Регион

Сведочејќи против Караџиќ

Во пресрет на изрекувањето на конечната пресуда на Радован Караџиќ, сведоците раскажуваат како се чувствувале кога зборувале за неговите наводни злосторства, пред него, во судницата

„Никогаш не сум видел национален набој кај него, барем додека се дружевме, јас навистина не сум забележал … многу ме изненади и разочара кога видов дека тој е ороводецот на сето тоа”, додава тој.

Караџиќ подоцна стана воен политички лидер на босанските Срби, а Хаир во војната ја формира болницата во сараевската населба Добриња, каде им била пружана медицинска помош на лицата кои биле ранети во гранатирањето и снајперските напади на градот, за време на опсадата, напади кои се дел од обвинението против неговиот стар пријател, Караџиќ.

„Највпечатливи беа ранетите деца. Бидејќи немав општа анестезија, децата плачеа, ги болеше, а вие давате нешто локално, што ќе најдете, но тоа не беше тоа”, додава Хаир.

Хаир е еден од преку 500 сведоци, кои сведочеа на судењето на Караџиќ, за геноцид во Сребреница во 1995 година и во уште седум други општини во БиХ во 1992 година, тероризирање на цивилното население во Сараево, прогон на Бошњаците и Хрватите во 20 општини низ целата земја и за земање на мировници на ООН, како заложници.

Со првостепената пресуда што му беше изречена во март 2016 година, Караџиќ беше осуден на 40 години затвор. Жалби на оваа пресуда поднесоа и обвинителството, и одбраната, а пресудата ќе биде изречена во среда.

Јусуф Хаир. Фото: БИРН

„Провокативниот начин” на поставување на прашања на Караџиќ

Мирсада Малагиќ сведочела пред Хашкиот трибунал во четири предмети, но вели оти најлошо искуство и е судењето на Караџиќ.

По падот на Сребреница во 1995 година, нејзиниот сопруг, двата сина, свекорот, двајцата девери и други членови на нејзиното семејство, биле убиени од страна на силите на босанските Срби.

Таа вели оти знаела дека Караџиќ на „провокативен начин“ ќе ѝ поставува прашања, но сепак се вознемирила кога тој рекол дека оти нејзиното семејство е „семејство на воини”, алудирајќи на фактот дека луѓето од нејзиното семејство биле борци, а не цивилни жртви.

Малагиќ саркастично му одговорила дека политичкиот лидер на босанските Срби, „сите овие воини ги сместил како сардини во меморијалниот центар Поточари (каде што се закопани жртвите од Сребреница)“.

Таа објаснува дека последен пат го видела својот сопруг и роднините, непосредно пред Сребреница да падне во рацете на силите на босанските Срби, во јули 1995 година. Последното „збогум” го упатила, додека бегала, како што се надевала, на безбедно место, во блиската база на мировните сили на ООН.

„Тоа беше кај бензинската пумпа, кај болницата во Сребреница, тука се разделивме. Додека стоевме таму, почнаа да паѓаат гранати – се создаде општ хаос … Имаше мртви, ранети, практично се разделивме без поздрав“, нагласува таа.

Малагиќ, која во тоа време била бремена, била ранета во гранатирањето, но на крајот успеала да избега со осумгодишниот син.

Солзите и агонијата не ја напуштале додека го барала својот сопруг, Салко, и синовите, Елвир и Адмир.

“Кога изгубив надеж, на 15-годишнината од падот на Сребреница, беа пронајдени мојот сопруг и мојот помлад син”, се сеќава таа.

Нивните останки биле пронајдени во гробници во селото Каменица, во Зворник.

„Тогаш беа погребани. Две години подоцна, го погребав и вториот син“, вели таа.

На судењето на Караџиќ, го повторила она што го кажала и на претходното судење во Хашкиот трибунал, дека со освојувањето на Сребреница, босанските Срби уништиле три генерации.

„Ваков пример имам во моето семејство. Мојот свекор, Омер Малагиќ, неговите три сина, од кои еден е мојот сопруг, неговите три внуци, од кои двајца се моите синови, и да не зборувам понатаму, сите негови браќа, нивните синови, целото семејство Малагиќ настрада во Сребреница“, објаснува таа.

„А такви семејства во источна Босна има стотици, илјадници”, додава Мирсада.

 

Мирсада Малагиќ. Фото: БИРН

Сведокот, Санија Џевлан, вели дека и таа, прашањата на Караџиќ, ги сметала за тешки и провокативни.

Кога го видела во судницата, пред очите и поминале убиствата на цивилите – децата, жените и старите мажи.

„Кога ми рече: ‘Добро утро, г-ѓа Џевлан’, јас навистина се уплашив и едноставно не знаев што да му одговорам. И, се разбира, не му одговорив ништо“, се сеќава таа.

Џевлан, за време на војната, била ранета во сараевската населба Добриња, кога со велосипед одела да земе лекови и вода.

„Преминував мост и како некој да ме удри одзади. Тогаш јас, мислејќи дека некој ме удри со камен, се свртев и видов дека нема никој, а потоа по патот видов како се одбиваат куршуми и сфатив дека сум ранета, дека на мене пукаат“, се сеќава таа.

Додека сведочела на судењето на Караџиќ, таа имала трема, бидејќи сметала дека неговите прашања се непријатни, таа дури и не можела да го држи пенкалото, со кое ја замолиле да го покаже местото каде што била ранета.

„Бев под огромен стрес, па по сведочењето, добро се исплакав“, вели таа.

Џевлан верува дека судот ќе ја потврди првостепената пресуда и ќе го осуди Караџиќ.

„Очекувам да го осудат. Самиот факт дека ќе биде осуден како воени злосторник, е голем“, вели таа.

Хаир, поранешниот пријател на Караџиќ од Сараево, нагласува дека иако воениот претседател на босанските Срби можеби не бил директно вклучен во одредени злосторства, тој треба да сноси одговорност за нив, поради водечката улога што ја имал.

„Впрочем, тој ги возбуди духовите на Србите и создаде фабрика на лаги против другите народи кои се тука, и за тоа треба да одговара“, вели тој.

Караџиќ изјави дека не е виновен ниту по една точка од обвинението и побара од ММКТ да го ослободи.