„Пензионери, багеристи, бравари, мајстори за гипс-картон… За сите нив заедничко е тоа што имаат празни сметки“.
Со овие зборови, судијката за организиран криминал и корупција, Даниела Димовска ја почна објавата на пресудата за дванаесеттемина луѓе и фирми што признаа вина oд вкупно 40-тина обвинети во предметот за даночно затајување „Синџир“.
Тоа е еден од предметите на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција со најголема штета по државниот буџет од околу осум милиони евра, додека испрани биле околу 650 илјади евра.
Судијката ги објави казните за обвинетите.
Првообвинетиот 40-годишен багерист Сашо Вучков, кој и порано бил осудуван, призна вина заедно со неговите пензионирани родители Блажо и Велика, добија затворски казни, а треба да платат и парични казни. Тие ќе останат на улица, бидејќи судот им ја одзеде и куќата.
Фирмите, пак, што учествувале во незаконското испумпување пари од буџетот добија парични казни, но и забрани за учество во јавни повици, за добивање дозволи, концесии…
„Прашањето е дали се ова сите алки од синџирот? Дали сѐ уште важи максимата на Балзак дека законите се пајажина која големите муви ја кинат, а малите се ловат, ќе видиме понатаму,“ рече судијката пред да ги објави казните за секого поединечно.
Поентата на судијката не се разликува многу од онаа на обвинетиот Сашо Вучков, кој пред да ѝ се предаде на полицијата лани, на Јутјуб говореше дека се апсат ситните риби, а не се допираат крупните.
Обвинителката за гонење организиран криминал од Струмица, Наташа Поп-Трајкова, пак, ја толкуваше судијката на поинаков начин.
„Сметам дека судот сметаше дека ова се однесува на дел од осомничените за кои сè уште не е покренато обвинение бидејќи тие се наоѓаат во бегство, но во однос на ова, сепак ќе треба да ја прашате судијката“.
Плетачите на шемата во бегство
Судницата во мрак, киноатмосфера. Покрај обвинетите и нивните адвокати, во публиката имаше новинари, роднини и претставници на граѓански организации.
На два монитори, на почетокот се проектираше фигурата на Јустиција. Судницата 1 во Кривичниот суд, на првото одржано рочиште беше исполнета до последното столче. Случајот „Синџир“ со месеци не може правно да се „разврзе“ поради приговорите на обвинението и поради неколку изземања на судии.
Обвинението беше поднесено во јануари годинава, а судењето почна дури на 25 јуни. Во меѓувреме паднаа спогодби. БИРН објави за четири. Обвинителството неодамна објави дека се вкупно шест.
Обвинителката Поп-Трајкова рече дека обвинетите „ја нарушиле сигурноста на јавните приходи“ и затаиле данок што требало да ѝ го платат на државата од речиси осум милиони евра.
Основале фирми и ја презеле сопственоста на други фирми, при што изготвувале фактури со или без вкалкулиран ДДВ за наводно извршени набавки за добра и услуги што не постоеле. Потоа меѓусебно сметководствено ги затворале меѓусебните обврски.
Поп-Трајкова објаснуваше дека обвинетите пишувале повисок износ на влезен промет, а со тоа ги зголемиле даночните побарувања, а потоа ги переле парите што ги стекнале со кривично дело.
Низ различни слајдови на екраните беше прикажано, како што рече обвинителката, злосторничкото здружување. Беа обележани осуммина организатори, а под нив, припадниците на групата што се вклучувале во шемата постепено меѓу 2019 до 2021 година.
Меѓу организаторите на групата се двајца осомничени, кои успеаја да ѝ избегаат на полицијата и по нив трага Интерпол: сопственикот на битолската фирма „СВ-Инвест“, Стојан Чифлигароски и Љупчо Пецов со прекар Ѓаволот. Заедно со нив, опфатен со истрагата е и Тони Димитров.
Струмичка врска за парите во готово
Во обвинението за „Синџир“ пишува дека повеќе од една година, неготинското семејство Вучкови, преку нивните фирми, префрлале или подигале пари од сметките од фирмите без покритие, во различни износи и во различни градови.
Само за две недели, поточно од крајот на октомври до првата недела од ноември 2020 година биле подигнати околу 8,5 милиони денари, односно околу 137 илјади евра.
