Истражувањa

Клепало- недокументиран граничен премин на приватни ливади

Македонија изградила премин кон Бугарија кој е нелегализиран 30 години

Тесниот пат, на места разјаден, а некаде прекриен со паднати дрва и камења не навестува дека патувате до некое значајно место, како на пример до граничен премин со соседна држава. Но, по речиси полчасовното возење од Берово до Клепало, стигнувате до големата бела зграда наменета да биде токму тоа- граничен премин. Од неа, денес се останати здрави само ѕидовите.

Зградата, рампите и неколкуте кабини во кои требало да работат полицајците и цариниците се изградени во 1993 година. Во неа требало да работат заедно македонските и бугарските службеници. Но, никогаш од тука не поминале патници од двете страни на границата. Бугарија не изградила пат, па зградата без функција, останала да скапува осамена на ридот.

Сега, состојбата треба да се смени, откако на двете земји им се одобрени ИПА фондови за да ја изградат потребната инфраструктура. Но, постојат и административни пречки на патот до новата македонско- бугарска граница.

Македонија, иако го изградила објектот никогаш не го завела како свој имот, па зградата воопшто ја нема во Катастарот, а земјиштето врз кое се наоѓа се води на приватни лица.

Најмалку пет години Царинската управа, под чии ингеренции е граничниот премин Клепало, се обидува да ги собере потребните документи за да ја заврши легализацијата.

Но, засега процесот е во фаза на барање и чекање документи. Од Царината за БИРН велат дека ги побарале “одобрението за градење и целокупната градежна документација за проектот од Министерство за транспорт и врски и од Министерството за внатрешни работи како надлежна институција за изградба на гранична инфраструктура во тоа време“.

Обврска имал и катастарот кого владата го задолжила да изработи елаборати. Катастарот тоа го направил во 2022 година, но и елаборатите веќе две години се препратени „до Државниот првобранител, како надлежен за штитење на државните интереси за понатамошно спроведување“.

Нејасна експропријација

Граничниот премин Клепало сега е останат без вработени.

Земјиштето не само што не е впишано, туку и менува сопственици во јануари оваа година | Фото: БИРН

Поради ваквите лавиринти во кои институциите се обидуваат да ги најдат документите стари декади, зградата на граничниот премин останува одбележана само како бела коцка во Катастарот без никаков сопственик. Трите парцели, врз кои лежи овој стратешки објект, а кои се водат како ливади, имаат сопственици. Според Катастар тоа се физички лица од Берово.

За овие имоти државата ја почнала постапката во 2019 година. Утврдиле дека eкспропријацијата е завршена во 1991 година, за што од Царината нашле документи во струмичкиот архив.

„Од овие акти утврдено е дека имотот е експроприран, што претставува основ за пренос на сопственоста од физичките лица на име на Република Македонија,“ стои во дописот на Царината до БИРН.

Пред пет години Царината ги праќа овие документи до неколку институции за да се изврши упис на имотот во Катастар. Од таму тврдат и дека од Државното правобранителство за подрачјето на Кочани уште истата година е добиено известување во кое е истакнато дека во случајот има правен основ за впишување на земјиштето на име на Македонија.

Но, земјиштето не само што се уште не е впишано, туку и менува сопственици во јануари оваа година. Повторно тоа се локални жители.

Работите сега се забрзуваат и поради одобрените пари од претпристапната помош од Европската унија (ИПА) за граничниот премин да може да функционира, што би вклучувало не само санирање на постоечката зграда туку и изградба на патот од двете страни.

Прво, како што за БИРН кажаа од Царинската управа биле добиени 20 илјади евра за анализа на сегашната состојба и за проект кој е завршен. Лани пак се обезбедени вкупно 9 милиони евра и за двете земји. Од нив за државава се наменети 3,5 милиони евра. Сè треба да биде готово до 2029 година.

Клепало остаре пред да се отвори

Беровци кои требало да бидат полициски службеници на граничниот премин се пензионирале пред воопшто да работат на Клепало.

Крајот на македонска територија завршува со рѓосана рампа среде ливада | Фото: БИРН

БИРН го посети граничниот премин со градоначалникот на Берово Звонко Пекевски.

