Репортажи

ТВ егзорцизам против родовата еднаквост

Како свештеник и „македонски активист“ разговараа за биологија, психологија, политика и за човекови права

Последниот јунски понеделник за годинава се ближеше кон крајот. Сонцето беше далеку од зајдено околу 18 часот, кога се запалија светлата во малото студио на телевизијата Алфа и водителот со добредојдовте ја отвори емисијата на тема „Сенароден собир на МПЦ -ОА против новите закони за родова еднаквост и за матична евиденција“.

Седнати на високи столчиња, од левата страна на екранот е презвитер Ивица Тодоров од МПЦ-ОА и од десната Томче Ширков, претставен како член на претседателството на партијата Родина и „македонски активист“.

Меѓу нив, на кружна платформа стои името на емисијата „За или против“, иако уште на почетокот станува јасно дека и двајцата гости се на истата страна. Тие се „против“ предложените закони за родова еднаквост и за матична евиденција, односно „за“ поддршка на протестот што црквата го организира в четврток за да се спротивстави на овие законски решенија.

„Првпат црквата организира протест. Тоа значи причината е многу сериозна“, ја почна својата дискусија свештеникот Тодоров.

Од тој момент, гледачите се втурнуваат во лавиринти од образложувања зошто не треба да има родова еднаквост каква што е предвидена со законот. Од објаснувања за род, пол и семејство, до претскажувања за пропаст на државите. И додека гледачите  патуваат низ дефинирањето кучешки раси, градењето детски вециња со песок и „разобличувањето“ на фармацевтските профити, на крајот ги чека посебно изненадување, предлог како  да се реши оваа „духовна битка меѓу доброто и злото“.

Берење библиски цреши

Црквата првпат организира протест | Фото: принтскрин, Алфа ТВ

На почетокот пораките беа мошне директни. Отецот Тодоров, кој се гледаше дека претходно детално ги проучувал законите, рече дека со нив ќе се разурне сè што се подразбира како традиција, животно искуство и здраво потомство, затоа што „според родовата идеологија, секој човек може себе субјективно да се доживее како што сака, и тоа доживување државата треба да го прифати и да го озакони“.

Со мирен тон и мали гестикулации, но без заобиколување, тој кажа дека проблемот е што со закон ќе мора да се прифати дека некој е различен од другите.

„Кога во една реалност се појавуваат луѓе што се доживуваат така како што се доживуваат, ние останатите, кои ја прифаќаме реалноста таква каква што е, треба да бидеме ставени во ситуација да ја прифатиме таа нивна субјективност и умисленост како нешто што е објективно“, објаснува Тодоров.

Против или против

На кружна платформа стои името на емисијата „За или против“, иако уште на почетокот станува јасно дека и двајцата гости се на истата страна.

Дојде време во разговорот да се воведе Томче Ширков, претставен како човек што „долги години го истражувал овој терен“, без да се споменат некакви професионални квалификации што би покажале дека е компетентен истражувач. Почетната најава како „македонски активист“ остана неговата единствена референца до крајот на емисијата во која зборуваше за теологија, биологија, социологија, фармакологија, лингвистика, но и за други теми.

На почетокот сè уште недоволно опуштен, почнува да објаснува дека за еднаквост не може да се зборува ни меѓу самите жени, а камоли меѓу нив и мажите.

По овој вовед што личеше дека води кон често повторуваната теза дека „жената треба да си го знае местото“, се случува пресврт. Ширков објаснува дека Црквата била погрешно обвинувана дека ја дискриминирала жената зашто „Христос прв ја има воведено рамноправноста меѓу мажот и жената и ги прави рамни пред Бога“. Затоа, вели, меѓународните конвенции биле за рамноправност, а не за еднаквост.

„Зошто жената е извадена од реброто? За да му биде рамна на мажот. Не е од стапалото, за да не ја гази, а не е ни од главата, за да не му биде главна“, вели тој.

