Регион

Тајни операции: oткривање на врските на српските функционери со паравоените единици

БИРН анализира на кој начин паравоените единици биле распоредувани во конфликтите во Хрватска и Босна и Херцеговина

Во пролетта 1992 година, високиот функционер на ДБ Србија, Франко Симатовиќ Френки, пристигнал во тајниот паравоен камп за обука, во близина на хрватскиот град Илок, кој бил еден од многуте, наводно, формирани од тогашните функционери на српската ДБ, во војните што избувнаа при распадот на Југославија.

Во пролетта 1992 година, високиот функционер на ДБ Србија, Франко Симатовиќ Френки, пристигнал во тајниот паравоен камп за обука, во близина на хрватскиот град Илок, кој бил еден од многуте, наводно, формирани од тогашните функционери на српската ДБ, во војните што избувнаа при распадот на Југославија.

Симатовиќ дошол за да им каже на српските борци кои биле обучувани во тој камп, дека наскоро ќе бидат распоредени на бојните полиња во БиХ, иако Србија официјално не беше вклучена во оваа војна.

„Ни беше кажано каде одиме, кои се нашите должности и тоа е тоа“, изјави, скоро две децении подоцна, еден од борците кој бил во овој камп, за време на своето сведочење на судењето на Симатовиќ, пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во Хаг.

„Ни беше кажано дека треба да ги оставиме сите наши идентификациски документи“, додаде тој, сведочејќи како заштитен сведок ЈФ-047.

Тој подоцна објасни дека една од причините за тоа било да се оневозможи  „да бидат идентификувани врз основа на личните карти и да не се открие дека доаѓаат од Србија, доколку бидат убиени или заробени“.

Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ), кој ги завршува предметите кои останаа од МКТЈ, во среда ќе донесе пресуда во повторното судење на Симатовиќ и неговиот поранешен шеф, Јовица Станишиќ, воен шеф на српската ДБ.

Станишиќ и Симатовиќ се обвинети за организирање, финансирање, обука и распоредување на вооружени единици во војните во Хрватска и БиХ, со цел да се постигнат целите на заедничкиот злосторнички потфат, во кој биле вклучени, Слободан Милошевиќ, и политичкото, военото и безбедносно раководство на Србија и водачите на Србите во Хрватска и во БиХ.

Според обвинителството, целта на заедничкиот злосторнички потфат била насилно отстранување на Хрватите и Бошњаците, од делови на територијата на Хрватска и БиХ, над кои Србија настојувала да воспостави контрола.

Маратонската судска постапка трае од 2008 година. По првото судење, и двајцата, во 2013, беа ослободени од обвинението, но оваа пресуда беше укината во 2015 година. На почетокот на повторното судење, и двајцата изјавија оти не се виновни.

Бидејќи повеќето од оние за кои се тврдеше дека заедно со Станишиќ и Симатовиќ биле дел од заедничкиот злосторнички потфат, починаа,  вклучувајќи ги и Милошевиќ, и Жељко Ражнатовиќ Аркан, пресудата против поранешните шефови на ДБ е последната шанса да се покаже дека овие високи српски функционери биле вмешани во војните во Хрватска и БиХ.

„Ова е историски значајна можност. Последната што Трибуналот треба да ја  донесе во врска со улогите на двајцата клучни членови на заедничкиот злосторнички потфат, кои беа многу важни за поттикнување на конфликтите во Хрватска и Босна и Херцеговина“, вели за БИРН, Адам Вебер, член на обвинителскиот тим во овој случај, од 2009 до 2013 година.

„Борците отидоа таму каде што им беше кажано“

Скриншот од видеото од одбележувањето на годишнината од постоењето на ЕСО во 1997 година, прикажано за време на судењето, во кое се гледа како Јовица Станишиќ и Слободан Милошевиќ се наоѓаат пред картата со локациите на камповите за обука. Скриншот: ММКТ.

Главните борбени единици, за кои Станишиќ и Симатовиќ се обвинети дека ги контролирале и распоредувале, во насока на постигнување на целите на Белград во војните во Хрватска и БиХ, се Единицата за специјални операции (ЕСО) на српската ДБ (позната како „Црвени беретки“) , „Српската доброволна гарда“ (позната како „Тигрите“ на Аркан) и „Скорпиони“.