„Доколку овој граничен премин функционираше или бил отворен пред триесетина години, приказната за Општина Берово ќе беше сосема друга“, ни рече Пекевски.

По патот кон границата има хотели, вили и други сместувачки капацитети. И тоа е очекувано за дестинација која сака да го развива туризмот. Но, неочекувано е по единствениот пат кој води до овие капацитети да ве дочека одрон поради кој градоначалникот мораше да го сопре автомобилот за да ги расчисти камењата.

Крајната дестинација на патот е запуштена двокатна зграда наменета за граничен премин.

„Златен објект, но пропаѓа“, не ја криеше разочараноста Пекевски кој мораше да прескокне скршен прозорец за да влезе во објектот, оти друг начин нема.

 

Движењето низ зградата неизбежно го следи звукот на газење врз искршено стакло. Генераторот кој требало да произведува струја бил украден, а постојан довод на електрична енергија нема. Затоа во мракот моравме да ги користиме мобилните телефони за светло.

Покрај скалите за горниот кат се поминува покрај две келии кои биле наменети за притвор на осомничени лица.

Состојбата на горниот кат не е ништо подобра. И таму ѕидовите се со влага, а по подовите има остатоци од градежни материјали и стара облека. Во една од просториите имаше две распаднати перници.

„Најверојатно тука спиеле дрвокрадци“, коментираше градоначалникот.

Зад граничните куќарки Пекевски не поведе до крајот на македонска територија која завршува со рѓосана рампа среде ливада.

Таму е единствениот патоказ поставен од странска невладина организација за пешачки патеки во Малешевијата.

Но засега единствените посетители на областа се локалните жители кои таму пасат стока и дрвокрадците. Беровци велат дека ако се отвори преминот и нивниот град ќе живне.

Шанса за заживување на градот

Плоштадот во Берово е центарот на градот, но е практично празен.

Отворањето на граничниот премин како спас за регионот било визија уште во поранешна Југославија | Фото: БИРН

Во меѓувреме Берово економски страда и се празни од луѓе и поради неотворањето на овој премин. За да стигнат на пример до Сандански, беровци треба да возат 133 километри преку граничниот премин Делчево. Од Клепало до Сандански има 45 километри.

Отворањето на Клепало потенцијално би довело и бугарски туристи кои веројатно многу почесто би го посетувале градот ако можат лесно и брзо да стигнат до таму.

„Сега сме ‘слепо црево’. Од нас на друго место нема излез. Единствено преку Кочани и Струмица“, вели Љупчо, повозрасен беровец кој не верува дека ќе доживее да го види отворен овој граничен премин.

Ваквата местоположба на источното гратче придонела многу од луѓето да се иселат. Според пописот од 2021 година Берово има речиси 11 илјади жители, но во реалноста, според проценките на градоначалникот Пекевски, таму живеат половина од таа бројка.

Отворањето на граничниот премин како спас за регионот било визија уште во поранешна Југославија. Првата проектна документација за преминот официјално именуван Берово-Струмјани датира од 1992 година. Една година подоцна за време на премиерот Никола Кљусев преминот е веќе изграден.

Прво со објектот раководело Министерството за внатрешни работи. Беровци се сеќаваат дека тогаш имало и чувари па зградата не била запуштена. Потоа за објектот задолжено било Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, а од 2008 е под управување на Царината.

Идејата било граничниот премин да функционира со заедничка зграда која би ја делеле двете држави. Но, денес таа е неостварлива оти Бугарија стана членка на ЕУ. Беровци се уште гледаат надеж во проширувањето на тесниот пат кој треба да ги поврзе со европскиот сосед.

„Бев дете. Имав 18 години кога се ова се градеше. Луѓето што тогаш се вработија да бидат граничари се пензионираа како вработени во полициската станица во Берово“, вели Пекевски обидувајќи се да ја отслика долгата историја на градењето на преминот.


Овој текст е изработен како дел од „Едногодишната БИРН обука за истражувачкo новинарство” наменета за млади новинари и за студенти, 2023-24 година