Откако во понеделникот, зад северната трибина на фудбалскиот стадион „Црвена звезда“ во Белград, беше поставен нефункционален Тенк Т-55, од Хрватска стигнаа критики дека клубот ја слави „агресијата“ на Србија за време на војните што избувнаа во 90-тите години, за време на распадот на Југославија.
„Црвена звезда“ објави фотографии од тенкот на официјалната страница на клубот на Фејсбук, со коментар: „Маракана сега има уште една атракција“.
Во понеделникот вечерта, српските весници „Вечерње новости“ и „Телеграф“, објавија дека тенкот е од Вуковар, хрватски град кој српските сили во 1991 година го држеа под опсада, а потоа и го уништија.
Подоцна овој дел за Вуковар беше избришан, но објавата веќе предизвикаа лути реакции во Хрватска.
Хрватскиот весник „Јутарњи лист“ објави непотпишан коментар во кој се вели дека тенкот е поставен како „морбидна провокација од Белград“ и „продолжение на прославата на српската агресија на Хрватска и на Вуковар“.
Критичарите, исто така, го свртуваат вниманието и на улогата на навивачите на „Црвена звезда“, во настаните што доведоа до војните во Југославија во 90-тите години, нагласувајќи дека некои од нив, како припадници на паравоените сили, учествувале и во борбите.
Српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, денеска изјави дека тенкот е всушност макета.
„Морам да ви кажам дека не е тенк. Значи, ова е макета на тенк. Се работи за нешто што потсетува на тенк, има гасеници и некаква макета на купола. Значи, тоа не е тенк“, рече Стефановиќ на прес-конференција.
Портпаролот на српското Министерство за одбрана, Милан Гујаница, мајор во Војската на Србија, даде поинакво објаснување. Тој рече дека военото возило е целосно онеспособено.
„Од тенкот се симнати или онеспособени сите елементи за огнени дејства и лансирање. Тенкот нема мотор, ниту трансмисија, цевката е заварена, а оптичките уреди и уредите за нишанење се отстранети. Во сегашна состојба, изложениот тенк е макета и музејски експонат“, објасни Гујаница, во видео снимката што ја достави министерството.
Гујаница додаде дека тенкот не е во сопственост ниту на министерството, ниту на Војската на Србија.
Во јули 2018 година, медиумите објавија дека Министерството за одбрана продало 29 стари тенкови.
„Црвена звезда“ досега нема дадено никакво официјално соопштение, иако хрватскиот новинар, Вибор Влаиниќ, објави дека клубот ѝ одговорил на хрватската станица Нова ТВ.
Како што напиша тој на Твитер, од клубот за Нова ТВ изјавиле дека „возилото не е од Вуковар. Станува збор за расходуван тенк, купен на воен отпад во јужна Србија. Возилото нема мотор, ниту пак е оперативно во секаква друга смисла“.
Во мај 1990 година, во Загреб дојде до судир меѓу навивачите на „Црвена звезда“ и на „Динамо“ од Загреб, непосредно по изборот на кандидатите кои се залагаа за хрватска независност. Ова насилство во голема мерка се сметаше за вовед во војната што започна следната година.
Меѓу оние кои беа вклучени во судирот од страната на „Црвена звезда“ беше и Жељко Ражнатовиќ Аркан, кого честопати медиумите го нарекуваа „водач на навивачите“.
Според извештаите, озлогласената паравоена единица на Аркан, Тигри, која беше вмешана во воени злосторства, регрутирала некои навивачи во своите редови.
На спорот околу тенкот пред стадионот на „Црвена звезда“ му претходеше друг инцидент.
Имено, во јануари 2017 година, навивачите на кошаркарскиот клуб „Црвена звезда“, развија транспарент со слика на тенк, за време на натпреварот со Панатенаикос од Атина.
Под овој транспарент беше поставен друг, помал, со натписот „Вуковар“.