Репортажи

Страв за цензусот „исплива“ од митинзите

Уште еднаш во пракса се покажа теоријата дека на претседателските избори најтешко се мотивираат гласачите, особено неопределените

Опозицијата митингуваше во саботата пред владината зграда, точно во терминот кога се смрачуваше облачното небо над Скопје, а власта својот најголем собир го организираше наредниот, прилично сончев ден пред Инфоцентарот на Европската унија, неколку раскрсници погоре од истиот булевар.

Централните настани, со својата јасна контрасна симболика – ден и ноќ, пред ЕУ и кај Влада ги внесоа двата табора во последната недела од претседателската кампања, која беше обележана со политички пораки на двете страни, кои се среќаваат во исклучително мал број точки.

Очигледен контраст

И на двете места доминираа македонските пред партиските знамиња | Фото: БИРН

Во контрапункт минаа и двата партиски собира.

На митингот на ВМРО-ДПМНЕ и на кандидатката Гордана Силјановска-Давкова доминираа песни со патриотска тематика. Се слушаа стиховите „Клети шпиони“, „Свои на своето“ и повторно актуализираната – „Нешто ќе те питам, бабо!“. На другата страна, пред ЕУ-инфо центарот, цело време одеа македонски поп-песни лишени од каква било актуелна политичка конотација, како онаа локал-патриотската на Владо Јаневски, „Ова е само наше Скопје“.

Транспаренти речиси и да немаше, и на двете места доминираа македонските пред партиските знамиња.

Очекувано на митингот пред Владата се вееше и по некое сонце од Вергина. Таму можеше да се види „фалангист“ со шлем на главата, „комити“ од редот на Тодор Александров со црни маици, па сѐ до оние со црвени баретки, на кои повеќе им е мил Гоце Делчев, иселенички бејзбол-капчиња со натпис „Австралија“ и такви на кои пишува „Русија“.

На владиниот собир, иконографската шареноликост се должеше само на маичките со истиот натпис „Напред“, но во различна и секогаш светла боја.

Иконографската шареноликост се должеше само на маичките „Напред“ во различна боја | Фото: БИРН

Тие што беа дојдени за Стево Пендаровски, во неврзан муабет и во изјави од збор до збор ги повторуваа фразите за „влез во ЕУ и во НАТО“ и за „враќање на младите“, кои секој ден ги слушаат од пропагандните спотови, додека оние од спротивниот табор го кажуваат директно она што нивните лидер и кандидатка за претседател го сервираат во обланди.

Ако Мицкоски и Силјановска, досега директно, јасно и гласно не кажаа дека ќе го поништат Преспанскиот договор, нивните поддржувачи воопшто не кријат дека токму тоа го сакаат и впрочем ништо друго и не очекуваат од нив.

„Да се поништи Преспа“, јасно и гласно бараат поддржувачите на опозицијата | Фото: БИРН

Некои и се разочарани зошто претседателот на ВМРО-ДПМНЕ пожестоко не се спротивставил на уставните промени и бараат лидер од типот на претседателот на Венецуела Николас Мадуро, кој им е пример за политичар што им се спротивставил на Американците.

Луѓето што ја поддржуваат власта, подобро го познаваат и повеќе реагираат на својот кандидат, Стево Пендаровски, додека се добива впечаток дека опозиционерите сѐ уште не се комотни околу изборот на Гордана Силјановска-Давкова како претендент за претседател.

На нивниот собир можеа да се чујат коментари дека таа е „опасна“, но и „по малку досадна“, па дури и ѝ се изнасмеаја кога го згреши месецот на изборите и наместо април, рече септември.

Цензусот заедничка грижа

Порадикални од нивните лидери | Фото: БИРН

Ако го изземеме моментот дека и на првиот и на вториот митинг се интонираше државната химна, пораките конвергираа само во делот околу цензусот за кој и двајцата лидери, Зоран Заев и Христијан Мицкоски се загрижени. Барем така се чини.

Премиерот Заев повика на масовност на изборите оти така ќе се избегнела криза, која ќе нѐ забавела во патот кон НАТО и ЕУ.

Мицкоски за првпат од говорница директно им се обрати на припадниците на тврдокорната десница – Бојкотирам и ги нарече браќа, иако не така одамна прилично жестоко се раздели од нив, кога пред референдумот ги спореди со „најчистата вода на светот контаминирана од лажица фекалии“.

Пораката ја засили неговата кандидатка за претседател, Гордана Силјановска-Давкова.

И таа повика да излезат повеќе од 40 проценти од гласачите, плашејќи ги поддржувачите дека во спротивно „овие што се на власт ќе го сменат Уставот, ќе изберат претседател во Собранието, а знаете каков ќе биде тој“.

Ништо од „шарената“ магија | Фото: БИРН

Грижата околу цензусот, седум дена пред првиот круг на изборите може да значи само дека партиите не се задоволни од мобилизацијата на гласачите од својот политички спектар, оној дел што целеа да го мотивираат со номинирањето натпартиски кандидати.

Дека ги нема независните на митинзи се виде и викендов по скопските улици, каде што повеќе автобуси имаше од внатрешноста полни со партиски членови, отколку оние неопределените граѓани.

Интересно е дека, не само Заев преку слоганот „Нема правда, нема мир“, туку и Гордана Силјановска, им се обрати на луѓето што учествуваа во Шарената револуција, порачувајќи им дека има место и за нив под кампањскиот слоган „Правда за Македонија“.

Според иконографијата, профилот на луѓето што беа присутни и атмосферата на опозицискиот митинг, сега веќе е јасно дека Силјановска чука на погрешна врата кога се во прашање „шарените“, а не треба да сте политички експерт и да се види дека „шарената магија“ ги напуштила и собирите на СДСМ.

Тоа јасно се забележа од реакцијата на говорот на Бујар Османи.

Ако албанскиот јазик се славеше на протестите на Шарената револуција, говорот на Османи, дел на македонски – дел на албански, беше дочекан со рамнодушност, која се граничеше со нелагодност.

Зоран Заев „удри“ едно селфи за „историскиот собир“ пред ЕУ-инфоцентарот, кој Мицкоски го прогласи за дебакл, јасно реферирајќи дека тој собрал повеќе народ во Скопје.

И на партиите им е јасно дека неопределените може да останат дома | Фото: БИРН

ВМРО-ДПМНЕ во саботата дефинитивно „донесе“ помалку луѓе пред Владата отколку на истото место во кампањата за локалните избори пред година и пол, додека не може да се каже дека власта во неделата извади повеќе народ од опозицијата.

Со тоа уште еднаш во пракса се покажа теоријата дека за време на претседателските избори најтешко се мотивираат гласачите, посебно оние неопределените. Со оглед дека за првпат по 2004 година имаме само претседателски избори, во 2009, покрај шеф на државава се избираа и градоначалници – во 2014 се гласаше и за пратеници, и на партиите им е јасно дека многу од неопределените може да останат дома и цензусот навистина да биде проблем.