Анализи

Три пресвртни години во одливот на работна сила

Пазарот на трудот станал покус за 100 илјади работници

За одењето на печалба во странство, или за целосното иселување, се зборува уште во народни песни и приказни од 19 век. Но, ако порано се пеело како цело село испраќа некого на „параходот“ , сега никој не останува во селото кога заминуваат полните автобуси.

Во последниве три до четири години, од вкупно 19 дејности, за кои Државниот завод за статистика води евиденција, во 13  има забележано двоцифрено намалување на работната сила. Најмногу работници губеле земјоделството, услужните дејности, градежништвото, индустријата, но значителни падови се забележани и во енергетиката, администрацијата, здравството и во јавната управа.

Во мак-стат базата на ДЗС може да се најдат податоци од 2011 до 2022 година. Забележливо е дека повеќето дејности ги следи сличен тренд. Бројот на вработени во нив постојано се зголемува сѐ додека не дојде до некоја пресвртна година, и потоа почнува брз пад. Во зависност од секторот, пресвртните години се меѓу 2018 и 2021 година.

Оваа крива може да се види и во вкупниот број вработени, кој пораснал од 645 илјади во 2011 на 798 илјади во 2019, од кога почнува падот, за во 2022 година да изнесува 692 илјади. Или – за само три години, работната сила во земјава останала покуса за над сто илјади работници.

Од земјоделството си заминале најмногу работници | Фото: БИРН

Од нив, 42 илјади загубило земјоделството и шумарството, 22 илјади индустријата, 15 илјади трговијата, а 11 илјади градежништвото. Во поголем број дејности, трендот почнал во 2019, а во некои како администрацијата и јавната управа од 2021 година.

Ретки се секторите каде што во 2022 година имало поголем број вработени во однос на претходните години. Поточно, има само два – информатичко-комуникациската дејност и финансиите. Некои, како образованието, се задржале на мали падови.

Теоретски, многу фактори може да влијаат врз намалувањето на бројот на вработени по сектори – преквалификација, губење на работните места или иселување. Статистиката нема прецизни податоци за тоа што точно придонело за падот во бројот на работници.

Сепак, од бројките може да се види дека луѓе „снемува“ во сите сектори, што значи дека преквалификацијата може да се исклучи.

Како што се намалува бројот на вработени, така се намалува и стапката на невработеност. Таа е во постојан пад и се преполови во последната деценија, од 31,4 на 14,4 отсто. Во 2018 година, пред да почнат пресвртните години за повеќето дејности, невработеноста била 20,7 отсто, а продолжила значително да опаѓа во следниот период.

Тоа покажува дека оние што ги напуштаат тие работни места, не остануваат како невработени на пазарот на трудот, па како најверојатен фактор за нивното заминување останува иселувањето.

Тоа не се гледа само од статистичките бројки, туку и од сведоштвата на многу луѓе вклучени во стопанските дејности. Претседателот на Синдикатот за градежништво, Иван Пешевски ,во неодамнешно телевизиско гостување рече дека секторот останал без околу 12 илјади работници, и дека најголема причина за тоа биле ниските плати.

„Не можеме да очекуваме продуктивен работник со 18, 20 или 25 илјади денари плата“, рече Пешевски.

На намалување на бројот на работници постојано се жалат и угостителите, особено во летната сезона, кога македонските работници одат во Хрватска и во други земји. Се бараат од висококвалификуван технички кадар до сметководители, и речиси нема здружение на работодавачи или на стопанственици во некоја дејност, формално или неформално, што не се пожалило на тоа.

Според премиерот Димитар Ковачевски, пак, намалувањето на невработеноста е повеќе резултат на отворањето работни места дома, отколку на иселувањето во странство. Тој го кажа ова во изјава за медиумите за време на вчерашниот самит на организацијата Македонија 2025.

„Ние имаме намален процент на невработеност во мандатот на оваа влада за осум проценти, а имаме зголемен процент на вработеност за 9,8 проценти“, рече Ковачевски, додавајќи дека во слободните индустриски зони се отвориле 10 илјади работни места, се очекува инвестиција што ќе отвори уште четири илјади, а на коридорите 8 и 10-д ќе работат околу осум илјади луѓе.

И податоците од државната статистика потврдуваат дека стапката на вработеност се зголемува, но тоа не е категорија со која се мери вкупниот број вработени присутни во државата. Според дефинициите објавени на сајтот на ДЗС, стапката што ја спомена Ковачевски означува колкав процент од работоспособното население е вработено. Со иселувањето секако се добива повисок процент на вработеност, зашто тој се изведува од помал вкупен број работоспособно население што е присутно и расположливо во земјава.

Во индустријата исто така се чувствува одливот на работната сила | Фото: БИРН

Од друга страна, и намалената невработеност е сѐ уште висока. Податоците од последниот објавен годишен извештај на Агенцијата за вработување, за 2021 година, покажува дека околу 130 илјади граѓани во земјава барале работа. Од нив, дури 75 отсто чекале на вработување повеќе од 12 месеци.

Тоа покажува дека повеќе луѓе чекаат работа отколку што си заминале од нашиот пазар на трудот. Математички би изгледало едноставно да се заменат и практично да ја снема невработеноста, ако не беше пречка најважниот фактор – образованието и квалификациите. Од тие 130 илјади што бараат вработување, две третини се без образование, само со основно или со недовршено средно училиште.

Ова ја носи државата во еден маѓепсан круг, во кој таа ги губи своите квалификувани работници, тешко може да ги замени со своите невработени, и почнува да размислува за решенија со кои нема никакво искуство, како можниот увоз на работна сила од странство.