Планираниот триумф, организиран од Ричард Гренел, специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави (САД) за дијалогот меѓу Косово и Србија, беше закажан за 27 јуни во Белата куќа во Вашингтон.
Тоа беше ден кога претседателот на Косово, Хашим Тачи, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, требаше да се сретнат со Гренел и други високи функционери, за да ги започнат мировните преговори кои подолг период беа во застој, во надеж дека ќе постигнат договор за економските прашања, како можен вовед во иден договор за взаемно признавање меѓу двете држави.
Средбата и секој евентуален договор би бил личен триумф на Гренел, тактичар со „острите лакти“ и комесар на Трамп, кој успешно го проби патот до средиштето на преговорите меѓу двете земји.
Средбата, исто така, ќе им овозможеше на Американците да ги ‘разбудат’ Европејците, кои многу не го сакаат Гренел и кои очајно сакаат да имаат значајна, ако не и водечка улога во одвивањето на дијалогот.
Иако ЕУ со зборови го поддржуваше продолжувањето на преговорите, за жал, таа беше неуспешна кога станува збор за напредокот на случајот. Како резултат на тоа, и Тачи, и Вучиќ, денес имаат поголема доверба во САД.
Можеби најважно, претседателот Трамп можеше да го наведе договорот како достигнување на неговата надворешна политика, нешто што очигледно недостасува во неговото резиме.
Додека тој полека се приближува кон претседателските избори закажани за 3 ноември, а со оглед на тоа што анкетите покажуваат пад на неговата популарност поради неговото неефикасно раководење за време на пандемијата и поради неодамнешните протести „Црните животи се важни“, нему му е потребна сета помош што може да ја добие.
Но, се покажа дека големиот состанок е игранка на која никој не присуствуваше. Додека Тачи, на 24 јуни, беше на пат за Вашингтон, специјализираниот обвинител од Хаг, објави соопштение дека Тачи е предмет на обвинение кое содржи повеќе точки, со кое тој и девет други лица, меѓу кои е и Кадри Весели, поранешниот претседател на косовското собрание, се товарат за сериозни злосторства и дека Тачи и Весели се обидуваат да ги саботираат Специјализираните совети на Косово (ССК).
Тачи немаше многу избор, освен да се сврти и да се откаже од, во голема мера, актуелизираниот состанок што го привлече вниманието на сите водечки американски медиуми, како „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“ и „Волстрит журнал“. По најавата за обвинението против Тачи, и косовскиот премиер, Авдолах Хоти, го откажа своето патување во Вашингтон.
Дали времето на објавувањето на соопштението е планирано или случајно, е предмет на многу претпоставки; но тајмингот е навистина чуден. Една верзија вели дека времето на објавувањето е планирано, со цел Тачи да не може да преговара во Вашингтон за укинување на судот или за добивање на имунитет.
Оваа претпоставка наоѓа одредена поддршка во делот на текстот на соопштението, во кој се вели дека „г. Тачи и г. Весели, според наводите, спровеле тајна кампања со цел да се укине законот со кој се формираа Специјализираните совети како суд, како и со намера на друг начин да ја опструираат работата на судот, сѐ со цел самите да не бидат изведени пред лицето на правдата“.
Но, како може да се случи таков договор? Судот е основан со закон што го донесе Косово и не може да се укине без Собранието на Косово да го поништи статутот.
Во секој случај, Гренел, кој изјави дека ја почитува одлуката на Тачи, веднаш го откажа состанокот, кој не беше презакажан за друг датум.
Администрацијата на Трамп отсекогаш верувала во Тачи, го сметала за личност која соодветно го претставува Косово и се однесувала кон него како единствената личност што може да постигне договор со Вучиќ. Во последните неколку години, Тачи многу пати беше во посета на САД, каде што секогаш топло беше пречек и поддржан од високи американски функционери.
Пример: Претседателот Тачи, на 30 ноември, одржа говор во Атлантскиот совет, респектабилен истражувачки центар во Вашингтон, на кој настан и самиот бев присутен. Како поранешен меѓународен судија на Еулекс во Косово, внимателно ги следев настаните во Косово, предавав и опширно пишував за оваа земја и за искуството што таму го стекнав, но ова беше прва моја шанса, лично да го видам претседателот на Косово, и да го чујам неговиот говор.
Сите очи беа вперени во него додека влегуваше во просторијата, висок, вистинска слика што ја имаме за претседателите. Се искачи на говорницата во преполната просторија во која беа американски владини функционери, странски амбасадори, политички аналитичари, достоинственици, членови на јавноста и медиумите, и ги презентираше своите забелешки на течен англиски јазик.
Клучното прашање, кое тој јасно го изнесе, беше дека Косово, и покрај ужасите искусени во војната со Србија, што тоа никогаш нема да ги заборави, е подготвено да преговара за конечен и траен договор со Србија, и дека сега е време да се направи тоа, што наиде на широк аплауз.
