Кон крајот на мај оваа година, според црногорската полиција, 18-годишно момче ја скрши мермерната плоча на споменикот поставен на местото каде во Втората светска војна е постигнат договор, на 13 јули 1941 година, да се крене востание во Црна Гора.
За црногорското општество, ова беше речиси неочекувано како снегот во декември. Овој настан беше поттикнат со изјави полни со срамна огорченост, проследени со фрази за 13 јули како „основа на модерна Црна Гора“, за важноста на антифашизмот и така натаму.
Некои се обидоа да го минимизираат инцидентот, претставувајќи го како едноставна измислица од страна на полицијата која, наводно, го принудила момчето да го признае делото. Огромно мнозинство само сакаше да добие политички поени за претстојните избори, па оттаму, по којзнае кој пат, исчезна вистинската поента.
Веќе подолго време, црногорската јавност се однесува како ништо да не се случува, додека вика за опасностите во поделеното општество. Провинциската хипокризија и ситничавоста, не дозволуваат на граѓаните да им се каже вистината – а тоа е дека фашизмот се врати во Црна Гора.
Радикализацијата на општеството и екстремизмот значително се засилија од 2012 година, а ова стана особено видливо од 2015 година, со почетокот на анти НАТО протестот на опозицискиот Демократски фронт. Само оние кои ја видоа својата политичка можност на овие протести, не успеаја да го забележат тоа.
Мал дел од општеството сака конечно да види дека работите се нарекуваат со соодветно име и да ги видат нивните херои – воени злосторници од неколку различни периоди – како конечно го добиваат своето место во историјата. Тие сакаат Црна Гора да стане клеричко општество во кое свештениците проповедаат, мулите размислуваат, а другите слепо ги следат.
Другиот дел од општеството, во првиот гледа можност за вежба на демонстрација – покажувајќи како би изгледало општеството ако тие дојдат на власт, со што би го зацементирале своето владеење во следните 30 години.
И третиот, граѓански и прогресивен дел од општеството, засрамен и од првиот, и од вториот, се повлекува и молчи. Овој дел е доминантен во Црна Гора, како во однос на бројката, така и во однос на квалитетот.
Таа тишина, пасивност и недостиг на реакција на најдобрите и на најпаметните во општеството, нè доведоа до сегашнава ситуација, во која единствената земја во регионот, чие движење за независност не беше претежно националистичко, сега доживува процут на етнонационализмот, кој сѐ повеќе се претвора во фашизам.
Во врска со овој феномен, дозволивме злобен круг на полуреализирани „реакции“ на оние кои повремено се вознемируваат од одредени инциденти. Повеќето од овие „реакции“ се насочени против нивните противници – кој и да се тие во дадената конфигурација; многу малку луѓе реагираат против реалната опасност, а тоа е секаков облик на етнонационализам, клерикализам или фашизам.
Ова е причината поради која молчешкум се стои пред политичката канонизација на осудените злосторници од Втората светска војна. Затоа останавме рамнодушни во октомври 2013 година, кога на отворањето на црквата во Подгорица, претседателот, Филип Вујановиќ, со воодушевување зборуваше за „мир, хармонија и еднаквост“ – опкружен со фрески на фигури на маршалот Тито, Карл Маркс, Фридрих Енгелс и на луѓе кои многу личеа на Албанци, сите горејќи во пеколот.
Бевме немо преплашени кога главниот опозициски Демократски фронт повеќе пати предложи да се воспостави еквивалент на српското движење Равна Гора во Црна Гора, како родно место на военото четничко движење и да се изгради споменик на злосторничкиот и фашистички соработник, Павле Ѓуришиќ, четнички командант во Црна Гора.
Бевме преплашени и кога бевме сведоци на закани кон малцинствата дури и од говорницата на Собранието.
Толериравме кога дел од интелектуалната „елита“ го поддржа сеќавањето на Крсто Поповиќ, Црногорец, кој соработуваше со германските и италијанските окупатори и фашисти. И толериравме кога, во негова чест, цртаа мурали низ Црна Гора, заради она што тој го направи за оваа земја пред Втората светска војна.