Преку исказите на сведоците и другите докази, обвинителството, на повторното судење на Станишиќ и Симатовиќ, се обиде да создаде слика за начинот на кој двајцата функционери на ДБ ги формирале и користеле овие единици.

Операција „Пајак: Српските единици му помагаат на бошњачки моќник

Операција „Пајак“, беа серија воени операции во северозападна БиХ, кои започнаа во ноември 1994 и траеја до летото 1995 година. Оваа операција  јасно ги расветлува врските меѓу Станишиќ и Симатовиќ и српските паравоени единици. Записниците од состаноци, воен дневник и платните списоци што се однесуваат на операцијата, покажуваат како Станишиќ и Симатовиќ го координирале распоредувањето на единиците.

„Интересното за операцијата „Пајак“ е (што) очигледно ги имате сите три специјални единици распоредени во тие операции под надзор на Франко Симатовиќ, а Јовица (Станишиќ) бил присутен и за време на операциите“, вели Вебер.

Во рамките на операцијата „Пајак“, Србија испраќала припадници на „Црвените беретки“, на Аркановите „Тигри“ и на „Скорпионите“, да му помогнат на бошњачкиот водач, Фикрет Абдиќ, поранешен директор на југословенската компанија „Агрокомерц“. Имено, Абдиќ се побуни против воената Влада во Сараево и ја прогласи таканаречената Автономна покраина Западна Босна, чиј „главен град“ беше Велика Кладуша.

Абдиќ се бореше против Бошњаците лојални на Владата во Сараево. Според книгата на новинарот, Милош Васиќ, тој „ги плаќал војниците и воените услуги (воздухопловната и артилеријска поддршка)“ на бунтовничките Срби на самопрогласената Република Српска Краина во Хрватска и на оние од Србија.

Српските борци ѝ помагаа на државичката на Абдиќ да преживее до летото 1995 година. Абдиќ подоцна беше осуден во Хрватска за воени злосторства, но по ослободувањето, тој беше избран за градоначалник на Велика Кладуша.

Појавувајќи се како сведок, Горан Стопариќ, поранешен припадник на „Скорпионите“, изјави дека „Скорпионите и луѓето на Аркан биле корисни единици за ДБ на Србија“.

„Тие беа под влијание на Државната безбедност на Србија и отидоа таму каде што им беше кажано. ДБ знаеше каде се, што прават, каде ќе одат и сè останато“, рече Стопариќ пред судот.

Вебер посочува дека паравоените единици биле распоредени во одредени области, кои биле „од клучно стратешко значење за ЗЗП (заедничкиот злосторнички потфат) во целина, за извршување на одредени операции, што зад себе повлекувало и извршување на злосторства“.

„Овие единици ретко се распоредувале во области, каде не биле вршени злосторства“, додава тој.

Меѓу доказите во овој случај, е документ од 16 јуни 1991 година, потпишан од Френки (прекарот на Симатовиќ), со кој се наложува пренесување на оружје во Голубиќ, во близина на Книн, источна Хрватска, каде неколку месеци претходно, бил формиран камп за обука на борците на ЕСО.

ЕСО е формирана во 1991 година во Голубиќ, „главно со учество на Франко Симатовиќ и капетан Драган, Драган Васиљковиќ“, нагласува Вебер.

„Тие го формирале Центарот за обука во Голубиќ и во него првично имало 28 припадници на единицата, од кои многумина, и во следните години, продолжиле да работат како истакнати членови на единицата“, нагласува тој.

Центарот за обука Голубиќ „се користел како образец за подоцнежно воспоставување на објекти за обука, во други области на Босна, Хрватска и Србија“.

Ива Вукушиќ, историчар од Универзитетот Утрехт во Холандија, вели дека Голубиќ, покрај тоа што бил тренинг камп, бил и „инкубатор за обучувачи на други единици … речиси како паравоена програма за изградба на капацитети“.

Како што можеше да се слушне на првото судење на Станишиќ и Симатовиќ пред МКТЈ, единицата својата прва операција ја извршила во летото 1991 година, кога учествувала во борбени активности против хрватските сили во Глина, Струга, Плитвице и Киев во Хрватска.

Поради беретката што ја носеле нејзините припадници, ЕСО била позната и како „Црвени беретки“. На ракавите на униформата што ја носеле, имало амблем со волк, па затоа понекогаш ги нарекувале и „Сиви волци“.

