Анализи

Црвенковски – „газдата“ на отпорот, прв мора да се демонополизира!

На Црвенковски му е мило ако успее фронотот против режимот на Груевски, но не му е мило ако ловориките за тоа ги собере новото раководство на СДСМ. Тој бара демонополизирање на фронтот, всушност, заради демонополизирање на успехот, но самиот не може да ја демонополизира својата улога во СДСМ. 

Ако се остават настрана искажаните недоследности, она што заслужува внимание е реалната проценка на Цренковски дека битката против Никола Груевски нема да се добие со еден потег

Ако се остават настрана искажаните недоследности, она што заслужува внимание е реалната проценка на Цренковски дека битката против Никола Груевски нема да се добие со еден потег

Кога зборува еден политичар, за да му верува јавноста мора да демонстрира искреност, објективност и елементарна доза на самокритика. Токму тоа е она што недостигаше во првиот ТВ-настап на поранешниот премиер, шеф на државата и лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, по неговата двегодишна определба за самоизолација од партискиот и политичкиот живот.

Формално, тоа беше елоквентен, сигурен и самоуверен настап, но под тој „целофан“ останаа видливи бројни контрадикторности, токму како последица од отсустото на самокритичност и објективност при компарирањето на суштинските разлики на периодите за кои зборуваше. Како последица на тоа, или можеби со намера, целата поента на неговиот настап се сведе на желбата да докаже дека актуелното раководство на СДСМ сега се враќа на она за што тој се залагал во 2012 година – политика на отпор и бојкот!

Иако се обиде таа критика формално да ја минимизира, со став дека „сега постојат повисоки приоритети, отколку да се расчистуваат тие работи од пред две години“, целиот потконтекст на неговиот настап беше токму во таа насока: дека тој гледал пред времето, а ова сега, е реакција на задоцнет ум. Притоа не заборави да ги сумира и штетите. Нагласувајќи дека во меѓувреме „се изгубени цели две години“, Црвенковски потенцираше: „Подобро ќе беше оваа битка да ја започневме тогаш“.

Гледано површно, изгледа така. Но, случајно или намерно, тој прескокнува ноторен факт – дека околностите пред две години и денес се драматично изменети. Настаните од 24 декември 2012 година, поради целосната покриеност на мејнстрим медиумите со владина пропаганда, а следствено на тоа и со неможност на опозицијата медиумски да ги демаскира причините кои доведоа до упад на извршната во законодавната власт, не произведоа силен граѓански енергенс за распламтување на сеопшт отпор.

По неколку протести, отпорот спласна, изгуби енергија и ќе беше непродуктивно да продолжи да се манифестира персонифициран преку една „лада“, мегафон и неколку десетици или стотина демонстранти. Но, во желбата да покаже дека бил во право, Црвенковски го занемари тој факт.

Она што ја прави разликата меѓу објективен и необјективен политичар, е во тоа што првиот знае дека една иста стратегија не може да даде исти резултати во различни околности. Од универзален модел на една „пери-носи политика“ илузорно е да се очекува иста жетва по сите поводи, во сите сезони и секакви услови.

Не дека Црвенковски не ги знае специфичностите на различните политички периоди. Напротив, тој и самиот потенцираше дека не може да се влече аналогија меѓу аферата со прислушкувањето „Големото уво“ во 2001 година, со оваа во 2015-та. Дека во 2001 година започнала постапка во Собранието за политичка одговорност, како и кривична постапка за „Големото уво“, но e свесен дека денес нема шанси за правна разрешница. Аналогијата ја признава само кога му оди во прилог на сертифицирање на неговите „отпорашки“ ставови од 2012 година, без оглед што денес околностите се драстично изменети.

Иако соочени со груби и тешки медиумски блокади, скандалозните сознанија од „бомбите“ произведоа силен енергенс на граѓанско незадоволство кон презентираните бројни злоупотреби на власта / Фото: Г. Ризаов

Иако соочени со груби и тешки медиумски блокади, скандалозните сознанија од „бомбите“ произведоа силен енергенс на граѓанско незадоволство кон презентираните бројни злоупотреби на власта / Фото: Г. Ризаов

Иако соочени со груби и тешки медиумски блокади, скандалозните сознанија од „бомбите“ произведоа силен енергенс на граѓанско незадоволство кон презентираните бројни злоупотреби на власта. Тие индиции не зборуваат за „црн понеделник“ само во законодавната туку за „црни понеделници“ и во судската, и во извршната, и во четвртата власт – медиумите. Со тие црни понеделници системот е метастазиран и по вертикала и по хоризонтала, на многу нивоа и во многу ешалони.

