Анализи

Улогата на Антикорупциска комисија во 2015 – голем минус во борбата против криминалот

Ниту еднаш последнава година, која беше особено турбулентна во поглед на откривање сомнежи за криминал и корупција, комисијата не даде свое мислење, не одржа прес-конференција ниту пак, јавноста беше запознаена дали е поднесена одредена иницијатива за кривично гонење.

Со вкупно девет објавени соопштенија од кои повеќето се за одржани работилници и семинари, Антикорупциската комисија ја завршува 2015 година.

Ниту еднаш последнава година, која беше особено турбулентна во поглед на откривање сомнежи за криминал и корупција, комисијата не даде свое мислење, не одржа прес-конференција ниту пак, јавноста беше запознаена дали е поднесена одредена иницијатива за кривично гонење.

Портпаролката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Антонија Андонова, речиси секогаш е недостапна за јавноста, вклучително и при објавувањето на овој текст, кога ја баравме за да прашаме со колку поднесени иницијативи оваа институција, која е надлежна да детектира случаи на криминал и корупција, ја завршува годината. Таа не одговара на телефонските повици, ниту пак, на прашањата поставени преку електронска пошта.

Оттаму, единствениот начин да се информираме за тоа што работела Антикорупциската комисија во последнава година, беше нивната веб-страница. Последното соопштение во делот на „поднесени иницијативи“, исто како и во делот на „односи со јавноста“, се од 2013 година.

Последното соопштение на комисијата во делот „поднесени иницијативи“ е од 2013 година

Последното соопштение на комисијата во делот „поднесени иницијативи“ е од 2013 година

Последниве 12 месеци, доколку се суди по известувањето на медиумите, Антикорупциската комисија се памети само по два настани: изборот на новиот претседател Горан Миленков во април годинава и одржаната прес-конференција на комисијата во јули, кога тој избега од новинарските прашања поврзани со таканарачените „политички бомби“ на опозицијата.

Останатите активности што ги имала комисијата, а се објавени на нивната веб страница, можат да се прочитаат од инфографикот што следува.

Единствените иницијативи на кои работела комисијата, а се објавени на нивната веб-страница, се во делот на констатации на судири на интереси.

Па така, за Валентина Васевска било констатирано дека е член на Советот на општина Македонска Каменица и воедно ја извршувала функцијата член на Надзорен одбор на ЈП „Камена Река“, Македонска Каменица. Енес Ибрахим ја извршувал функцијата пратеник во Собранието и истовремено бил управител на трговско друштво „Ќумедиа “ ДООЕЛ Скопје. Ѓоре Стојковски бил член на Совет на Општина Гази Баба и воедно управител на трговско друштво „Инвест – Пром Ѓоре“ ДООЕЛ Скопје. Илбер Исеновски бил член на Советот на Општина Центар Жупа и воедно в.д. директор во Јавното претпријатие „Кале“ – Центар Жупа и менаџер – директор без ограничување во Земјоделска задруга „Нов живот“ село Папрадник.

Ваква кумулација на функции била најдена кај уште неколку лица, од кои повеќето се непознати за пошироката јавност и до сите нив било пратено барање во рок од 15 дена доброволно да се откажат од извршување на едната од двете функции кои истовремено ги извршуваат.

Ниту збор за „бомбите“ на опозицијата

Претседателот на комисијата Миленков на последната прес конференција ги избегна прашањата на новинарите

Претседателот на комисијата Миленков на последната прес конференција ги избегна прашањата на новинарите

„Сето ова што го прашавте е во судска процедура и нема да го коментирам, нема целисходност“, беше одговорот на претседателот на Антикорупциската комисија Горан Миленков, на прашањето на новинарите во јули годинава дали неговата комисија ќе преземе нешто во врска во можните коруптивни дејства на владините функционери кои произлегуваат од „бомбите“ што ги објави опозицијата.

Тој тогаш изјави дека со самото тоа што ги повикал новинарите на прес-конференција, го покажал „начинот на работа и транспарентност“.

„Сè друго е ваша перцепција“, рече тој, откако претходно половина час зборуваше за програмата на Антикорупциската комисија за превенција на корупцијата.

Претседателот на ДКСК зборуваше дека Македонија имала високо воспоставени стандарди во однос на борбата против корупцијата. Показател за тоа било и самото тоа што Македонија има посебно тело за спречување на корупцијата, додека дури и некои од членките на ЕУ немале такви тела.

Тој потоа ја прекина прес-конференцијата.

Јавноста не слушна мислење на антикорупцинерите ниту во однос на сомнежите за тоа како се трошеле парите од буџетот за проектот „Скопје 2014“, ниту за аферите како што се „Актор“, „Тајна фабрика за пасоши“ или пак, за наводното фалсификување лични карти.

Половина милион евра буџет за Антикорупциската комисија

Актуелниот состав на Комисијата беше именуван на 14 април годинава и во него членуваат Горан Миленков, Фарие Алиу, Игор Тантуровски, Жаклина Дамческа, Најдо Спасевски, Сузана Таскова Аџикотарева и Сејди Халили. Членовите на комисијата не се познати за пошироката јавност, а залудни се и сите напори за да се закаже интервју со претседателот на комисијата.

Со Буџетот за 2015 година, комисијата има на располагање 507.837 евра. Од нив, 473.575 евра се предвидени за плати и оперативни расходи на 25-те вработени.

Според Законот за спречување на корупцијата, ДКСК има право да покренува иницијативи пред надлежните органи за контрола на финансиското работење на политичките партии, синдикатот и здруженијата на граѓани и фондации; да покренува иницијативи за поведување постапки пред надлежните органи за разрешување, распоредување, сменување или примена на други мерки на одговорност на избрани или именувани функционери; да покренува иницијативи за поведување постапка за кривично гонење на избрани или именувани функционери, службени лица или одговорни лица во јавни претпријатија, јавни установи и други правни лица што располагаат со државен капитал ; да ја евидентира и следи имотната состојба и промените на имотната состојба на избраните и именуваните функционери и на одговорни лица во јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал итн.

Иако е предвидено со закон, последниве години јавноста не памети иницијативи од ваков вид, и покрај тоа што во извештајот на ПРИБЕ децидно стои дека постојат „сериозни инциденти на политичка корупција на различни нивоа и на повеќе начини“.

„Борбата против овој вид корупција дефинитивно треба да стане врвен приоритет за земјата. Покрај специфичните прашања кои произлегуваат од тековната криза, предизвикана со скандалот со следењето на комуникациите, кој е и примарен фокус на овој извештај, корупцијата е најсериозниот проблем со кој се соочува земјата“, се вели во извештајот.