Потоа ДБ формирала друг логор во Лежимир, во близина на Фрушка Гора, северна Србија, а откако започнала војната во БиХ, и во Пајзош во Хрватска, кој наводно се користел како база за време на окупацијата на Босански Шамац, во април 1992 година.

Кампови за обука, во 1992 година, биле формирани и во Брчко, на планината Озрен и во Скелани во БиХ и на планината Тара во Србија. Следувало формирање на кампови во Баина Башта во Србија и Братунац во источна Босна.

Од 1991 до 1993 година, борбената единица на ДБ главно делувала под името Единица за посебни намени, а од август 1993, како единица за антитерористички дејства, вели Вебер.

Тој објаснува дека „дотогаш имало и новопристигнати членови, кои биле обучувани и регрутирани во оваа единица, која растела и чии операции се одвивале на различни места, прво во Хрватска, а потоа и во БиХ“. Кампови биле воспоставени и во Биље и Сова во Хрватска и повторно во Пајзош, каде српските борци биле сместени до 1996 година.

„Бевме принудени да дејствуваме во целосна тајност“, истакна Симатовиќ во говор што го одржа во 1997 година.

Тој, во таа пригода, истакна дека за време на конфликтите во 90-тите години, „биле убиени 47, а ранети 250 борци, во борбени операции на 50 различни локации“. Тој, при тоа, спомнува и 26 кампови за обука, основани во БиХ, Хрватска и Србија.

Говорот на Симатовиќ, одржан на свеченоста по повод годишнината од официјалното формирање на единицата, беше клучен доказ на судењето. Обвинителството беше на мислење дека ова покажува до кој степен Симатовиќ бил вклучен во воените активности на единицата.

Но, некои сведоци на одбраната тврдеа дека Симатовиќ ги преувеличил работите во говорот, за да го импресионира тогашниот југословенски претседател, Слободан Милошевиќ, кој присуствуваше на свеченоста.

Видеоснимка од настанот, покажува како Милошевиќ се ракува со разни високи офицери на ЕСО, вклучувајќи го и нивниот командант, Милорад Улемек Легија. Улемек во моментов издржува затворска казна за организирање на атентатот врз српскиот премиер, Зоран Ѓинѓиќ, во 2003 година, и поради други криминални активности.

„Тигрите“ на Аркан, славни паравојници

Додека „Црвените беретки“ беа тајна единица која се обидуваше да не се истакнува во јавноста, „Српската доброволна гарда“, предводена од Жељко Ражнатовиќ Аркан, позната како „Тигрите“ на Аркан, привлекуваше публицитет, па дури и самиот Аркан се фотографираше со своите луѓе пред тенк, држејќи тигарче во рацете.

„Аркан бараше внимание, тој носеше камери, беше во врска со Цеца (фолк пејачката Светлана Ражнатовиќ), тој беше еден вид на јавна личност, на начин на кој никој дотогаш поврзан со ‘Црвените беретки’ не бил“, посочува Вукушиќ.

Според одбраната на Станишиќ и Симатовиќ, „Српската доброволна гарда“ била основана во октомври 1990 година. Поранешниот припадник на гардата, Стојан Новаковиќ, на повторното судење изјави дека Ражнатовиќ повикал дваесетина свои пријатели, главно жест

Жељко Ражњатовиќ Аркан и Горан Хоџиќ

оки навивачи на фудбалскиот клуб „Црвена Звезда“ и им рекол : „Браќа, одиме во манастирот Покајница, да се заколнеме дека, доколку биде загрозен, ќе го браниме српскиот народ“.

Луѓето на Аркан имаа добро опремена база во Ердут, Хрватска. Според извештај на полковник во ЈНА, во базата имало 172 кревети за борци.

„Во објектот имаше 80 до 100 војници на ‘Српската доброволна гарда’, кои беа вооружени со скорпиони (автомати) со придушувачи како лично оружје и автоматски и снајперски пушки, исто така, со придушувачи“, се наведува во извештајот.

Во него се наведува дека локалните жители работеле како готвачи или переле алишта и дека „во објектот имало одреден број жени (8-12), кои веројатно давале сексуални услуги, но биле облечени во униформи и за нив се тврдело дека се војници“.