Затоа, обидот на Црвенковски да го изедначи по важност граѓанското „експлозивно полнење“ за протест во 2012 година со ова денес, само за „емпириски“ да ја потврди неговата теза дека единствено неговата тогашна политика била исправна – не значи ништо друго туку суптилно релативизирање на денешните „бомби“.
Тоа не е коректно, особено ако во исто време повикува на граѓанска мобилизација и обединување во „сеопшт народен и мултиетнички фронт против овој тоталитарен режим“, токму врз ефектите што тие „бомби“ ги предизвикуваат во јавноста.
Меѓу другото, Црвенковски се обиде да одигра и една обединувачка пируета, но врз основа на некоректно подметнување на лажна перцепција за сегашната „концесија“ врз незадоволството произведено од бомбите: „Ако фронотот биде монополизиран од една или неколку партии, нема да успее“.
Од каде ставот дека фронот ќе биде или дека е монополизиран?
Прво, со јавното објавување на „бомбите“, особено со децентрализираниот модел на нивно презентирање, и СДСМ и неговите коалициски партнери покажаа дека немаат намера тие сознанија да ги чуваат во партиски сеф туку дека вистината за Македонија треба да ја знаат сите граѓани.
Со тоа, не само што го демонополизираа „капиталот“ што го поседувааат туку јавно и јасно порачаа и повикаа дека во фронтот против режимот на Груевски ги очекуваат сите демократски и слободарски ориентирани граѓани, без разлика на нивната етничка, верска и партиска припадност.
Од тој аспект, обидот на Црвенковски да чука на отворена врата, остава непријатен впечаток дека неосновано сака на опозициската коалиција да ѝ залепи етикета на „затвореност“ или, пак, јавно да потсети „некого“ дека фронтот нема да успее, ако „тој некој“ успее да ги спречи граѓаните масовно да ѝ придружат на опозицијата во битката против сегашната власт.
Затоа, кога Црвенковски вели „моето молчење беше погласно од моето зборување“, само делумно е во право. Не се важни децибелите, дали нешто е потивко или погласно кажано туку што е кажано.

Еве што фактички кажа Црвеновски сега кога реши да проговори. Дека му е мило ако успее фронотот против режимот на Груевски, но не му е мило ако ловориките за тоа ги собере новото раководство на СДСМ. Тој бара демонополизирање на фронтот, всушност, заради демонополизирање на успехот, но самиот не може да ја демонополизира својата улога во СДСМ: „Кого би поддржал ако не СДСМ? Тоа е моја творба, мое чедо. Ако некој му сака добро на СДСМ тоа сум јас и тоа повеќе од целото раководство на СДСМ“.

Никој не ја оспорува улогата на Црвенковски во СДСМ и за СДСМ. Со години беше сметан за „татко“ на партијата, за нејзина икона. Со право, секако. Но, оваа негова изјава, многу грубо ги исклучува од приказната сите оние кои никогаш не биле на партискиот трон, а се дел од мозаикот без кој сликата и суштината на партијата не би била ни можна, ни целосна.

Мудар политичар кој повикува на масовна инклузивност во моменти на тешка политичка криза, би се однесувал исклучиво како „еднаков меѓу еднаквите“, а не како „поеднаков од другите“.
Во тоа е разликата. Но, со ова, свесно или несвесно, Црвенковски до СДСМ испорача Еридино јаболко кое е најмалку потребно во овој момент.

Патем, не спомна ништо за демонополизирање на личните жртвувања во „бомбашкиот процес“. Значи, „нормално“ е Заев да прима само кривични пријави, обвинителен акт, да се влече по судови, да гази по трње со раководството и членовите на партијата, да стравува за својата и за безбедноста на семејството, но баш и не мора да му припадне некоја од розите при победа во битката.

Ако се остават настрана искажаните недоследности, она што заслужува внимание е реалната проценка на Цренковски дека битката против Никола Груевски нема да се добие со еден потег: „Не треба да се создаде впечаток дека работата ќе биде завршена на 17 мај вечерта. Оваа битка ќе трае“.

Тоа е добронамерен совет и во неговата заднина не се крие сомнеж во истрајноста на СДСМ, на здружената опозиција или на демократската јавност генерално туку реална проценка дека власта е истрајна во намерите да оди до крај.

А патот до успехот за да биде што пократок, а победата посилна, единствената битка што мора да заврши пред да почне главната, е Црвенковски да се избори во себе со чувството дека неговиот придонес во СДСМ не е нотиран или дека е игнориран. Такви сигнали се потребни да дојдат и од актуелното раководство на СДСМ, без оглед на сегашните приоритети. И најдолгиот пат започнува со првиот чекор.