Истражувањa

Украдени домови: Борба за враќање на узурпираниот имот во Косово

Речиси две децении по војната во Косово, илјадници луѓе, чии куќи или земјиште биле узурпирани за време или по конфликтот, сè уште не можат да го вратат својот имот.

Сербезе Хаџиај, Филип Рудиќ, Приштина, Нови Сад, Белград

На 19 јуни 1999 година, Нусрет Ајдези, на полноќ, го разбудил силен удар на неговата врата. Четворица вооружени мажи влегле во неговиот дом, во центарот на Приштина, и му рекле дека тој и неговото семејство, имаат рок до утринските часови да избегаат или ќе бидат убиени.

“Тоа беа вооружени цивили. Рекоа дека се команданти (на Ослободителната војска на Косово). Таа ноќ, ниту мојата жена, ниту децата, ниту јас, воопшто не спиевме. Не знаевме каде да одиме “, вели Ајдези.

Следното утро, Ајдези разговарал со своите соседи, Роми, и дознал дека и ним истото им се случило. Во рок од три дена, најголем дел од ромското население што живеело во Приштина, избегало во Србија.

Кон крајот на 2001 година Ајдези се вратил дома и открил дека неговата куќа била претворена во бордел. Некој од куќата му рекол дека ја купил куќата и го истерал удирајќи го со метална шипка.

Случајот на Ајдези не е единствениот таков случај. Илјадници Албанци, Срби, Роми и други, не успеале да ги вратат своите домови, кои незаконски биле окупирани по војната, која заврши во јуни 1999 година.

Ова имаше негативно влијание врз меѓуетничките односи во Косово и го отежна враќањето на бегалците и на раселените лица. „Имотните прашања, особено узурпациите, го запреа враќањето на раселените лица”, изјави за БИРН, Нарасимха Рао, шеф на мисијата на УНХЦР во Косово.

Веќе две децении Ајдези живее во бегалски камп во Нови Сад, и води борба против сиромаштијата и влошеното здравје.

„Јас ја изградив таа куќа работејќи 27 години во месарница во сопственост на Албанец, а тие ја зграпчија само затоа што сум Ром”, потенцира тој.

За време на неговиот престој во кампот за бегалци, се обратил до агенцијата на Обединетите нации за човекови населби, ООН Хабитат, барајќи да се реши прашањето на узрпираните домови, како и другите прашања поврзани со имотот, што се појавија по војната.

До 2007 година, поранешната Косовска агенција за имот, која денес е преименувана во Косовска агенција за споредба и верификација на имотот (KAСВИ) регистрирала 42.749 узурпирани имоти во Косово.

Со текот на времето, овој број се намалил, дел од имотот е продаден – често под притисок, а дел е вратен на претходните сопственици.

„Во моментов, имаме 12.823 имоти кои се под управа на KAСВИ. Во повеќето случаи, станува збор за земјоделско земјиште, потоа деловни и станбени згради“, вели портпаролот на KAСВИ, Аријан Красниќи.

Овој број не го вклучува шумското земјиште, кое е нерегистрирано.

Поголемиот дел од узурпираниот имот, им припаѓа на Србите и на Ромите, кои, веднаш по војната, во јуни 1999 година, го напуштиле Косово.

„96.84 отсто или 41.399 узурпирани имоти им припаѓаат на Србите”, додава Красниќи.

Лажна документација

Нусрет Ајдези. Фото: БИРН

Правната битка на Ајдези, да го врати својот имот, е долга и комплицирана.

„Узурпаторот, Иса Хамити, вели дека ја купил куќата од друго лице. Но, документите се лажни“, вели Ајдези.

Според судските документи, лицето кое што живее во куќата на Ајдези, изјавило оти куќата ја купило од лицето Беким Рамадани, кој не се јавува како сопственик, туку како лице овластено од Саније Дери, чие име, исто така, не се појавува како сопственик во катастарскиот регистар на Косово.