Следуваа минути во кои двајцата соговорници се поддржуваа, цитирајќи внимателно избрани делови од Библијата што одат во прилог на нивните тези за рамноправност. Логото на емисијата „За или против“ беше излишно. Се говореше од позиција на „ние“, кои се браниме од  „тие, некои глобални групи“ што не му мислат добро на човештвото.

Водителот само со поглед го следеше ова „берење цреши“ од аргументи во кои, како што скапаните цреши се оставаат на дрвото, така и историјата за односот на религијата кон жената, или денешните канонски правила на исклучивост по пол, останаа надвор од разговорот.

Повик за нееднаквост

Презвитер Ивица Тодоров во емисијата „За или против“ | Фото: принтскрин, Алфа ТВ

Кадарот се враќа на свештеникот Тодоров, кој веќе со засилен, предупредувачки тон, извикува дека ако се усвои законот, пред државата рамноправни ќе бидат луѓето со „објективно поставени идентитети“ и „останатите што ќе имаат субјективно лично доживување за својот род“.

Измина половина од емисијата, кога свештеникот тргна да објаснува зошто таа рамноправност е страшна. Одговорот остана на линија на познатиот црковен став дека ваквите политики ги поткопуваат бракот и семејството како темел на општеството.

„Кај што има слаби брачни заедници, тоа општество и таа држава сериозно си го поставува прашањето за својата иднина. Кај што има сериозен брак, таму има здрави семејства, здраво потомство, здрава црковна заедница, морални, функционални личности, кои го подигаат нивото на општеството и на духовен, и на економски, и на културен план“, рече тој.

Тодоров не кажа кои држави пропаднале поради слаби бракови или просперирале поради силни брачни заедници. Ниту, пак, некој го праша. Водителот само се надоврза дека не бадијала хаштагот на протестот бил „имаме должност“.

Веднаш потоа се сврте кон Ширков и од него побара објаснување што е род и пол во природните науки, а што во општествените.

Во овој момент, разговорот се прошири на толку многу теми, што речиси се заборави дека емисијата е за законите за родова еднаквост и за матична евиденција.

Сѐ и сешто

Откако ги измеша расата и родот кај кучињата, продолжи дека кај луѓето овие работи биле покомплицирани зашто тие ги мешале расите и не ја задржале чистотата на родот.

Ширков почна да објаснува дека во биологијата, родот е групација на единки што се слични и што живеат во ист хабитус, па така од родот лупус има вид куче, волк, домашно куче, а од домашните кучиња има род шарпланинец. Откако ги измеша расата и родот кај кучињата, продолжи дека кај луѓето овие работи биле покомплицирани зашто тие ги мешале расите и не ја задржале чистотата на родот.

„Сепак, постарите прашуваат – чиј си ти, од кој род си“, беше неговиот аргумент.

Зборувајќи брзо, цитирајќи автори и извори, продолжи да објаснува како во општествените науки, родот е различна работа и дека тука нештата се двополови. Па, така „во економијата има униполарен и двополарен договор“, во меѓународното право „еднополарна или биполарна средба“, но не и „мултиполарна“, туку само мултилатерална. Кажа и како македонските војводи се бореле за поробената родина и како родовите се разликувале во граматиката.

Гледачите што ги поминале овие шест минути со подотворена уста, спуштени веѓи, на крајот, сепак, го дочекаа заклучокот.

„Родот, ни во природните, ни во општествените науки, нема никаква врска со секс, сексуално чувство, сензационализам, ништо од тоа“, поентираше Ширков.

Свештеникот Тодоров се обидуваше да се држи многу повеќе на конкретната тема и на неговите тези, кои почиваат на ставот дека трансродовоста е всушност ментално растројство. Смета дека како духовник бил компетентен да даде таква квалификација, исто колку и еден психијатар.

„Доколку ние се умислиме и ја негираме реалноста таква каква што е, заминуваме во ментално душевно заболување“, рече, додавајќи дека таквите луѓе не можеле да бидат функционални во општеството.

