По четириесетминутно јавно наддавање на кое имало само еден понудувач, фирмата „Актрус Вентурес“ на Алан Кастиљо, син на контроверзниот бизнисмен Ангел Кастиљо, во октомври 2022 година ја купи старата топлана, во која уште одамна не се произведува топлинска енергија и служи само како топловодна потстаница.
Нешто слично како цевки за вода. Ама не е. Бидејќи никој не се сетил да наплати пристап на екипа на водовод да поправи дефект. Токму тоа го направи семејството Кастиљо, кога на почетокот на годинешнава грејна сезона не им дозволи на екипите на ЕСМ снабдување со топлина (како што официјално се нарекува компанијата што сега е задолжена за парното греење во Скопје) да го стават објектот во функција.
Она што требаше да го направат екипите на ЕСМ е, всушност, да овозможат топлата вода од топланата во Карпош да се дистрибуира до куќите на Водно. Но, наидоа на заклучени врати.
По еден ден од објавата на текстот на БИРН вода протече кон домовите на Водно откако бил постигнат договор со ЕСМ. Со тоа, жителите на овој дел од Скопје добија привремен мир, дека оваа грејна сезона нема да смрзнуваат или да се изложуваат на дополнителни трошоци за да ги загреат своите живеалишта.
Сепак, за нив остануваат многу неодговорени прашања. Како се случи клучен објект од топловодната мрежа да заврши во приватни раце? Колкави права има сегашниот сопственик по своја волја да го вклучува и исклучува греењето? Дали може да ги остави без парно и среде сезоната? Што ќе прават ако се остварат најавите на Кастиљо дека по крајот на оваа сезона ќе ја урнат топланата за да прават зграда (што може да предизвика и целосен прекин на системот)?
Како топланата заврши во стечајна маса
Она што се знае е дека објектот што сите го викаат со старото име, „топлана на Водно“, беше дел од стечајната маса на Топлификација, поранешното државно претпријатие што го снабдуваше главниот град со топлинска енергија, кое се трансформираше во акционерско друштво и се приватизираше уште во 1999 година.
Приватизираната компанија тогаш стана сопственик на производните капацитети, односно на топланите, а дистрибутивната мрежа остана во државна сопственост. Но, на акционерското друштво му припаднала и топланата на Водно, иако во неа веќе немало производство и служела само за дистрибуција.
Низа внатрешни бизнис-одлуки и надворешни неповолни околности ја доведоа АД Топлификација во финансиски проблеми. Тие особено се влошија за време на големата светска економска криза во 2008 година, во која цените на мазутот постојано растеа и парното значително поскапе, па почна бран исклучувања од мрежата што дополнително ја оштети компанијата.
Тогаш БЕГ (Балкан енерџи груп) го презеде снабдувањето, а Топлификација остана само како производител што ја продава произведената енергија на дистрибутерот. Потоа се повлече и БЕГ, а неговото место го зазеде ЕСМ Дистрибуција на топлина, која на сличен начин ја продолжи соработката со производителот. Сепак, проблемите на Топлификација се покажаа како преголеми и компанијата мораше да оди во стечај во 2018 година.
Дел од стечајната постапка беше и продажбата на имотот на компанијата, па така дел од производствените капацитети што сѐ уште работат ги купи фирмата „Адора“ на познатиот бизнисмен Ванчо Чифлиганец, а разни други објекти купија приватни лица и помали фирми, меѓу кои и „Актрус Вентурес“ на Кастиљо.
Во спецификацијата за продажбата објавена на Централниот регистар нема никакви услови. Стечајниот управник на Топлификација, Богољуб Макревски, за неделникот „Фокус“ тврди дека претходно испратил писмо до АД ЕСМ дека ќе ја продава топланата и дека треба да си ја дислоцираат опремата од капацитетот.
Тој не одговори на повиците на БИРН за дополнително да објасни зошто со продажбата на овој имот му е овозможено на приватниот сопственик да располага со пристап до мрежата за дистрибуција на топлинската енергија.
