Истражувањa

„Скопје 2014“: Четири милиони евра за руини, 24 милиони за празнини

И заборавените градилишта и објектите без фасади чинат пари

„Скопје 2014“ е еден од најскапите проекти спроведени во државата досега, со вкупна цена од над 700 милиони евра. Но, додека најголемиот дел од тие пари беа дадени за декорирање на градот со нови згради и за преоблекување на старите објекти во нови фасади, барем четири милиони евра досега се потрошени за објектите што веќе седум години имаат руиниран изглед.

Град Скопје, Министерството за образование и наука, Министерството за култура и државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) се институциите што повеќе од пет години имаат недоградени или нецелосно реконструирани градби во рацете, за кои сѐ уште не нашле решение, иако продолжиле, барем до одреден момент, да префрлаат пари за нив.

Наспроти нив, пак, има и два завршени објекти што стојат празни, а кои, според сумите наведени во договорите за изградба, вредат 24 милиони евра.

Еден милион само за соголување

Деловна зграда на Електрани на Северна Македонија во центарот на Скопје

Зградата на ЕСМ е една од двете што останаа без фасади | Фото: БИРН

Зградата позната како „Пелагонија“ и деловниот објект на ЕСМ се наоѓаат на левата и на десната страна од Триумфалната порта, која, заедно со споменикот Воин на коњ стотина метри подолу, е еден од главните симболи на „Скопје 2014“.

Заедничко за овие објекти им е тоа што двата останаа во руинирана форма, соголени од фасадите што претходно ги имаа, со тргнати скелиња и без никакви конкретни најави кога и како ќе се довршат – со враќање на стариот изглед, со замислениот „барокен“ изглед или со некое трето решение. Поради оваа состојба, деловниот простор „Пелагонија“ не се ни користи, додека тој на ЕСМ функционира со тешкотии.

Но, и овој изглед чини пари. Град Скопје, за зградата „Пелагонија“ во 2015 година, склучи два договора за реконструкција на фасадата на „Пелагонија“, еден во вредност од 1,9 милиони евра и уште еден од 800 илјади евра, покажува архивата на јавните набавки. За изведување на работите беше избрана фирмата „ЛСГ Билдинг Солушнс“. Според податоците за исплати од трезорот, досега на компанијата ѝ биле исплатени нешто повеќе од еден милион евра од сметката на Град Скопје. Со оглед дека таа фирма нема други договори со Градот, исплатите, од кои последната била извршена во 2022 година, се за објектот „Пелагонија“.

Од Град Скопје не добивме одговор кои следни чекори ќе се преземат за да се направи фасада на „Пелагонија“. Оттаму само рекоа дека „се води судски спор поради неисполнување на обврските од претходниот градоначалник“, и поради тоа не можат да ја продолжат реализацијата на проектот. Поради деловни причини, ниту компанијата што сега е сопственик на објектот, „Д-р Пановски“, не сакаше да коментира. Неофицијално, во моментов не постои план дали, како и кога ќе продолжи реконструкцијата.

Од ЕСМ, во врска со нивната фасада, за БИРН, одговорија дека во изминатиов период барале ново урбанистичко решение со Град Скопје и со Општина Центар.

„Но, во однос на тоа, се појавија различни толкувања околу надлежностите“, додадоа од компанијата.

Според медиумски извештаи од изминатите години, на фирмата-изведувач на оваа фасада ѝ биле исплатени 400 илјади евра од договорените 3,6 милиони, а договорот бил раскинат. Од ЕСМ не ја потврдија оваа сума и не одговорија дали таа била конечна. Бидејќи ЕСМ е акционерско друштво, податоците за нејзините исплати не се наоѓаат на трезорот и не се јавни.

Пирова победа на контрадемонстрантите на УКИМ

Недоградени згради на ФИНКИ и на ФФК

Пет години стојат недоградените карабини на ФИНКИ и на ФФК | Фото: БИРН

„Скопје 2014“ донесе и многу активност за моторните пили во парковите низ централното подрачје на главниот град. Еден од просторите каде што беа исечени неколку десетици стари и големи дрвја беше паркот пред кампусот на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, спроти Судска палата, за да се градат нови објекти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за физичка култура (ФФК).

