Регион

Траги од воздушните напади на НАТО во Косово

Од уништена воена база, до бомбардирана фабрика за муниција, овој фото-есеј ги документира знаците на воениот удар на НАТО, што и по две децении, се видливи во Косово

Косовскиот пејзаж трајно се смени на 24 март 1999 година, кога паднаа првите бомби од борбените авиони што летаа над Косово и проектили лансирани од воените бродови закотвени во Јадранското Море. Четириесет српски воени цели во Југославија беа погодени во првите 24 часа, главно во Србија и во Косово.

Тоа беше почеток на воздушната кампања на НАТО, позната како операција Сојузнички сили, која траеше 78 дена. Целта беше да се стави крај на ескалирачкиот конфликт и хуманитарната криза, принудувајќи го режимот на Слободан Милошевиќ да ги повлече своите сили од Косово.

„Ние систематски и прогресивно ќе напаѓаме, ќе попречуваме, ќе деградираме, ќе уништуваме и на крај – ако претседателот Милошевиќ не се согласи со барањата на меѓународната заедница – ќе ги уништиме овие сили и нивниот капацитет и поддршка”, изјави за новинарите во седиштето на НАТО, по првиот ден на воздушните напади, врховниот командант на НАТО во Европа, генерал, Весли Кларк.

Меѓутоа, не беа само воените објекти и конвоите цели погодени во воздушните напади. Стотици цивили, исто така, беа убиени, кога колоните бегалци беа погрешно идентификувани како српски воени цели.

Според проценките на Хјуман рајтс воч, за време на бомбардирањето на НАТО, биле убиени 500 цивили, а, по почетокот на НАТО кампањата, бројот на масакрите и присилните депортации на косовските Албанци, извршени од страна на српските сили, се зголеми.

Она што денес е останато се урнатини, конструкции од објекти и споменици во неколку села, кои се трајни лузни на воената операција започната пред 20 години.

Околината на Урошевац

Фото: Валери Плеш

Урнатини на касарна на српската војска, во која војниците можеби спиеле пред почетокот на бомбардирањето на НАТО. Лоцирана на врвот на ридот над Урошевац, таа служела како воена база на Војската на Југославија (ВЈ). Беше уништена во почетокот на кампањата на НАТО. Денес се користи како терен за вежбање за војниците на косовските безбедносни сили.

Мухаџер Прелез, северно од Урошевац

Фото: Валери Плеш

Според еден жител на ова село, кое се наоѓа на неколку километри северно од Урошевац, српските сили го окупирале Мухаџер Прелез, пред НАТО да го бомбардира ова подрачје во почетокот на мај 1999 година. Куќите во ова село ВЈ ги користела како штитови и ги криела своите возила за да не бидат забележани.

Овој тенк првично бил оставен во кратер што се наоѓа во близина, пред да биде префрлен на сегашната локација, од страна на мировниците на НАТО, КФОР. Целото подрачје било срамнето со земја, а по војната биле изградени нови куќи.

Населбата Ајвалија, Приштина

Остатоци на една од најголемите југословенски воени бази во Косово, која била нападната со ракети на 28 март 1999 година. НАТО ја сметал базата за југословенски „штаб во Приштина“ и ја прогласил за „целосно уништена“ по воената кампања.

Пред шест години, семејството Мифтари се вселило во една од напуштените градби и ја трансформирале уништената поранешна воена база, во нивна нова куќа и фарма. Вилата на министерот за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли, е само неколку стотини метри одалечена од базата и куќата на Мифтари.

Коморане, Дреница

 

Скелет на објектот каде што се наоѓала една од антените на Радио Приштина во селото Коморане, во регионот на Дреница. Другите цели на НАТО биле лоцирани во близина на овој објект, вклучувајќи и резервоари за гориво и други воени објекти.

Овој објект, во кој била една од највисоките антени во Косово, бил бомбардиран во средината на мај 1999 година, а од него ВЈ вршела ракетни напади на авионите на НАТО, додека српските сили го користеле како воен контролен пункт.

Србица

Поранешна српска фабрика за муниција и складиште во близина на Србица, централно Косово, на само неколку стотини метри од селото Преказ, каде што семејството Јашари било масакрирано во март 1998 година.

Тогаш, фабриката функционирала како дел од индустрискиот комплекс Трепча, а за време на војната служела како база на воените и на паравоените српски сили. Денес ова е риуниран, напуштен комплекс.

Кориша, Призрен

Ова место било цел на воздушен напад на НАТО, во доцните вечерни часови, на 13 мај 1999 година. Во нападот биле убиени повеќе од 100 албански бегалци, кои спиеле во складиштето во селото Кориша, во близина на Призрен, откако претходно се спуштиле од околните планини. Бегалците планирале следниот ден да продолжат кон Албанија.

Околу 500 бегалци спиеле на ова место и во тракторски приколки, ноќта, за време на нападот. НАТО, пред да го бомбардира ова место, нападнал српско воено командно место, во близина на Кориша и погрешно го идентификувал конвојот на бегалци, како уште една воена цел.

По нападот, парцелата останала недопрена и ненаселена. Еден од жителите што работи во близина ни изјави дека никој не сака да ја купи или изнајми оваа земја, бидејќи тоа е „земја на крв“. На неколку метри од оваа локација се наоѓаат гробишта, каде се закопани жртвите од бомбардирањето. Во чест на жртвите „паднати на 13.05.1999“, тука е подигнат и споменик.