Регион

Убиство или воено злосторство? Зошто БиХ има дилема

Босна и Херцеговина во војната водеше судски постапки против свои борци за убиство на цивили, но не ги обвини за воени злосторства

Откако беше именуван за директор на јавното претпријатие за производство и дистрибуција на топлинска енергија, „Топлане“, во сараевскиот кантон, Енвер Зорниќ, се најде на удар на критиките. Имено, на медиумите во БиХ, предводени од онлајн истражувачкото списание „Журнал“, не им требаше многу да откријат оти тој во војната бил осуден за учество во убиства на цивили.

На Јагода Јанковиќ, која била во притвор под надзор на Зорниќ, ѝ било речено дека ќе биде разменета за затвореници во сараевската населба Грбавица, меѓутоа, таа била однесена во напуштена куќа, каде што била застрелана во главата. Иста била судбината и на Нинковиќ.

На Joсип Гогало, после четири дена испрашување, му било ветено дека ќе биде ослободен. Но, тој бил одведен во истата куќа, каде што бил застрелан со неколку истрели во главата. Телата на тројцата убиени цивили, по убиството, биле запалени.

Сите три убиства биле извршени ладнокрвно, и иако Зорниќ не го повлекол чкрапалото, од сведочењето на сведоците било утврдено дека знаел за плановите да се извршат убиства и дека учествувал во нивното прикривање.

БИРН доби факсимил на пресудата од 1993 година од Кантоналниот суд во Сараево, каде се наоѓа архивата на Окружниот воен суд, во која се вели дека Зорниќ го донел бензинот со кој прво биле полиени телата, а потоа и запалени. Во пресудата се наведува дека Зорниќ бил свесен за сторените злосторства и дека сторителите редовно пријавувале што направиле.

Зорниќ бил прогласен за виновен по три точки од обвинението за убиство, односно за командна одговорност и за уништување на докази, и бил осуден на десет години и три месеци затвор. Според архивските документи од Кантоналниот суд Сараево, во кои БИРН имаше увид, тој, пред судењето и по изрекувањето на казната, помеѓу 7 јануари 1993 и 30 декември 1995 година поминал вкупно три години во притвор. Тој бил помилуван не еднаш, туку трипати, од Претседателството на БиХ.

Сепак, Зорниќ за БИРН вели оти ниту денес не се чувствува виновен и оти е сѐ уште збунет во врска со судењето, тврдејќи дека тој бил само цивил и оти немал командна надлежност.

„Моја вина за убиството на Јосип (Гогало) едноставно не постои, освен фактот дека јас едноставно бев таму во тоа време. Ме осудија за командна одговорност, иако немав командна функција и тоа е суштината на сè. Бев суден пред воен суд како цивил и сè уште не знам како и зошто“, нагласи Зорниќ.

Во пресудата од 1993 година се наведува дека Зорниќ бил „припадник на вооружените сили на РБиХ од 6 април 1992 година“ и „помошник командант за безбедност на VI ридска бригада“.

Пристрасна правда во војната

Не е познат вкупниот број на вакви случаи, кои можеле да се судат како воени злосторства, но наместо тоа се суделе како убиства. Во Кантоналниот суд Сараево ни рекоа дека, со оглед на големината на архивата на Регионалниот воен суд и начинот на кој се организирани, не постои „начин да се пребараат“ информации за слични случаи.

Дваесет и шест години подоцна, и натаму е тешко да се утврдат официјалните причини зошто не е поднесено обвинение за воени злосторства во случајот Зорниќ. Мустафа Бисиќ, воениот обвинител кој поднел обвинение против Зорниќ и другите, за БИРН изјави дека „не е надлежен да дава изјави и дека нема да коментира ништо за ова“.

Сепак, кривичниот закон кој во тоа време бил на сила, оној од Социјалистичка Федеративна Република Југославија, содржел посебна одредба за воени злосторства извршени над цивили. Во членот 142 стоело дека оние кои „ги кршат правилата на меѓународното право за време на војната … даваат наредби за напад на цивили (или) вршат убиства, мачат, нехумано постапуваат со цивили“, може да бидат казнети со затвор во траење од најмалку пет години, па дури и со смртна казна.

Мухидин Капо, судија на судењето во 1993 година, вели дека смета оти одлуката, лица да се гонат за убиства, наместо за воено злосторство, била соодветна и дека казните биле правични.

„Ние ги осудивме и тие ги одслужија своите казни. Тие излегоа „чисти“, поточно, како слободни граѓани. Луѓето во војна прават работи што во мир не можат да замислат да ги направат. Колку што знам, овој случај беше преиспитан од Хашкиот трибунал и тој оцени оти се било по пропис“, нагласи Капо.

Сепак, адвокатот и поранешен судија, Владо Адамовиќ, истакнува дека тоа што случајот „Зорниќ“ не е квалификуван како воено злосторство, е симптоматично за сите вакви судења во војната. Проблемот со овие и со другите слични случаи, вели Адамовиќ, е што секоја страна „ги процесирала своите“, и барала начин казните да бидат поблаги.