Имаше голем број реакции, како и протести за уништувањето на зеленилото, а согласно традицијата од тоа време, на нив се одговори со контрапротести од организации на студенти на ФИНКИ и на ФФК, кои се жалеа дека немаат соодветни просторни услови за настава и ги обвинуваа другите протестирачи дека се против тоа да им се реши овој проблем.

Иако во 2015 година победи страната на контрапротестот, во 2024 година, проблемот за кој таа се жалеше сѐ уште не е решен. Објектите во кои студентите требаше да се сместат и натаму зјаат како празни бетонски карабини, со штици на куполите што пожолтуваат од временските влијанија. Природата почна да си го враќа просторот околу градилиштата, со диви грмушки и треви израснати околу паднатите градежни материјали.

Работник не се појавил околу пет години, откога фирмата избрана за изведувач, „Бетон-Штип“ отиде во стечај во 2019 година.

Графика, трошоци за Скопје 2014

Тогаш била направена и последната исплата од Министерството за образование и наука кон компанијата за изградбата на двата објекта. Од договорените 20 милиони евра, колку што вкупно требаше да чинат завршените згради на ФФК и на ФИНКИ, Министерството во 68 трансакции му исплатило на изведувачот околу 2,9 милиони, покажуваат податоците на трезорот.

Во изминативе години, неколкупати се најавуваше продолжување на изградбата и ревизија на проектите, но ништо не се случи.

Нема ново решение ниту за споменикот на Мајка Тереза што се градеше веднаш до плоштадот Македонија, меѓу хотелот „Мериот“ и градилиштето за нов хотел. Тарабите околу недовршената споменична целина служат само како информативна табла за концерти и за други настани, каде што организаторите лепат плакати. Последната информација за оваа градба е дека Министерството за култура и градежната компанија „Бетон“ се во судски спор за долг од четири милиони евра, колку што биле потрошени досега, од договорените 5,6 милиони евра. Нема информации за исплати од Министерството кон компанијата за овој објект.

Скапа празнотија

Катна гаража Солунски конгрес

Катната гаража Солунски конгрес чека нова опрема | Фото: БИРН

Нема податоци ниту колку точно е досега исплатено за двете згради од „Скопје 2014“, кои со години по изградбата не се користат – деловната зграда на ЕСМ спроти Старата железничка станица и катната гаража Солунски конгрес, меѓу објектот на МЕПСО и опожарената зграда на Национална пошта. Првата никогаш не беше пуштена во употреба поради технички пропусти, а втората функционираше како единствена целосно автоматизирана гаража, но престана да работи кратко по отворањето.

Поради проблеми со лифтовите, катната гаража Солунски конгрес, која според договорите за изградба вреди седум милиони евра, функционира само на долниот кат, пред лифтовите. Порано во неа автомобилот само се оставаше, а потоа автоматизираниот систем сам го носеше со лифтови до некој кат и го враќаше кога возачот ќе дојдеше да си го земе и да плати за услугата.

Од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, кое стопанисува со повеќе катни гаражи изградени како дел од „Скопје 2014“, рекоа дека се спроведува тендер за лифтови за овој и за други објекти од разни типови, со што би се отворила нова можност гаражата што се наоѓа на кејот на Вардар, на нецели 200 метри од плоштадот, повторно да профункционира.

Пуштањето во употреба на 17-милионската зграда на ЕСМ, пак, е понеизвесно. Таа не се отвори поради проблем со пристапот до подземните гаражи, кои не може да се користат и затоа не доби технички прием, односно дозвола за употреба.

Од државната компанија велат дека заедно со Министерството за транспорт и врски работат на наоѓање решение како да се надмине ситуацијата.

„За жал, во изминатиот период, сите обиди АД ЕСМ да може да ја користи новата зграда и да ја продаде или да ја отстапи старата, не родија плод. И покрај повеќето најави дека настанатата правна состојба може да се реши, таа сè уште не е решена, односно новата зграда на АД ЕСМ не може да добие употребна дозвола и не може да се изврши технички прием“, велат од ЕСМ во одговорот до БИРН.

Оттаму потсетуваат дека ситуацијата е затекната како проблем уште при промената на власта во 2017 година. Слично како и состојбите со другите објекти.