Кога во 2000 година купопродажниот договор бил потпишан, во кој се наведува дека Дери му дала полномошно на друго лице да ја продаде куќата, таа, според податоците од матичната книга, била мртва веќе 30 години.

Во меѓувреме, продавачот, Беким Рамадани, од Медвеѓа, град во јужна Србија, се најде во затвор во Србија, за други злосторства.

Во 2016 година, Владата на Косово усвои националната стратегија за имотни права. Според оваа стратегија, трансакциите на сопственост, како во случајот со Ајдези, кои вклучуваат посредници, предизвикуваат загриженост во врска со човековите права, бидејќи понекогаш, во повоеното опкружување, имотот не бил продаван доброволно.

Судот сé уште не донел одлука за случајот Ајдези, но неговата куќа денес постои само на фотографии и во сеќавањата на оние кои живееле во неа. На нејзино место денес е изградена огромна станбена зграда, во која продавачот на куќата од инвеститорот добил два стана.

Игнорирање на судските одлуки

Љубинко Тодоровиќ. Фото: БИРН

Славица Ѓорѓевиќ, не планирала никогаш да го напушти Косово, до денот кога заедно со нејзиниот сопруг и шест други нејзини соседи, биле киднапирани од група вооружени лица во Призрен, во јуни 1999 година.

Ги спасила патрола на германските војници на КФОР, кој беше распореден во Косово по 78-дневната воздушна кампања на НАТО, која резултираше со повлекување на српските сили од Косово.

Кога се подготвувала за заминување, нејзината куќа, која не била завршена, била узурпирана од нејзиниот сосед, Албанец.

„Тој продолжи да гради каде што застанавме. Куќата ја користеа за складирање, како продавница и канцеларија“, вели Славица за БИРН.

Додека во Србија се преместувала од еден бегалски камп во друг, судот во Призрен, во 2011 година, донел одлука, да ѝ се врати имотот.

„Но, тој не сакаше да ја почитува пресудата”, објаснува Ѓорѓевиќ. „До ден-денес, узурпаторот на мојот имот, не сака да ми го врати. Наместо тоа, ни се закануваа во судницата дека ќе нѐ убијат “.

На крајот, судијата одлучил, дека ако сака да го врати својот имот, таа ќе мора да плати 19.500 евра за извршување на пресудата.

Славица Ѓорѓевиќ. Фото: Ирена Ѓорѓевиќ

Судиите на Апелацискиот суд, по нејзина жалба, повторно решаваат дека имотот треба да ѝ се врати. Но, Врховниот суд одлучил дека Ѓорѓевиќ сепак треба да плати 19.500 евра. Таа сега поднела жалба до Уставниот суд на Косово.

Ѓорѓевиќ, која денес има 66 години, вели дека не може да си дозволи да плати за реституција на својот имот.

„Јас сум во пензија, како и мојот сопруг. Се бориме да преживееме“, вели таа.

Србите од Косово, особено тешко можат да го вратат имотот во селата во кои што албанското население преживеало убиства и страшни масакри што ги извршиле српските сили.

Марко Вукотиќ ја напуштил својата куќа во селото Љубениќ во регионот на Пеќ, каде што во мај 1999 година, српските сили убија повеќе од 80 албански цивили. Две години подоцна, Вукотиќ се вратил и ја продал куќата. Но, тој не успеал да го врати и своето земјоделско земјиште.

„Гледам дека тие (Албанците) ја обработуваат земјата, собираат плодови и јас ништо не можам да направам”, вели Вукотиќ за БИРН.

Судот во Пеќ во 2016 година пресудил дека неговиот имот треба да биде ослободен. Но, Аслан Зенелај, човекот кој денес ја користи оваа земја, тврди дека таа отсекогаш била во сопственост на неговото семејство.

„Ова земјиште е експроприрано. Потоа, за време на режимот на Милошевиќ (во 90-тите), постоеја некои дискриминаторски закони за имотот на Албанците. Сега собирам документи што го докажуваат моето право на сопственост“, изјави Зенелај за БИРН.