„За жал, ова е карактеристично за воениот период и воените судења. Имавме случаи што завршуваа со условна казна, за дејствија за кои законот не дозволуваше (ваков вид на казна), или случаи што започнуваа и завршуваа истиот ден“, вели Адамовиќ за БИРН.

Случајот со Зорниќ не е еден од попознатите. За егзекуцијата на лица кои не биле Бошњаци и за фрлањето на нивните тела во јамата Казани, која се наоѓа на планината Требевиќ, над Сараево, им се судеше на припадници на 10-тата ридска бригада на АРБиХ, чиј командант беше Мушан Топаловиќ Цацо, но и ним за убиства, а не за воени злосторства.

Бројот на убиени на локалитетот Казани, за време на опсадата на Сараево, никогаш не е официјално утврден. Дури по војната дојде до ископувања на теренот, при што беа ексхумирани останки на 23 жртви.

Историчарот, Николас Мол, автор на студијата „Сараевската најпозната јавна тајна“, која ги анализира злосторствата на локалитетот Казани и нивните последици, за БИРН вели дека неговото истражување јасно покажува оти „обвинителството било свесно дека злосторствата на Казани не биле на ниво на убиства“.

Во написите во медиумите, во кои се цитираат оригиналните документи на обвинителството, стои дека обвинението „првично се однесувало на воени злосторства, но дека ова било преиначено во убиства во конечното обвинение“, додава Мол.

Причините за ова не се јасни, но Мол потенцира дека би било фер да се претпостави дека „заради политички експлозивната природа на овој предмет, судските власти решиле да го изменат обвинението, самостојно или поради политички притисок“.

Бидејќи војната беснеела, притисокот врз властите во Сараево, да водат чиста евиденција, бил огромен, бидејќи босанските Срби, босанските Хрвати, како и Србија и Хрватска, биле подготвени да ја искористат секоја можност, да ги претстават сите три страни како подеднакво виновни за секое кршење на законот.

„Ужасни, системски злосторства“

Одбележување на Меѓународниот ден на исчезнатите лица во Сараево. Фото: БИРН

Сенад Авдиќ, главен и одговорен уредник на сараевскиот неделник „Слободна Босна“, кој ги следи случаите на воени злосторства, смета дека во случајот „Зорниќ“, како и во другите случаи, имало политичко мешање во работата на судството.

„Мислам дека ова стана уште појасно по апсењето и гонењето на припадниците на 10-тата ридска бригада, во ноември 1993 година. На припадниците на таа единица, кои беа обвинети за ужасни, системски злосторства над цивилите во Сараево, исто така, не им се судеше за воени злосторства, туку за ‘обични убиства’“, вели Авдиќ.

Тој додава дека анонимен извор кој присуствувал на состаноците на високо ниво меѓу босанските политички лидери и припадниците на судството и на војската, по апсењата во случајот Казани, му рекол оти генералниот консензус бил дека секое обвинение за воени злосторства би било „штетно за борбата (за независност на БиХ)“.

Логиката што стои зад ова, вели Авдиќ, е дека секоја изјава оти припадниците на АРБиХ се воени злосторници „би одекнала на многу штетен начин, како во земјата, така и во меѓународната заедница“.

„Доколку признаеше дека војниците на АРБиХ извршиле воени злосторства во Сараево, босанската Влада ќе ја замаглеше јасната порака што сакаше во војната да ја испрати до светот, дека од едната страна се агресорите и сторителите, а од другата херојските бранители и невините жртви“, објаснува Мол.

„Претпоставувам дека постоел страв дека, ако признаат оти војниците на нивната армија извршиле воени злосторства, тоа би ја замаглило оваа јасна дистинкција и би им дало аргументи на оние во Србија, во Република Српска, во меѓународната заедница, кои сакаа да стават сè на исто ниво, дека секоја страна е виновна и дека секоја страна подеднакво вршела злосторства“, додава тој.

Авдиќ сугерира дека генералниот заклучок, заснован на достапните факти, е дека злосторствата извршени од припадниците на АРБиХ и од полицијата, за време на опсадата на Сараево, „не биле извршени на планиран и системски начин“.

„Тоа беше делување на поединци и бунтовнички групи. Но, нивната релативизација, па дури и минимизирањето преку судските процеси, навистина беше системско и доаѓаше од највисокото ниво на бошњачката политика“, истакнува тој.

Во врска со прашањето, дали недостигот на политичка волја или судска храброст, треба да се смета за негативен белег на воената историја на БиХ, Николас Мол посочува дека верува оти ова не е проблем специфичен само за оваа балканска држава.

„Ниту една влада, ниту една политичка група априори не сака да признае дека има сторители во своите редови и, доколку признае, ќе се обиде да ги минимизира“, објаснува Мол.

Тој додава дека оваа приказна ја покажува храброст на сараевските медиуми, кои известувале за злосторствата веднаш по завршувањето на војната и ги критикувале правните процеси во кои осомничените избегнувале судења за воени злосторства.

„Уште во 1997 година, (сараевските весници) „Дани“ и „Ослобоѓење“, а подоцна и некои други, се обидоа отворено да ја критикуваат оваа позиција и отворено да побараат извршените злосторства да се сметаат и квалификуваат како воени злосторства“, додаде Мол.