Ние сметавме дека се работи за изолирана појава кога државниот функционер, член на Бошњачката партија, Аднан Муховиќ, ги ‘плукаше’ Црногорците, големиот кнез, епископ и поет, Петар II Петровиќ Његош – и им вети на Србите нова „тракторска трка“ – отворена алузија за операцијата „Бура“ на хрватската војска во 1995 година, која резултираше со масовен егзодус на Србите кои тоа лето со трактори ја напуштаа Хрватска.
Ние молчевме и на навивањето за Ослободителната војска на Косово во просториите на нашите училишта. Ние повторно молчевме на необјаснивата објава на фотографијата на еден од водачите на протестот на српската црква во Црна Гора, Гојко Петровиќ, кој позираше под фотографијата на српскиот четнички лидер, Дража Михајловиќ.
Ние не ги забележавме создавањето на етнонационалистички онлајн мрежи за дезинформација, нивните активности или нивните спонзори. Исто така, не забележавме дека неколку нормални медиуми ја сметаа оваа тема здодевна и неважна, од третокласна важност.
Ние не се спротивставивме на растечкиот притисок за водење на политика на „соживот“, опасно погрешна „мултикултурна“ политика, чија реална цел е да покаже дека односите меѓу луѓето во Црна Гора се прашање на принуда. Политика која, во изопачените умови, треба да го замени вистинскиот и автентичен начин на живот на оние што живеат овде и кои ја сметаат оваа земја за своја.
Само неколкумина беа загрижени за очигледната употреба на антагонизам кон членството на Црна Гора во НАТО, со цел воспоставување етнонационалистички жаришта во нашето општество.
Не бевме вознемирени од предлозите за „поделба“ на територијата, културата или економското богатство, според процентите од пописот. Идеите за „мононационални вистини“ и давање придобивки на народите, наместо на граѓаните, кои имплицираат уништување на темелите на модерната држава, за нас станаа нормални. На ваков ист начин беше уништено граѓанското општество во скоро сите земји од поранешна Југославија.
Нам ни беше во ред да имаме тесни матрици за идентитетот, засновани на трауми, наместо на победи, вградени во нашите глави. Ние дури и не ја забележавме ревизијата на историјата што, во секоја пригода, ни беше сервирана.
Политичките елити, опиени од нивната победа на референдумот за независност, се фокусираа на броење на квадратни метри и планински и крајбрежни парцели, што им се нудеа на руските тајкуни, наместо да создаваат сериозни политики и инструменти што ќе ја зајакнат антифашистичката граѓанска држава. Тие веруваа дека против фашизмот може да се бориме со геодетски пресметки, а не со образование, со создавање модерна правна рамка и со постојано промовирање на овие вредности од страна на луѓето со интегритет.
Во песната „Фирма“, најдобриот постјугословенски бенд, Хладно Пиво, го објаснува процесот на приватизација во Хрватска, што важи за целиот Западен Балкан, со зборовите: „Бог, татковина, нација, сите на под, ова е приватизација!“.
Тие опишуваат „како паднавме без испукан куршум, на стариот трик за нов почеток“. Ова е совршен опис на она што се случи со нас и во другите области, особено во областа на фашизацијата на општеството. Црногорското општество беше етнонационализирано без сериозен отпор.
Уништувањето на споменикот „13 јули“ е, исто така, уништување на антифашистичката, единствена можна, Црна Гора. Затоа е крајно време да се разбудат вистинските граѓани – Црногорци, Срби, Бошњаци, муслимани, Албанци, Хрвати, Роми, Југословени и сите други, вклучително и оние без нација. Црвената линија е помината. Време е решителната опозиција да покаже дека не сме само сплеткари, туку вистински антифашисти – оние кои навистина се грижат за Црна Гора.
Како што еднаш рече еден народен херој: „Ако го одвоите антифашизмот од Црна Гора, она што ќе остане е само – ништо“.
Dragan Koprivica е извршен директор на Центарот за демократска транзиција (ЦДТ) во Црна Гора.
Ставовите изразени во овој коментар се ставови на авторите и не ги одразуваат нужно и ставовите на БИРН.
Овој текст е напишан како дел од регионалната програма „Западен Балкан: Разбирање и спречување на антизападното влијание“, спроведена од Меѓународниот републикански институт (МРИ) во Сараево. Мислењата на авторот не ги одразува нужно и ставовите на МРИ.