Анализи

Стотици случаи со МПЦ-ОА во судската архива, голем дел за имотот

Тужби со државата за експропријација и денационализација

Со години, Мaкедонската православна црква – Охридска архиепископија е дел од тивки правни битки за oна за што ретко кога и каде се говори, нејзиниот имот.

Формално се одвоени, но односите меѓу Црквата и државата често се „вкрстуваат“ во правниот систем, па се „пеглаат“ низ судовите.

Над 600 пресуди има во судската база, во кои се наоѓа најголемата верска заедница кај нас. Некаде Црквата тужи за заштита и поврат на имотот, некаде е тужена, а во судски постапки за кражби по црквите се јавува и како оштетена. Граѓански, управни спорови, случаи пред апелација, a има и такви предмети што стигнале до Врховниот суд.

Овие случаи вообичаено се под јавниот радар.

МПЦ-ОА била активна во имотните спорови – тужела за делба на имот, се жалела за надоместок за експропријација, ја има и во постапки за денационализација… Судските процеси покажуваат дека Црквата често се соочува со државата, граѓани, па дури и со политички партии, во борбата за имот што го смета за свој.

Во прашање е сопственоста на ниви, шуми, ливади и разни објекти.

Дваесетина судски одлуки има само за имот што ѝ бил одземен преку експропријација за изградба на автопатот Кичево – Охрид. Во некои случаи, Црквата добивала, а во други ги губела споровите.

Незадоволни од износот

20-тина пресуди за одземен имот | Фото: Р. Атанасовски

Изградбата на автопатот помеѓу Кичево и Охрид, многу години е жешко прашање и уште активно се користи како материјал за политичка пресметка. Уште пред да тргнат багерите, пред судовите се најдоа Црквата и државата.

Причината за судскиот спор лежи во одземањето црковен имот. Тоа било направено со цел изградба на автопат. Пронајдовме дваесетина такви пресуди, иако нивниот број може да биде многу поголем, бидејќи судовите не објавуваат сѐ што пресудуваат.

Во пресуда на Апелациониот суд во Битола од 2020 година, судот утврдил дека црквата треба да добие вкупно 93 илјади евра за експроприран имот од речиси 2.300 квадрати за изградба на автопатската делница Кичево – Охрид.

Цената ја определил вештак, откако претходно државата и Црквата не можеле да се договорат за износот. Црквата, пред судот барала повеќе пари, односно по 9.000 денари од квадрат, а вештакот определил по 2.500 денари.

Во друг случај за експроприран имот на МПЦ-ОА за истата автопатска траса, државата ѝ исплатила на Црквата 7.600 евра надоместок за уништен овошен насад, претежно оревови стебла.

Меѓу имотните спорови има и „меѓуверски“ тужби. Во 2017 година, Исламската верска заедница ја тужела МПЦ-ОА и државата за имот во Штип од 600 квадрати, но го загубила спорот.

МПЦ-ОА има и спорови за експропријација кога не е во прашање само изградба на патишта.

Па така, Управниот суд во 2021 година ја одбил тужбата на Црквата зашто ѝ биле експроприрани 392 квадрати за изградба на далновод за објекти за производство на струја од обновливи извори.

Адвокатот што ја застапувал Црквата пред судот рекол дека понудениот износ е мал, „ако се има предвид добивката што со изградбата на објектот од јавен интерес ќе ја има предлагачот на експропријацијата“.

Во постар судски случај, пак, државата преку Државното правобранителство ја обжалило одлуката на министерот за финансии, на МПЦ да ѝ се исплатат околу четири илјади евра за имот на црква од струмичката епархија.

Правобранителот пред судот докажувал дека Црквата нема доказ дека имотот е нејзин. На крајот, денационализацијата била поништена.

Милионски надоместоци за денационализација

Над два милиони евра исплатени за денационализација | Фото: БИРН

МПЦ-ОА веќе повратила значителен дел од својата некогашна сопственост или добила компензација за неа, преку пари или во обврзници, покажуваат јавно достапните податоци.

Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека МПЦ-ОА од 2010 до 2024 година добила над два милиони евра од државата за денационализација.

Најдоходовна била 2015 година. Тогаш на Преспанско-пелагониската епархија година ѝ бил исплатен еден од повисоките износи за денационализација во една транша, над 713 илјади евра. Во истата година, за истата основа на сметката на МПЦ-ОА, поточно на Скопската епархија „легнале“ 670 илјади евра.

Со дел од парите што ги добивала МПЦ-ОА од денационализација купувала имот.

Судската база содржи и тужби што МПЦ-ОА ги водела против фирма за хотелско- угостителски услуги за раскинување на договор, но таа била повлечена, а се тужела и со националниот парк Галичица за надомест на штета.

Во пресуда на струмичкиот суд за случај со тужба против Црквата од физичко лице, пишува дека МПЦ-ОА во 2009 година одлучила да искористи дел од парите што ги добила од државата преку денационализација, „во согласност со Уставот на црквата“.

Тоа значело „купување имот во селото Баница (Струмичко) за изградба на православен црковен храм“.

Во судските одлуки се гледа дека Црквата добивала надоместок во обврзници за имот што ѝ бил национализиран. „На барателот на наведеното земјиште му е определен надомест во износ од 8.280.000 денари во обврзници“, пишува во една од нив.

Манастирот „Свети Пантелејмон“ во скопско Нерези добил од државата надоместок за денационализација на нива. Државата му исплатила 15 илјади евра, а, според правобранителството, тоа било за 500 квадрати повеќе.

Правобранителството, во друг случај, успеало да поврати имот што првично бил впишан на МПЦ-ОА, но месна заедница поднела документација и историја на промени, со која покажува дека по грешка имотот е впишан на име на Црквата.

Тужби и неплатени фактури

Црквата често се наоѓала пред суд | Фото: Р. Атанасовски

МПЦ-ОА не се тужела само со државата. Меѓу споровите има и со граѓани, но и една од нив е и со партија, поточно со ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година.

Станува збор за имот, за чие користење, битолскиот суд пресудил дека партијата треба да ѝ плати на Црквата над 32 илјади евра и трошоци за судската постапка од три илјади евра. Судот не ја прифатил аргументацијата на партијата дека договорот не бил потпишан од овластеното лице.

МПЦ го тужела и тогашниот секретар на Скопската епархија за надомест на штета од околу 28 илјади евра затоа што не го намирил долгот кон НИП Нова Македонија за издавање на џебното календарче на црквата. Постапката долго се влечела по судовите, за конечно во 2017 година да пресече Врховниот суд дека МПЦ нема основа да го тужи секретарот.

Потоа Црквата основала печатница. И за неа има пресуда во судскиот регистар. МПЦ-ОА – Митрополија скопска печатница „Синај“ го тужела „Македонија сообраќај“ за неисплатени фактури за печатени визит-карти и автобуски билети.

Црквата тужела и благајник во МПЦ од кого барала да наплати над 75 илјади евра што наводно ги украл за 10 години. Пред судот како докази се изведувале каса-прими, уплатници, фактури и извештаи. Архиепископскиот црквен суд го осудила благајникот и го задолжила да врати пари, но скопскиот суд го ослободил.