На првиот ден од учебната година, во Дебар Маало беше откриен шарен мурал и беше организиран настан по повод 40-годишнината од забавната и едукативна емисија за деца „Бушава азбука.“
Додека децата преку игра и креативни активности ги учеа буквите, нивните родители носталгично се присеќаваа на спомените од своето детство поврзани со култната серија со која тие се запознавале со македонската книжевност, култура и традиција преку музика, анимации и глума.
Исто така, се промовираше и „Буквождер“, новата анимирана мини-серија инспирирана од „Бушавата азбука.“
Во меѓувреме, никако да почне реализацијата на долгонајавуваното современо продолжение на серијата наречено „Бушав буквар.“
Сценариото за „Бушав буквар“ е веќе одамна завршено, но неговите креатори велат дека за овој проект имало мал интерес од институциите и години подоцна сè уште не е снимена ниту една сцена.
За важноста на ваквото продолжение и за пречките при реализацијата на овој образовно-забавен проект, БИРН разговараше со Синоличка Трпкова, актерка и креативен продуцент на „Бушав буквар.“
БИРН: Зошто се нафативте да го правите продолжението на серијата „Бушава азбука“? Кое е значењето на овој серијал?
Трпкова: „Бушава азбука“ беше навистина една и единствена неколу децении во етерот, која на оригинален и забавен начин се занимаваше со македонскиот јазик.
Станува збор за една навистина, пред сè, родителска грижа на тандемот Горан Стефановски – Слободан Унковски и на тогашната МРТ (н.з. тогаш под називот Радио-телевизија Скопје) за образованието на децата.
Не беше тоа обична серија. Тоа беше љубов, посветеност, подигнување на медиумските критериуми за тоа како се создаваат нови генерации со вистински вредности.
Медиумските содржини за децата никако не смеат да ја потценат нивната интелигенција и капацитет за критичка мисла. Затоа, како никогаш до сега, потребна е една таква емисија за деца, за да им покажеме повторно дека се грижиме за нив, за нивната иднина.
И ние самите што сме сега во тимот на новата „Бушава азбука“, односно „Бушав буквар“, не би сакале да правиме компромиси по секоја цена. За една вредна и трајна серија за деца, од таков карактер, потребни се и добро обмислени и креирани соджини.
Имаме ново сценарио, кое е добро осмислено и напишано. Три години траеше процесот. Освен Унковски и Стефановски, кој со радост влезе во приказната со нас, и кој, за жал, почина во средина на пишување на новата „Бушава азбука“, сега имаме и трет коавтор, сценаристот Марјан Алчевски.
Државата е на ред. Секоја држава има свои приоритети. Нашава би требало да ги стави децата на прво место и да ни помогне, не само нам, туку на сите што имаат сè уште деца и иднина овде. Станува збор за стратешка и сериозна грижа за иднината на земјава.
БИРН: Пред повеќе години се објавуваа информации дека продолжението на серијалот, овојпат наречен „Бушав буквар“, го подготвува поголема екипа во која бевте вклучени и Вие како креативен продуцент. Што сè е направено во меѓувреме и до која фаза е развиен целиот проект?
Трпкова: Тоа што е до нас, го правиме. Сите заедно, продуцените од „Види-вака“ (Горан Игиќ и Мите Кузевски), режисерите Георги Унковски и Слободан Унковски и јас, нема каде не сме биле и не сме побарале поддршка.
Сценариото е готово. За него помогнаа државни институции. Комерцијална банка, исто така, помогна во финансирањето на сценариото, покажувајќи ја својата општествена одговорност. Фати ковид-пандемијата и од тогаш никој, ама баш никој од која и да е власт, не покажа некаков интерес за еден ваков образовен подвиг. Веројатно никој не е заинтересиран за серозно, стратешко збогатување на медиумски образовни содржини за децата и младите. А најмалку – јавниот сервис.
Да бидам искрена до крај – не сакаме по секоја цена да извадиме производ. Ова е сериозна работа. Ако мислиме на децата и се грижиме за нив – тогаш да го покажеме тоа.
Ние имаме сценарио и тим, и сега државата е на ред. Нашиот народ го заслужува тоа. Ако сакаме умна младина, мора да се инвестира во медиумскиот простор наменет за неа. Кога слушам како се зборува во јавниот простор, ме фаќа паника.
Го уништуваме најдрагоценото живо културно наследство – македонскиот јазик. А со тоа се бришеме и сами себе.
БИРН: Кога почнувавте да работите на „Бушав буквар“, тоа изгледаше како амбициозен проект што се работи со многу ентузијазам. Меѓутоа, поминаа неколку години и сè уште нема конечна реализација на серијата. Зошто толку долго чекаме да се реализира овој проект?
Трпкова: Затоа што се нема свест и визија. Зашто сите власти имаат само една програма – што подолго да владеат. Не за доброто на сите нас. Јас до сега немам чуено, видено и доживеано, во овие 35 год транзиција нешто добро, освен празни ветувања.
Напротив – станува само полошо. Очигледно никој не бил кадар за важни и суштински промени. Од наша гледна точка, „Бушав буквар“ би била огромна можност за обединување на сите и еден вид сериозен чекор за заживување, не само на македонскиот јазик, туку и на вистинските вредности што треба да го красат човекот.
Лично, не верувам дека некој ќе го прочита ова, ниту, пак, дека ќе го замисли. Но, дури и да е така, „Бушавиот буквар“ ќе дојде на ред, зашто во меѓувреме презедовме акција. Се прави „Буквождер“, нова малечка серија иницирана од „Бушава азбука.“
Јазикот ни е татковина. Властите доаѓаат и си одат. Јазикот останува наша должност, сè додека се будиме, дишеме и чекориме.