отвори според допрен глас, Лазаревски вели: „Отворање предмети по допрен глас е медиумска кампања и создава преголеми очекувања кај јавноста. Обвинителството ниту има капацитет, ниту големина, ниту ресурси за тоа“.

Но, негови пензионирани колеги не мислат така. Обвинителка, која сакаше да остане анонимна, вели дека „во деведесеттите редовно на колегиумите го пролистувале дневниот печат за пишувањата на медиумите и секаде каде што имало индиција за криминал постапувале“.

Русковска, пак, потенцира дека голем дел од предметите што ги отвораат по допрен глас ги затвораат бидејќи нема докази дека е извршено кривично дело, а им се бројат како пријави што се отфрлени. Но, појаснува и дека допрениот глас не важи само за Обвинителството, туку и за полицијата и за сите други институции.

„Многу често ние ја контактираме полицијата за да прибави одредени податоци за случај што е отворен во јавноста“, вели таа.

Статистичко подобрување

Приближно 1,8 милиони евра и уште 20 луѓе за подобрување на впечатокот | Фото: Р. Атанасовски

По долги години во сенка, Обвинителството стана видливо по смената на власта во 2017 година, особено по настаните од 27 април, кога беа обвинети 33 лица, а подоцна и организаторите на настанот. Но, најмногу од сѐ, минатата година по аферата „Рекет“, предметот кој политички го погреба СЈО.

Иако Европската комисија во последниот извештај за напредок нотира статистичко подобрување на ова Обвинителство во делот со истрагите за 2019 година, анализата на БИРН на годишните извештаи покажа дека значителен дел од предметите во изминатите три години меѓу 29% и 45% не биле решени.

Засилување со обвинители и истражители

Денеска во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција работат 40-тина луѓе, од кои 10 обвинители, иако тимот треба да се прошири за уште пет обвинители и истражителски центар.

Најмногу пријави до ова Обвинителство лани поднела полицијата (над 70%), а по допрен глас отвориле само 2,4%.

Структурата на криминалитетот, пак, покажува дека Обвинителството најмногу предмети работело за криумчарење мигранти и неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги. Лани имало само 9 отворени финансиски истраги.

Бројките покажуваат недоволна ажурност, особено кога се гонат кривичните дела за злоупотреба на службената положба и овластување. Па, така во 2019 година, од кривични пријави за тоа дело против 260 лица, истрага била отворена за 126. Oд друга страна, пак, најмногу обвиненија СЈО поднесе токму за ова кривично дело.

Во годишните извештаи на ова обвинителство, штетата што осомничените му ја нанеле на државниот буџет во 2017 година била 393 илјади евра, во 2018 година изнесува 1,3 милиони евра. За 2019 година нема таков податок.

Владата неодамна го задолжи ова Обвинителството во постојната евиденција за организираниот криминал, да вклучат и податоци за бројот и обемот на спроведените финансиски истраги, најдоцна до 30 октомври 2020 година.

Русковска е задоволна и вели дека постапуваат неселективно. „Тргнавме во добра насока. Ни фалат само обвинители и истражители“. Проценува дека со буџет од приближно 1,8 милиони евра и 60-тина вработени, наместо 40, колку што се сега, Обвинителството ќе ги испорача резултатите.