Првообвинетиот Сашо Вучков, пари во готово од сметките на фирмите подигнал четирипати. Слично како и неговиот татко и поранешната сопруга, која не призна вина и за неа судењето продолжува.
Но, обвинението не се занимава до крај со тоа што се случувало со парите што обвинетите ги подигале во готовина. Еден дел префрлале од сметка на сметка на фирмите. Во обвинението нема детален опис за тоа каде завршил дел од парите што биле вадени во готово.
Со тоа почнале да се занимаваат обвинетите.
Само два дена откако обвинителката го поднесе обвинението, третообвинетиот во случајот, Блажо Вучков, на 24 јануари поднел кривична пријава.
Во пријавата, до која дојде БИРН, пишува дека е во врска со случајот „Синџир“.
Во документот пишува дека во истото време додека се одвивало даночното затајување, поточно помеѓу 2019 и 2021 година, струмичанецот Ј.Ј. му се заканувал нему и на неговиот син Сашо.
Како што стои во кривичната пријава, струмичанецот го принудил сега обвинетиот „во неколку наврати да подигне и позначителен износ готови пари и во исто толку наврати да му ги предаде на овде пријавениот Ј.Ј. пред хотел-ресторанот ‘Вила парк’ во Струмица…“
Со овие пари, според пријавата, струмичанецот „стекнал подвижен и недвижен имот во значителна корист при што одбегнал плаќање данок“.
Во пријавата, обвинетиот бара струмичанецот да одговара за даночно затајување, уцена и перење пари.
Прашавме во Обвинителството што се случува со пријавата бидејќи се поминати пет месеци откако е поднесена, како и дали се сослушани пријавувачот и пријавениот. Стигна шаблонски одговор дека Обвинителството доставило „барање до МВР за прибирање потребни податоци во насока на расчистување на случајот“.
За струмичката врска на фирмата „СВ-Инвест“, која добиваше тендери за РЕК Битола и која наеднаш отиде во стечај, одамна обвинуваше ВМРО-ДПМНЕ.
Уште во април 2018 година, тогашниот опозиционер, а сегашен премиер Христијан Мицкоски, од партиската говорница покажуваше фотографии на кои се гледа камион на „СВ-Инвест“, но со струмички регистрации.
Обвини дека камионот е во сопственост на фирмата „ДГИ Тотал инженеринг“ на братот на експремиерот Зоран Заев, Вице Заев, и праша зошто камионите на „СВ-Инвест“ се со налепници на компанијата на братот на тогашниот премиер.
Притвор и потерница дури во декември
Обвинителството ја објави акцијата „Синџир“ на 30 октомври 2023 година.
Во соопштението пишуваше дека организирале злосторничката шема за даночно затајување данок и перење пари. Како организатори се спомнуваат повеќемина, од вкупно 41 обвинет.
Само два дена подоцна, Обвинителството објави дека судот му определил притвор на едниот од тројцата организатори на групата, Сашо Вучков. Следниот ден на 3 ноември, судот му определил притвор во отсуство на осомничениот Љупчо Пецов, поранешен осуденик во акцијата „Керозин“ за криминал со испорака на нафта.
За третиот осомничен организатор, Стојан Чифлигароски, кој беше сопственик на „СВ-Инвест“, истрага била отворена два месеца подоцна, дури кон крајот на декември. Тогаш, всушност, била проширена истрагата што веќе била отворена за него и за уште еден осомничен и веднаш му е определен притвор и објавена потерница.
Но, кога полицијата го бара Чифлигароски, тој веќе е во бегство. Тој сè уште е недостапен за органите на прогонот.
На прашањето зошто се случило да избега, особено ако во предистражната постапка од неговата фирма биле побарани документи, од Обвинителството, со кое раководи Абази, прстот го вперуваат кон полицијата.
„Во оваа фаза, јавнотo обвинителство не беше известено за постоење каква било индиција дека некој од лицата за кои се водеше предистражна постапка се подготвуваат или се веќе недостапни на органите на прогонот“.
Како оваа операција, која траела со години, останала незабележана од институциите, поточно од Управата за јавни приходи, кои се должни преку контроли да ги штитат јавните финансии. Тоа од Обвинителството не сакаа да го коментираат, а обвинителката денес побара трпение и разбирање од новинарите.
Судењето за останатите единаесетмина обвинети и нивните фирми што не признаа дека се виновни продолжува следната недела.