Сопственичкиот статус на имотот што бил предмет на размена меѓу Србите и Албанците во 90-тите, во катастар не е решен, што дополнително ја отежнува ситуацијата.

KAСВИ е одговорна за враќање на имотот, кој е незаконски узурпиран или, што понекогаш се случувало, незаконски узурпиран по втор пат. Меѓутоа, ако станува збор за трето нелегално узурпирање, тогаш агенцијата законски не е моќна да интервенира.

Народниот правобранител на Косово, Хилми Јашари, побара да се донесат законски измени, кои ќе ѝ овозможат на агенцијата да дејствува во секој случај на незаконско узурпирање на имот.

„Некои одредби од законот ги кршат правата на сопственост на раселените лица”, изјави Јашари за БИРН.

Тој нагласува дека законот „е спротивен на правилата на ООН за враќање на имотот на раселените лица”, кои се познати како принципи на Пинеиро.

Адвокатот, Љубинко Тодоровиќ, кој од 2003 до 2006 година, бил заменик народен правобранител во Косово, е еден од оние чии имоти се узурпирани. Тој смета дека УНМИК е виновен, бидејќи не ја спречил узурпацијата.

„Тоа беше време кога преовладуваше страв. Узурпаторот на мојот стан дојде во мојата канцеларија во седиштето на Народниот правобранител и ми рече дека никогаш нема да го напушти“, изјави Тодоровиќ за БИРН.

Во неговата сегашна канцеларија во Грачаница, Тодоровиќ се занимава со бројни случаи на узурпација на имотот на Србите и Ромите, кои чекаат на судски пресуди. Секој тужител чека повеќе од една деценија да се решат неговите проблеми.

„Недостаток на владеење на правото”

Агим Воца. Фото: БИРН

Агим Воца се сеќава како еден сончев ден, во октомври 1998 година, го напуштил својот стан во Звечане, во северно Косово, и се преселил да живее кај некои роднини во соседна Митровица.

Тој и неговото семејство не земале многу со нив, бидејќи верувале дека наскоро ќе се вратат. Но, конфликтот избувнал побрзо отколку што очекувал, а и други Албанци го напуштиле Звечане. Некои од нив никогаш не се вратиле дома.

Деветнаесет години подоцна, Воца сѐ уште го чека денот кога ќе може да се врати. Неговиот стан во центарот на Звечане е узурпиран од српско семејство, додека Воца и неговото семејство живеат во српска куќа во јужна Митровица.

„Кога заврши војната, почна нова војна за мене. Ја изгубив работата, го изгубив станот. Најдов сместување во близина на мојот град. Немаше место за Албанците преку мостот, ниту за Србите на оваа страна“, вели тој, алудирајќи на мостот на реката Ибар во Митровица, што го дели градот и кој беше место на неколку етнички судири по војната.

65-годишниот Воца, работел во рударскиот комплекс Трепча, кој по војната никогаш не беше обновен, поради што, до исполнување на условите за старосна пензија, тој бил невработен.

Цела година бил без сместување и барал враќање на својот имот. KAСВИ потоа го сместила во куќа што му припаѓала на Србин, чие семејство заминало од Митровица, во јуни 1999 година.

„Јас сум роден и сум израснал во Звечане, во соседство во кое што имавме добри односи со Србите. Но дојде време кога сè се заврши и сега живееме во меѓусебно узурпирани станови“, додава тој.

Неговиот стан го зазело српско семејство чија куќа во селото Руник, во општина Србица, била уништена по војната.

Воца еднаш се сретнал со Србинот во чија куќа живее, Аца Милутиновиќ, кога тој и неговата сопруга, придружувани од полицијата на ООН, дошле во Митровица да ја видат својата куќа. Денес таа е во лоша состојба, а низ покривот капе.

„Видоа дека нивната куќа е уништена од разни семејства што живееле овде. Во тоа време, ѕидовите беа покриени со графити на омраза“, ни кажува Селвете Воца, сопругата на Агим.