Во есента 1991 година, „Српската доброволна гарда“ била активна во областа на Источна Славонија во Хрватска, каде извршила разни злосторства во селото Даљ. Кога започнала војната во БиХ, членовите на единицата биле испратени таму да војуваат.

Како и Единицата за специјални операции, и „Тигрите“ поминале низ подготовка и обука, подготвувајќи се за операции во БиХ во 1992 година. Тие од Ердут биле распоредени во Бјелина и Зворник, каде што биле присутни некое време, а потоа учествувале во „операциите за етничко чистење што се спроведувале долж источна Босна“, објаснува Вебер.

Околу 65 лица, наводно, биле убиени во септември 1995 година во Сански Мост.

Една од нивните жртви, која била ранета, но преживеала, на повторното судење на Станишиќ и Симатовиќ сведочеше дека затворениците биле однесени во село во близина и стрелани во гаража од страна на луѓето на Аркан.

„Веднаш видов мртви и локви крв. Само што зачекорив, куршум ме погоди во грбот“, изјави сведокот.

„Скорпионите“ го снимаа сопственото злосторство

Исечок од видеоснимката на егзекуцијата извршена од страна на припадниците на единицата „Скорпиони“

„Чекај, чекај малку да снимам“, вели човекот зад видеокамерата, додека група војници стои пред напуштена, полууништена куќа.

Следната снимка покажува две лица чии тела лежат на земја – двајца од шестмината бошњачки цивили убиени во шума во близина на селото Трново, кои претходно избегале од Сребреница, во јули 1995 година.

Видеото за убиствата, кое го сними единицата „Скорпиони“, беше искористено како доказ на судењето на Станишиќ и Симатовиќ.

Видеото, кое беше објавено во судницата, покажува неколку припадници на „Скорпионите“, како извлекуваат шест лица од камион и ги носат во шума, каде четири лица се застрелани во тило, а потоа и со поединечни истрели во главата.

Другите двајца затвореници биле принудени да ги носат телата на убиените, а потоа припадниците на „ Скорпионите“ ги убиле и нив, покрај напуштената куќа.

Подоцна, судот во Белград осуди четворица припадници на „Скорпионите“ за ова дело. Со пресудата беше утврдено дека единицата „Скорпиони“ била  основана во селото Ѓелетовци, близу Товарник, источна Хрватска, во 1991 година. Нивната главна цел била да ги обезбедуваат нафтените полиња што се наоѓале во ова село.

„Скорпионите“ беа претежно активни во Ѓелетовци, но во 1994 и 1995 година тие се бореа околу Бихаќ и Велика Кладуша, во северозападна Босна и Херцеговина.

На почетокот, единицата се состоела од 20 до 30 лица, но во 1993 година, кога и официјално го доби името „Скорпиони“, имала околу 200 до 300 припадници.

Вебер посочува дека тие „станале поусогласени со ДБ на Србија од 1993 година“ и дека платните списоци на ДБ од тоа време покажуваат оти на членовите на „Скорпионите“ и „Тигрите“ на Аркан, им биле исплаќани дневници.

Ова го потврди и Горан Стопариќ, кој за време на војната беше припадник на разни српски единици, велејќи на повторното судење на Станишиќ и Симатовиќ дека „Скорпионите“ биле „спонзорирани“ од српската ДБ.

По завршувањето на војната во Хрватска, повеќето припадници на единицата најдоа безбедно засолниште во Србија, пред повторно да се соберат во 1999 година, за да заминат во војната во Косово.

Вукушиќ наведува дека доказите покажуваат оти Станишиќ и Симатовиќ биле вклучени во формирањето на вооружените единици и обезбедиле дека тие ќе дејствуваат на начинот на кој дејствувале.

Но, со оглед на тоа што некои сведоци дадо исказ зад затворени врати, тешко е да се знае кои конкретни наредби тие им ги дале на борците, нагласува таа.

„Мислам дека на многу начини, ваквите комуникации се одвивале со климање на главата и со намигнување. Вие не велите: ‘Одете и убијте цивили и силувајте некои луѓе’ … Мислам дека повеќе ќе да е ‘овој и овој град треба да биде окупиран, земете ги тие и тие единици“, а потоа само го правиш она што треба да го направиш“, објаснува таа.

На 30 јуни, MMKT ќе одлучи дали Станишиќ и Симатовиќ навистина биле одговорни за формирање на овие единици и за нивно испраќање во војните во 90-тите.