Светскиот еврејски конгрес, меѓународна организација што ги претставува еврејските заедници, вчера соопшти дека мисата, чие одржување е најавено за 16 мај во Сараево, ги глорифицира луѓето кои учествувале во злосторствата извршени од усташкиот режим во Втората светска војна.
Годишнината на овој настан обично се одбележува на 16 мај во Блајбург, Австрија, но оваа година настанот е откажан, заради ограничувањето за патување, поради пандемијата на корона вирусот. Затоа организаторите решија да одржат комеморации во Сараево и во Загреб.
Светскиот еврејски Конгрес потенцира дека изминатите 24 години, комеморацијата за жртвите од Блајбург се „користи за глорификација на поединци кои ги поддржувале или биле вклучени во активностите на режимот кој убил стотици илјади невини мажи, жени и деца, заради нивниот етнички или верски идентитет“.
Во мај 2016 година, хрватскиот парламент реши повторно да биде покровител на овој настан, откако во 2012 година покровителството беше укинато, поради загриженоста дека собирот се користи за рехабилитација на усташката идеологија.
„Фактот дека хрватскиот парламент има покровителство над една ваква спорна манифестација, под превезот на оддавање почит и сеќавање на оние кои ги дадоа своите животи за хрватската слобода, е шлаканица во лицето на сите невини жртви на усташкиот режим“, изјави, Менахем Розенсаф, главен советник на Светскиот еврејски конгрес.
Најавите за одржување миса во Сараево беа осудени и од израелската амбасада во БиХ, од неколку политичари, од антифашистичките активисти и од бројни јавни личности. Во вторникот, група граѓани протестираа против планираната миса пред сараевската катедрала.
Комеморацијата во Блајбург е спорна, бидејќи дел од учесниците истакнуваат симболи на усташкото движење, кое убиваше Евреи, Срби и Роми во Независната Држава Хрватска (НДХ), во Втората светска војна.
Министерството за внатрешни работи на Австрија забрани два симбола на хрватското усташко движење, буквата У, која се наоѓа околу сребрена граната од која се појавува црвен пламен и грбот со шаховницата на Независната Држава Хрватска (НДХ), од Втората светска војна.
Католичката црква на Корушка, минатата година го одби барањето на Хрватската бискупска конференција, да одржи миса во Блајбург, бидејќи, како што образложи, овој настан се користи за промоција на националистички идеи.
Југословенската армија, во 1945 година, погуби десетици илјади хрватски војници и цивили, кои бегаа по падот на НДХ, во граничната област на Корушка, Австрија.