Со текот на годините, KAСВИ ставила дел од узурпираниот имот под нејзина управа, обидувајќи се на станарите да им наметне обврска за плаќање на кирија.

„Во случаите кога корисниците не ја плаќаат киријата, ние ги иселуваме”, објаснува Красниќи, портпарол на агенцијата.

Но, обврската за плаќање кирија често не функционира во пракса, бидејќи семејствата кои живеат во овие објекти, се многу сиромашни.

Воца нагласува дека никогаш не добил кирија од својот стан, ниту, пак, некогаш платил кирија за куќата во која живее.

„Освен закани, никогаш не сум добил ништо. И никој не ме замолил да плаќам кирија за оваа куќа“, додава тој.

Наим Османи од организацијата Програма за граѓански права во Косово, која се занимава со проблемите на реституција, нагласува дека во повеќето случаи, сопствениците се двоумат да преземат правна акција против узурпаторите, бидејќи знаат дека судот „не може да ги реши проблемите”.

„Ние видовме страв кај оние кои го бараат својот имот преку судовите. Ова е одраз на недостатокот на владеење на правото“, нагласува тој.

Обид за подметнување на пожар

Марко Вукотиќ. Фото: БИРН

Бешир Ислами, претседател на Жалбениот совет на Косовската агенција за имот при Врховниот суд на Косово, вели дека прашањата за правата на сопственост и денес претставуваат предизвик.

„Меѓутоа, наводите дека се заземаат страни врз етничка основа во решавањето на имотните прашања, немаат основа”, нагласува Ислами.

Косовското обвинителство иницирало 422 случаи на узурпација на имот. Но, често, имотот е узурпиран повеќе пати, поради што агенцијата не е во можност да интервенира.

Еден сопственик бил толку лут поради ситуацијата на узурпација на неговата куќа, што решил да се одмазди. Алуш Алуши од Митровица, кој за време на војната изгубил два сина, вели дека двапати се обидел да го запали својот дом во северна Митровица, во кој по војната живее српско семејство.

Сепак, неговиот прв обид да ја запали куќата не успеал. „Не можев да ја запалам од надвор”, вели тој за БИРН.

Повторно презел уште еден радикален потег во 2017 година, кога вооружен со пиштол и две рачни гранати, влегол во полициска станица и се заканил дека „ќе ја дигне куќата во воздух”, ако властите не делуваат.

„Ми беше тешко кога размислував дека сум ги изгубил двата сина во војната и куќата по војната”, вели тој.

На крајот, тој успеал да ја врати својата куќа, но таа, како што вели, била оштетена. Тој планира да ја продаде бидејќи, како што нагласува, чувствува оти повеќе не е безбедно да живее во неа.

Славица Ѓорѓевиќ истакнува дека ништо не може да ѝ го надокнати она низ што поминала во изминатите години, принудена да живее толку далеку од дома.

„Ова е премногу за еден живот. Ги нема тие пари, тие средства, што можат да ми ги вратат 20-те години живот што ги поминав овде во Нови Сад“, нагласува таа.

Со посредство на ЕУ, во 2011 година Косово и Србија потпишаа договор за враќање на скенираните копии од катастарските регистри, што администрацијата на Белград ги зела кога во јуни 1999 година го напуштала Косово.

Договорот, кој допрва треба да се имплементира, предвидува враќање на повеќе од 4.1 милион примероци на документи за приватната сопственост. Се верува дека ова ќе разјасни многу имотни проблеми што се појавиле по војната.

Во меѓувреме, Марко Вукотиќ и Агим Воца, сé уште се надеваат дека ќе ги вратат своите домови. Аца Милутиновиќ и неговата сопруга неодамна починале во Србија, без да го имаат задоволството, куќата да им биде вратена.

Ајдези, пак, очекува имотната документација од Белград да докаже дека куќата е негова, иако е таа урната до темел.

„Целиот свој живот работев за да имам куќа. Не сакам да се чувствувам како бездомник. Не би сакал да умрам во бегалско сместување“, додава тој.