Мрежни правила: никој не смее да попречува
Каков е сегашниот статус на објектот остана нејасно. Не е производствен капацитет и служи како топлинска потстаница. Во Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија, кои ги носи операторот ЕСМ согласно Законот за енергетика, пишува дека потрошувачите, вклучително и исклучените потрошувачи, немаат право да ја попречуваат дистрибуцијата на топлинската енергија, ниту да им оневозможуваат пристап до мрежата на овластените лица на компанијата.
Сепак, во случајот со Водно се случи токму тоа – сопственик на имот низ кој поминува систем го оневозможи неговото користење за другите потрошувачи. Згора на тоа, Невена Димковска, вработена во компанија на Кастиљо, потврди дека со ЕСМ склучиле договор што предвидувал и „незначителна сума за надомест“, како што кажа.
По која основа се плаќа тој надомест? Во одговорот што го добивме од ЕСМ преку електронска пошта, ниту се потврдува, ниту се негира дека таков договор е постигнат. Одговорот на тоа прашање гласи:
„Во случај на непочитување на одредбите од мрежните правила, операторот на системот на дистрибуција на топлинска енергија ќе постапи согласно позитивните законски прописи кон третата страна што го попречува пристапот. Надлежни органи за постапување и преземање мерки согласно законот во Република Северна Македонија се судовите“.
Големи градежни амбиции на малиот простор
Во меѓувреме, амбициите на Ангел Кастиљо пораснаа над димензиите на сегашниот објект. Во телефонски разговор за БИРН, на 20 октомври, тој рече дека по завршувањето на оваа грејна сезона има намера да го урне објектот и да гради на негово место.
Но, дали може на своја рака да го направи тоа? Семејството смета дека обврска на ЕСМ е да го дислоцира системот за затоплување, меѓутоа во Мрежните правила го пишува спротивното – тоа може да се направи само на трошок на сопственикот на парцелата.
Кој, всушност, раководи со мрежата?
Најголемиот дел од топлинската мрежа во Скопје од 2022 година ја управува ЕСМ дистрибуција. Од Министерството за економија велат дека со една помала мрежа управува подружницата Енергетика на ЕСМ, а со најмалата раководи Акционерското друштво Скопје Север.
Мрежата со години беше управувана од Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор. Во 2019 година, кога тогашниот градоначалник Петре Шилегов го формираше Градското енергетско претпријатие, владата одлучи мрежата да ја даде на Градот. Но, актуелната градоначалничка Данела Арсовска најави дека го затвора претпријатието, кое и никогаш не проработе по што владата ја додели мрежата на ЕСМ. Но, за официјално да се затвори, советниците треба да ја усвојат одлуката. Таа уште не дошла на дневен ред.
Но, дислокацијата на мрежата не е единствената причина поради која до сега таму не почнало да се гради. Димковска ни рече дека со деталниот урбанистички план, таму е предвиден мал објект, а тие имаат поголеми амбиции, па ќе докупуваат околни земјишта, меѓу кои и државни парцели, за да им се овозможи да направат поголема градба.
„Што сакам, ќе градам, тоа е мое“, ни кажа во телефонскиот разговор Кастиљо.
Во моментов таму, легално не може да се гради ништо, бидејќи Деталниот урбанистички план за тој дел од градот е укинат од Уставниот суд и се подготвува нов. Подготовката, според најавите на центарскиот градоначалник Горан Герасимовски, ќе трае подолго време бидејќи станува збор за најголемиот ДУП во земјава, со најголем број градежни парцели.
Во стариот ДУП, кој веќе не важи, на парцелата е предвидена „комунална супраструктура“, односно градба што служи за комунални потреби, во случајов затоплување. Максималните димензии се околу 300 квадратни метри.
Веднаш зад објектот има празна државна парцела, на која, според сателитските снимки, има дрвја, трева и пластеник. Според укинатиот ДУП, таа е предвидена за заштитно зеленило.
Но, за воопшто да се дојде до фаза да се купува јавно зеленило и да се пренаменува во градежно земјиште, прво ќе треба да се дислоцира топловодниот систем. А тоа, според некои проценки на упатените во секторот, е прилично скапа работа што може да чини и до два милиона евра.