Анализи

Училишни униформи – нешто бесплатно, нешто со доплата

Разлики во цени, број на артикли и милионски пазар за набавка на униформите

Училишната година за основците во Бутел почна со правење списоци за набавка на училишни униформи. Но, за разлика од лани, кога сетот од трите парчиња, две маици и блуза, го набави општината, годинава ќе треба да гo платат родителите.

Голем дел од ланските парчиња се износени или надраснати, а носењето на униформите со логото на општината е задолжително за време на наставата.

На овој начин, проектот што требаше да ја намали „класната разлика што се создава меѓу учениците“, но и трошоците на родителите, годинава се претвори во нов товар за родителскиот буџет.

Секоја општина води своја политика кога се работи за училишните униформи.

Некои, како Центар, во оваа приказна влетаа годинава, непосредно пред локалните избори. Кисела Вода и Бутел униформи набавуваа лани, Гази Баба од преклани, додека Аеродром има децениско искуство во нивната набавка и се единствените што константно ги прават овие набавки.

Годинава бесплатно само за првачињата

Фотографија од градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски како држи училишна униформа.

Годинава Бутел набавува униформи за само 700 ученици | Фото: Фејсбук

Лани, за сетот ученички униформи за околу 4.700 ученици, Бутел потрошила над 100.000 евра. Годинава во оваа општина бесплатни униформи се најавени за првачињата, а другите, според досегашните насоки во училиптата, ќе си ги користат старите или самите ќе купуваат нови.

Носењето училишна униформа не е новина, но стана актуелна во изминатиов период, кога општините почнаа да гледаат една од друга и да ја воведуваат како задолжителна мерка и за своите ученици. Тоа веќе го сторија половината од скопските општини, при што набавката на училишни униформи ја ставија во годинашните буџетски програми.

Но, тоа не е мала ставка за нив. Само за тековната учебна година, петте скопски општини ќе потрошат речиси 900 илјади евра. Тука не е вклучен дополнителниот трошок на родителите што ќе имаат потреба да купат резервна униформа.

Сите пари ќе влезат во три фирми, кои победија на општинските тендери.

Тендери по мерка – како општините ги „кројат“ училишните униформи

Заедничко за сите е тоа што идејата за набавка на униформите обично стигнува од градоначалникот, па откако ќе биде изгласана на Совет, треба да ја спроведат службите во општината. Тоа значи дека тие го пишуваат тендерот, односно одлучуваат како ќе изгледаат маиците, колку парчиња ќе се набавуваат за еден ученик, каков ќе биде составот на материјалите…

А од тоа како ќе биде напишан тендерот, многу ќе зависи и кој ќе победи на него. Тоа лесно може да се заклучи во случајот со општинските набавки на училишните униформи.

Тендери за набавка на училишни униформи годинава се спроведени и во Крива Паланка, Штип, Зелениково, Петровец и во Струмица. Дел од општините набавуваат за сите основци, други само за првачињата или етапно, за дел од основците

Најдобра илустрација се тендерите што годинава ги распишаа Аеродром и Центар. Имаат исти технички спецификации за униформата и избраа иста фирма што ќе ги набавува – „Линк Медиа Плус“, инаку позната главно по тоа што со години добива тендери за новогодишното украсување, меѓу другото и во овие две општини.

Ако, пак, се погледнат техничките спецификации за училишните униформи за двете општини, може да се заклучи дека се речиси идентични. Тие набавуваат исто количество артикли по ученик: по две поло маици со кратки и со долги ракави, заедно со еден дуксер.

Додека Аеродром веќе шеста година ѝ е верен на „Линк Медиа Плус“, Центар е нов во овој процес.

Фотографија од градоначалникот на Центар Горан Герасимовски на првиот школски ден 2025

Општините Аеродром и Центар имаат исти технички спецификации и избраа иста фирма | Фото: Фејсбук

„За дизајнот на униформите се одлучуваше врз основа на насоките добиени преку анкети спроведени со родителите. Деталите и финалниот дизајн беа креирани во соработка со менаџментот, наставниот и стручен кадар на училиштата, како и со надлежните општински служби“, одговараат од Општина Центар за БИРН, на забелешката за идентичните униформи со соседната општина.

Различни им се само логоата и боите. Другото е исто, од положбата на двете копчиња, видот на порабувањето, па сè до составот на материјалот и двете линии на јаките на маиците.

И Центар и Аеродром, во тендерската документација побарале маици, чиј состав е 55 проценти памук со 45 проценти полиестер, како и дуксери, кои се целосно направени од полиестер.

Договорот на Аеродром за униформите, кои годинава ќе ги носат 7.500 основци, тежи 300 илјади евра, а на Центар, уште 210 илјади евра за 4.900 ученици

Во оние општини, пак, во кои се барале памучни униформи, обично ги добивала друга – „Армариум груп“, која е специјализирана за производство на горна облека. Ова е фирмата што трета година по ред ги шие униформите за основците од Гази Баба и во два од три тендери била единствениот наддавач. Истата фирма ги шиела униформите и за основците од Бутел, и ланските за Кисела Вода. Годинава, Кисела Вода избра нова фирма за оваа набавка, „Бојан Промет“.

Фирмата била единствен пријавен понудувач, а на нејзиниот избор, претходи промена на условите за учество во тендерот тежок речиси 140.000 евра. Обврската за приложување доказ за вршење ваков вид набавки во изминатите три години, во тендерската документација беше заменета со условот понудувачот да има барем еден продажен објект во Скопје за детска облека.

„Бојан промет“ е фирма што се занимава со продажба токму на детска облека.

Еднаквост по различен ценовник

Анализата на јавните набавки покажува дека цената по ученик значително варира од општина до општина, во зависност од тоа колку парчиња облека се набавуваат. Ако во Аеродром и во Центар, учениците добиваат по пет артикли, во Гази Баба се четири, а во Кисела Вода и Бутел само по три.

Овие разлики влијаат врз крајната цена што ја плаќа општината, ама и на тоа колкав ќе биде дополнителниот удар по семејниот буџет, со оглед на тоа што униформите во овие општини станаа задолжителни.

Па така, родителите остануваат последната алка што ја плаќа цената – преку буџетот, но и директно, кога ќе мора да купат дополнителна униформа директно од фирмите што ги добиле тендерите.

Инфографик со вредноста на тендерите за училишните униформи во 5 скопски општини

Но, тоа не ги спречува градоначалниците да се пофалат за сработеното. Иако се промовираат како образовна политика, униформите, за претстојните избори имаат и силна политичка симболика.

Градоначалниците ги претставуваат како мерка што ја засега секоја фамилија со дете на училиште, токму во период кога јавноста најмногу гледа кон училиштата.