„Интелигентниот полемичар и прогнозер, веќе малку, како што вели, е уморен од политиката. Тој би сакал со неа да се занимава волонтерски. Тој не може да избега, сега знае, од тој врел котел“.
Вака пишуваше новинарот, Манојло Вукотиќ, во 1989 година, за тогашното ново лице на сцената на црногорската политика.
Тоа ново лице беше Мило Ѓукановиќ, кој оттогаш, повеќе или помалку, ја водеше земјата, или како претседател, или како премиер, а чија партија, за прв пат, ја загуби власта на последните избори.
Овој текст, како и многу други од далечното минато, можат повторно да се прочитаат благодарение на Југопапир (Yugopapir), веб-страница што исклучиво објавува написи од весници и списанија од времето на Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ).
Оваа страница објаснува зошто ја „отстранува правта“ од страниците на весниците од минатото, кои во спротивно би биле „осудени на исчезнување“.
„Правливите страници се чистат и се прегледуваат, најинтересните статии се издвојуваат и целосно се дигитализираат – така, не само што се скенираат, туку нивната содржина се ‘извлекува’, се претвора во текстулен формат и дури потоа се објавува“, се вели на оваа страница.
„На овој начин, бројни текстови осудени на исчезнување, добиваат нов живот: тие премиерно се појавуваат на интернет, а на пребарувачите како што е Гугл, им се олеснува индексирањето и обезбедувањето информации за популарни и важни личности, настани, феномени, од времето на СФРЈ“, се додава на страницата.
БИРН ги контактираше администраторите на оваа веб-страница за да дознаеме повеќе за нивните мотиви, но тие не сакаа да разговараат.
Текстовите објавени на оваа веб-страница, која постои од 2013 година, потсетуваат на политичкиот, економскиот, културниот и на спортскиот живот во поранешна Југославија.
Сеќавање на првите филмови во боја и на првите стоковни куќи
Написите даваат фасцинантен увид во обичниот живот во оваа комунистичка држава, која му се спротивстави на Сталин во 1948 година и си постави свој независен курс.
„Најстарото белградско претпријатие, Авала филм , минатото лето започна со снимање на „Поп Ќиро и поп Спиро“. Филмот наскоро ќе биде завршен. Тоа ќе биде нашиот прв долгометражен филм снимен во боја“, се цитира текст објавен во списанието „Фронт“ во 1957 година.
Тука се наоѓа и текст на „Илустрована политика“, објавен во јуни 1959 година, во кој детално е опишано отворањето на првата стоковна куќа во Белград.
Во текстот на „Илустрована политика“ стои дека во оваа стоковна куќа има „осумдесет видови машки чорапи, деведесет и пет детски, триесет и шест женски, сто различни предмети од трикотажа – сè и сешто, што е тешко да се наброи“.
Стоковната куќа „Белград“ тогаш беше втора по големина во Југославија, по онаа во Загреб.
Друг текст од „Илустрована политика“ од истата година, зборува за консумеризмот во Југославија кон крајот на 50-тите, опишувајќи ја редицата луѓе кои чекале да нарачаат фрижидери во стоковната куќа „Белград“.
„…редови се протегаа и нè потсетуваа на времињата кога чекавме намирници. Потребите и желбите се променија и се бараат повеќе фрижидери, отколку што има во моментов“, се вели во извештајот.
Текстовите од 60-тите и 70-тите години, честопати се навраќаат на славните битки од Втората светска војна, како онаа на Сујтеска и на Неретва, и на нивната екранизација, во обид тие да бидат овековечени.
„Битката на Неретва“, еден од најпознатите филмски проекти во Југославија, во кој глуми холивудскиот актер, Орсон Велс, беше премиерно прикажан во Сараево, во октомври 1969 година.
Југопапир објави извештај на загрепскиот магазин „Старт“ од свечената премиера во Сараево, на која присуствувал претседателот Тито, додека Велс задоцнил.
„Орсон Велс пристигна на премиерата на„ Неретва“, во моментот кога, како четнички политичар дојден од Лондон, беше убиен од четнички командант“, се вели во извештајот од премиерата.
„Кога на претседателот на Републиката (Тито) му беше кажано дека Орсон е пред вратата, тој се пошегува: ‘И токму сега кога го убија!’“.
Во текстот се забележува дека Велс доцнел затоа што „не сакал да патува за Сараево со мал, преполн авион со четири седишта и резервиран за – девет гости поканети на премиерата. Тој тргнал со автомобил и – задоцнил“.
Извештаите во весниците во 70-тите години, се осврнуваат на југословенските спортски триумфи. Југославија го освои златото на Светското првенство во кошарка во 1978 година на Филипините.
Така, новинар на „ТВ Новости“, направил репортажа за играчите на кошаркарската репрезентација – како тие тренирале, како на некои од нив им недостасувале децата или имале здравствени проблеми. Во текстот, познатиот кошаркар на Босна и Херцеговина, Мирза Делибашиќ, раскажува дека ќе го гледаат дома додека игра.
„Целото соседство ќе се собере. Знам, мојата стара подготвила туфахии и баклави, и штом играта ќе заврши, тоа ќе биде празник, секако ако победиме“, изјавил тогаш Делибашиќ, пред финалниот натпревар со Советскиот Сојуз.
Иднината која не дојде
Покрај извештаите за купувањето, за филмовите, спортот и за културниот живот, Југопапир објави и неколку текстови кои се занимаваат со проблемите во општеството и во политиката.
Некои од нив зборуваат за постоењето на цензурата. Така, во една статија во списанието „Старт“ од 1971 година, две актерки, Јагода Калопер и Вида Јерман, зборуваат за цензурата во филмската индустрија. Калопер глумела во филмот „В.Р. – Мистерии на организмот“ на режисерот Душан Макавејев, кој беше забранет 16 години по премиерата, а Јерман глумела во филмот „Маскенбал“, кој, исто така, беше цензуриран.
Во 1969 година, „ТВ Новости“ објавија текст на тема опфатена во ТВ-емисијата Видик, за иднината на земјата, со наслов „Југославија во 2000 година“.
„Истражувачот, Света Стајиќ, врз основа на трендовите 1962-1967 година, предвидува дека во 1985, ние би биле на ниво на денешна Франција“, се вели самоуверено во текстот.
Некои извештаи од 80-тите, зборуваат за економските проблеми, за растечкиот долг на земјата и за зголеменото влијание на националистичките движења во странство и нивното влијание врз југословенските работници во странство.
Текстовите од 80-тите повеќе се фокусираат на растечките проблеми меѓу републиките во Југославија.
Во 1986 година, „Свет“ објави текст во кој се врши споредба на ТВ програмите во сите шест републики, при што се истакнуваат големи разлики.
„Само кога станува збор за вестите и информациите, на сите им е заедничко тоа што немаат ништо заедничко“, се вели во текстот. „Сите наши народи и народности, имаат свои телевизиски вести“, се додава во него.
Извештаите од осумдесеттите години уште повеќе се фокусираат на економските кризи, на рестрикциите на електрична енергија и на националистичките инциденти на улица или на спортски настани, кои продолжуваат и во текот на 90-тите години.
Во објавеното интервју со кошаркарот, Драган Киќановиќ, на прашањето за зголемувањето на националистичките инциденти на спортските настани, тој одговара: „Тоа е алармантен и загрижувачки факт. Поради сè, честопати размислував да оставам сè и да го напуштам спортот“.
Набргу потоа, во 90-тите години, дојде до војна во Југославија, која исчезна од европската сцена – за што неизбежно пишуваа и весниците, чии извештаи се најдоа во Југопапир.