Време е за потегот на Гренел
Претставникот на Доналд Трамп за преговори меѓу Косово и Србија, Ричард Гренел со српскиот претседател ,Александар Вучиќ Фото: predsednik.rs
Не само што Тачи остави силен впечаток врз оваа публика, туку неговата постапка беше уверлива и за високите американски функционери со кои тој се сретна во Вашингтон – поранешниот воин, кој стана државник, со најдобри интереси за својата земја.
И навистина, само две недели подоцна, во средината на декември, претседателот Трамп зазеде невообичаено проактивен став, пишувајќи им директно на Тачи и на неговиот српски колега, Александар Вучиќ, при што ги замоли да ја искористат оваа единствена приликa, сугерирајќи дека ќе бидат повикани во Роуз Гарден во Белата куќа, за да го одбележат овој договор, што представува вистинска чест.
Но, Тачи, заедно со други врвни ветерани на Ослободителната војска на Косово, со години беа во фокусот на меѓународните истраги за воени злосторства. Овие истраги на крајот доведоа до формирање на Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство на Косово, со седиште во Хаг.
Прво, се појавија шокантни обвинувања, кои, во 2008 година, ги изнесе, Карла Дел Понте, главната обвинителка на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), според кои високи припадници на ОВК, наводно, биле вклучени во трговија со органи.
Потоа следуваше неславниот извештај што Дик Марти го достави до Советот на Европа и кој беше усвоен на почетокот на 2011 година. Во него беа потврдени бројни обвинувања кои ги наведе Дел Понте, но во него беа прецизирани и други сериозни злосторства. Овој извештај, за прв пат, спомна имиња-на Тачи и на други команданти на ОВК.
Во извештајот, Марти го опишува Тачи како лидер на организирана криминална група вмешана во убиства, тортура, присилно исчезнување, трговија со органи и други сериозни злосторства. Тој остро ги негираше овие обвинувања, опишувајќи ги како „монструозни“ и „скандалозни“. (Тој во понеделникот, во своето обраќање пред нацијата, повторно сѐ негираше).
Следеше истрага на Специјален истражен тим на ЕУ, чиј извештај поднесен во 2014 година ги потврди наводите на Марти. Ова, во 2015 година, доведе до законодавно дејствување на Собранието на Косово и до формирање на Специјализираните совети.
Иако еволуцијата на судот беше студија на случај на невообичаено скапа меѓународна правда во бавно движење, само беше прашање на време кога ќе бидат поднесени обвиненија, а секој што беше запознаен со работата на судот знаеше дека времето за ова брзо се приближува.
И навистина, специјализираниот обвинител, на 24 април, поднесе доверливо обвинение, а беше назначен и судија за претходна постапка, кој има рок од шест месеци, да ја разгледа правната и фактичката основаност на обвинението. Тоа нема да биде објавено сè додека судијата за претходна постапка не го потврди, иако часовникот веќе започна со одбројување.
Ова веројатно го информираше Гренел за можните „немирни мориња“ што, во блиска иднина, можат да се најдат пред Тачи. Веројатно Гренел верувал дека има доволно време да го одржи состанокот во Вашингтон, претпоставувајќи дека дејствува брзо, со оглед дека шестмесечниот рок за разгледување на обвинението трае до крајот на октомври.
Оваа стратегија бараше тој да ја забрза средбата, што се чини и дека се случи, и да постигне договор, каков било договор, во обид да го победи времето и да му ја спаси толку потребната победа на Трамп. Но, никој не можеше да претпостави дека обвинителот, во чија канцеларија историски имаше оскудни информации, ќе објави соопштение кое „експлодираше“ во јавноста и ги прекина разговорите.
Оваа несекојдневна секвенца на настани потсетува дека последните разговори требаше да продолжат во Брисел, под покровителство на Европа, на 16 јануари 2018 година. Истиот ден, во северна Митровица, беше убиен политичарот, Оливер Ивановиќ, а разговорите беа запрени, исто како и минатиот викенд.
Не тврдам дека сум видовит, но јас во јануари 2018 година, пред една и пол година, за оваа страница напишав текст со наслов „Американска дилема: Што доколку Хашим Тачи биде обвинет?“. Во поднасловот се вели: „САД вложија голем политички капитал во косовскиот претседател, Хашим Тачи, во надеж дека ќе обезбедат мировен договор меѓу Приштина и Белград, но потенцијалното обвинение за воени злосторства, може да делува како торпедо за стратегијата на Вашингтон“.
И тоа е токму она што се случи. САД никогаш не го развија план Б, без Тачи, а сегашниот исход може да се опише само како дебакл на надворешната политика и срам за Гренел и за администрацијата на Трамп.
Во меѓувреме, Германија и Франција планираат самит за Косово и Србија во Франција во јули, на кој Вашингтон ќе гледа како на трн во окото на Трамп.
Судијата Дин Б. Пинелис дипломирал на Универзитетот Браун, на Правниот факултет на Универзитетот во Бостон и на факултетот Кенеди на Универзитетот во Харвард. Освен во Косово, тој има долгогодишно искуство со владеење на правото и во Русија, Казахстан и Грузија.
Мислењата изразени во овој коментар се исклучиво мислења на авторот и не ги одразуваат ставовите на БИРН.