„Знаеш дека сега ќе те обвинат за говор на омраза, така?“, му порача водителот.

„Не знам, јас говорам за тоа што вели науката“, одговори свештеникот.

Заразна трансродовост и светот во хаос

Активистот Томче Ширков од Родина беше вториот соговорник | Фото: принтскрин, Алфа ТВ

Во последниот дел од емисијата – минути за теории на заговор. Ако се прифати родовата идеологија, целиот свет ќе потоне во субјективизам и ќе создаде, како што вели отецот, обескоренети луѓе, без одговорност кон себе, и без можност да изградат здрава брачна заедница.

„Кој ја има таа цел и зошто некој сака огромен процент од човештвото да биде ваков, тоа е проблематика што навлегува во контекстот на глобалните политички прашања“, додаде Тодоров.

Гостите тврдат дека трансродовоста ќе се ширела како зараза и ќе настанел хаос во светот, уривање на државите, целосна бела чума…

„Играта е многу подлабока, не е играта само македонското општество, ова се работи многу подлабоко“ вели Ширков.

Кога се шират теории на заговор, вообичаено е да се користат екстремни примери, анегдоти, чија веродостојност не може да се потврди. Така, се зборуваше како „некаде во Канада“ дете виело на часот зашто се идентификувало како волк, на друго место „во Канада или во САД“, дете не одело во веце зашто се чувствувало како мачка, а во тоалетите немало садови со песок…

Водителот праша дали фармацевтската индустрија ќе заработи многу пари од овие трендови, и доби одговор од Ширков дека токму тоа ќе се случи, со масовни операции за менување пол и масовно примање хормонски терапии.

Со молитва против демоните

Соговорниците речиси целосно се согласуваа со ставовите | Фото: принтскрин, Алфа ТВ

Во финишот на емисијата, чие име сè повеќе стануваше иронија, соговорниците со соодветен тон алармираа дека „во светот се води духовна војна меѓу доброто и злото, вистината и лагата, и битно е секој човек да го избере доброто и вистината“.

 Што ќе се случи во спротивно? Ширков даде објаснување.

И теории на заговор како зачин

Во последниот дел од емисијата – минути за теории на заговор. Ако се прифати родовата идеологија, целиот свет ќе потоне во субјективизам и ќе создаде, како што вели отецот, обескоренети луѓе, без одговорност кон себе, и без можност да изградат здрава брачна заедница.

„Овие глобални групи ги криминализираат светите, возвишените, торжествените нешта. Сè почеста од овие групи е криминализацијата на поимот мајка. Таа веќе не била мајка, таа била производител на нови луѓе. Таа веќе немала матка, односно родилни канали, туку  предна шуплина за производство на дете. Ако некој рече се гордеам со својата мажественост, ќе му речат ти не си маж, ти немаш пенис, туку родово неутрален преден мускул. Замислете. Тоа се ноторни глупости“, со кренат прст извикува Ширков.

Публиката остана ускратена од одговорот кој го пропагира тоа, но не и од конечно решение на проблемот со флуидноста.

„Луѓето што имаат повеќе личности во едно тело, час се чувствува како маж, час како жена, како дрво, како пеперутка и сакаат да им се обраќаме со „вие“ – од нив психологијата кренала раце и ги препушта на Црквата, која применува молитви, и тоа е веќе егзорцизам, односно демонопрогонение. Ако едно тело има повеќе личности, се наметнува прашањето чии се тие и дали се овоземни, од каде доаѓаат. Во тоа светло треба да се разгледува и целата идеологија“.

Тоа остана како заклучок од оваа дебатна емисија. Наместо да се носи закон за родова еднаквост, трансродовоста може да се прогласи за растројство и да се лекува со егзорцизам.

На сето тоа, тивкиот водител во својата одјава само додаде – „имајќи предвид што сè се случува околу нас, чувајте се и вие и семејствата“.