Анализи

Стотројка заглавена во законски вакуум

Ситна промена на законот е пречка Канал 103 да си ја врати фреквенцијата

Музичкото радио Канал 103 веќе трета година може да се слуша само на интернет, додека единствената пречка тоа да се врати на радиобрановите е правниот вакуум создаден при една ситна и необјаснета интервенција на медиумскиот закон.

Агенцијата за електронски комуникации му ја зеде фреквенцијата поради неговиот нерегулиран статус – радиото три децении е неформално дел од Македонската радио-телевизија (МРТ). 

Директорот на МРТ, Марјан Цветковски тврди дека сака да го врати Канал 103 на ФМ-скалата и да го регулира статусот на радиото. Меѓутоа, спорната законска интервенција му ја одзела алатката правно да го „вдоми“ радиото во системот на јавниот сервис

„Фреквенцијата е идентитетот на радиото. Многумина го слушаа во автомобил, а сега тоа не е возможно“, вели музичкиот уредник Костадин Шурбановски, кој повеќе од две децении е дел од екипата на Канал 103.

Директорот на МРТ, Марјан Цветковски тврди дека сака да го врати Канал 103 на ФМ-скалата и да го регулира статусот на радиото. Меѓутоа, спорната законска интервенција му ја одзела алатката правно да го „вдоми“ радиото во системот на јавниот сервис.

При една пообемна промена на Законот за АВМУ пред четири години, без какво било објаснување избришан е последниот став од членот 107, кој гласеше:

„За бројот на програмските сервиси од ставовите одлучува Програмскиот совет на МРТ по предлог на директорот.“

Затоа сега советот има задршка да ја прифати иницијативата на Цветковски за формирање нов радиоканал, кој, всушност, би бил Стотројка.

Детаљ од студиото на Канал 103 | Фото: БИРН/В.А.

„Одземена ни е надлежноста да го утврдиме бројот на програмски сервиси“, стои во одлуката на советот од јуни 2021.

Членот на советот, Ведат Мемедалија, за БИРН, потврди дека ова тело сè уште го има истиот став.

Цветковски има впечаток дека критичниот дел од законот е избришан по грешка.

„Никогаш претходно не сум чул дека некој политичар или партија имале проблем со тоа дека директорот на МРТ има можност да предлага, а Програмскиот совет да усвојува нови канали“, вели Цветковски.

Во меѓувреме, радиото на повеќе начини се обидуваше да го сврти вниманието кон својот проблем.

Лани имаше 24-часовен протестен молк од радиото, а за регулирање на неговиот статус се заложи и претседателот Стево Пендаровски со гостување на програмата на Стотројка, што беше првпат шеф на држава да гостува во радиото познато по своите антиестаблишмент ставови.

Култно радио

Студиото на Канал 103 во МРТ | Фото: БИРН/В.А.

Радиото почна да работи како експериментална програма во 1991 година, во просториите на Македонската радио-телевизија, каде што е и денеска. 

„Искра светлина во мрачните лавиринти на МРТВ“, беше еден од најпопуларните џинглови на ова радио.

Оттогаш статусот не му е решен. Директорот на МРТ, Марјан Цветкоски вели дека во архивите на јавниот сервис денес не постојат документи за формирањето на радиото.

Меѓутоа, токму лебдечкиот статус му овозможи на Канал 103 голема слобода, не само околу изборот на музиката, туку и гласно да се говори за актуелни општествените теми. Слободата во работата и неформалниот пристап на радиоводителите придонесоа Канал 103 да достигне култен статус меѓу скопската публика.

Канал 103 пушташе музика што не можеше да се чуе на другите радиостаници, во 1990-тите години ја промовираше електронската музика и другите алтернативни музички жанрови. Ги промовираше домашните бендови, концертните и културните настани што се случуваа во градот

„Да се зборува за музиката е како да се танцува за архитектурата“, е уште еден од џингловите по кои е препознатливо ова радио.

Канал 103 пушташе музика што не можеше да се чуе на другите радиостаници, во 1990-тите години ја промовираше електронската музика и другите алтернативни музички жанрови. Ги промовираше домашните бендови, концертните и културните настани што се случуваа во градот.

Истата мисија ја има и денес.

Костадин Шурбановски-Шурбе е автор на една од најстарите емисии на Канал 103, а можеби и низ целата македонска ФМ-скала. „Розе кадилак“ годинава го одбележа 1.000-то издание и 25 години во етерот.

Лента со стара емисија од Стотројка | Фото: БИРН/В.А.

„Освен миксетата и еден звучник, сета друга опрема во радиото е наша. Ние ја финансираме, ја поправаме и ја подновуваме“, вели Шурбановски.

Тој и неговите колеги работат волонтерски, со години без никаков надомест. Хонорари добиваа само во почетните години од постоењето на радиото.

Директорот на МРТ, Марјан Цветковски смета дека Програмскиот совет на јавниот сервис, сепак, треба да му дозволи да го вметне Канал 103 во МРТ, зашто, како што објаснува тој, можеби избришана е прецизната одредба што му го дава тоа право, меѓутоа никаде во законот, пак, не пишува дека МРТ не може да формира нови програмски канали.

За среќа, додава Цветковски, фреквенцијата 103 ФМ сѐ уште е слободна.