Репортажи

Два века затвор за насилството на 27. април

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Поранешниот прв човек на Бирото за јавна безбедност доби 18 години затвор | Фото: Роберт Атанасовски

Десетици наведнати глави, неколку цинични насмевки придружени со иронични шеги и едно олеснително замижување.

Вака во една реченица може да се раскаже денешното судско рочиште за насилното влегување во Собранието на 27 април 2017, кога толпата предводена од демонстрантите на „За заедничка Македонија“ нападна пратеници, а народниот избраник Зијадин Села го претепа и го влечеше по собраниските ходници.

По шест месеци судење и на последното од шеесетината рочишта во задушливата судница во новиот барокен објект, повеќе од четири часа судијката Добрила Кацарска пред десетици присутни во детали ги раскажуваше случувањата од 27 април, ги прочита пресудите и одлучуваше за притвор на дел од осомничените кои досега се бранеа од слобода.

„Па, не сме осудени на смртна казна, отворете врата, ќе се задушиме!“, низ шега прокоментира Вилијам Михајловски, сега веќе осуден на 14 години затвор.

Сите заедно добија 211 години во Идризово поради терористичко загрозување на уставниот поредок, додека најдолгата казна ја заработи тогашниот прв човек на полициското Биро за јавна безбедност, Митко Чавков, дури 18 години.

Чавков, кој со лисици од Шутка беше донесен во судницата, мирно ја прими пресудата и не ја искористи можноста да даде каже било што. Само од време на време разменуваше по некој збор со адвокатот.

Ништо не чувме ниту од ослободениот Игор Дурловски. Тој спокојно ја чекаше пресудата за којашто повеќето новинари погодија дека ќе биде ослободителна, иако грубите репортерски процени предвидуваа уште по некое ослободување.

Оперскиот пејач ослободен од обвинувањата | Фото: Роберт Атанасовски

Дурловски беше единствениот што не ја искористи можноста да биде амнестиран како другите 15 осомничени, меѓу кои и пратениците што гласаа за уставните промени.

Тој само замижа кога ја слушна ослободителната пресуда.

Кацарска објави дека Дурловски може да замине, а останатите евентуално да се видат со роднините што го следеа судењето и неколкумина од групата осудени, меѓу кои Јане Ченто му пријдоа и срдечно го прегрнаа оперскиот пејач, кој на судењето дојде со очила во црвена рамки.

За повеќе симболика се погрижи и Влатко Трајковски, осуден на 15 години. Тој во судницата се појави со тренерки во боите на македонското знаме, а на своите притворски другари, како што самите се нарекуваа, им се пофали дека под горната тренерка носи маица со знамето од Вергина.

„Да живее Македонија“, рече Трајковски изјаснувајќи се околу барањето на обвинителството да остане во притвор.

Наспроти административниот настап на судијката Кацарска, која веќе го усвоила новото име Република Северна Македонија, Јане Ченто и другите нагласено го користеа старото име.

„Вие ме осудивте, историјата ќе ме ослободи. Еден ден ќе изгрее сонцето на слободата. Да живее Република Македонија!“

Осудениот Игор Југ изјаснувајќи се како Хрват го употреби усташкиот поздрав „За дом спремни“, а ја искористи можноста и за „опаска“ кон експремиерот Никола Груевски, кого обвинителството го осомничи за организатор на собранискиот напад.

„Немам пари да бегам! Треба ли да му ги дресирам кучињата на Виктор Орбан?“

„Единственото бегство ми е да ја држам во раце мојата ќеркичка“, Мумир Пепиќ | Фото: Роберт Атанасовски

Прилично резервиран и настрана од другите беше Александар Василевски – Нинџа, единствениот што на некој начин ја призна вината и даде повеќе детали тоа што се случувало на 27 април. Нему никој не му пријде на почетокот од судењето, ниту, пак, имаше било каква комуникација со останатите осомничени.

Не се ни сврте некого да погледне, иако се поздрави со дел од групата осудени во првата прилика кога стана од обвинителната клупа.

Останатите воглавно бараа да не одат во притвор образлагајќи дека имаат семејства, по неколку малолетни деца, сопруги што не работат и оти заложиле имот на пријатели и на роднини и затоа „надвор од умот“ би било да бегаат.

„Единственото бегство ми е да ја држам во раце мојата ќеркичка“, рече Мунир Пепиќ, кој е осуден на 15 години затвор.

Судијката Кацарска денеска подели по некоја лекција за демократија и за тоа што значи зборот Парламент, доаѓал од латинскиот збор „парларе“, што значел зборување, дебатирање, а во неколку наврати користеше цитати од Софокле и од по уште некој антички поет.

Интересно е дека на судењето не се појави обвинителката што го работеше овој случај, популарната Вилма Русковска и неа ја заменуваше помлада помошничка.

Освен роднините на осудените, кои беа во публиката со новинарите, пред судот речиси и да немаше симпатизери на осудените, освен познатиот Бате Геле и еден транспарент „Слобода“.