Митровица
„Правото на употреба на јазикот се рефлектира на сите други права, како што е правото на правична судска постапка, на пристап до документите, како што се работничките права, правото на здравствена заштита, на образование и многу други“, вели во интервју за БИРН, Славиша Младеновиќ, повереник за јазик во Владата на Косово.
Употребата на службените јазици во Косово, е едно од клучните прашања кои водат до поделба меѓу српската и албанската заедница, а непостоењето на заедничка лингвистика, само го одржува јазот помеѓу нив.
Во исто време, за Србите што живеат во јужниот дел на Косово, населен главно со Албанци и за Албанците кои живеат во северниот дел, во кој доминира српското население, овој проблем значи ограничен пристап до правните документи кои ќе бидат разбирливи за нив, ограничен пристап при вработувањето, во остварувањето на правата на потрошувачите, здравствената заштита , образованието и социјалните услуги.
„Правото на употреба на мајчиниот јазик е од суштинско значење за добробитта на сите нас, овде во Косово. Без ова, ние сме потрошувачи и пациенти од втор ред, немаме право на фер судење и не можеме да аплицираме на бројни работни места“, нагласува Младеновиќ.
Во Законот за јазиците, донесен во 2006 година, се вели дека официјални јазици во Косово се албанскиот и српскиот јазик. Според тоа, сите институции и давателите на јавни услуги се должни да обезбедат нивна рамноправна употреба во судскиот систем, во државните и во општинските институции, во јавните претпријатија , медиумите, образованието, при пружањето на социјалните услуги и во приватниот сектор.
Младеновиќ тврди дека законот е добар, но не и неговата примена.
Од почетокот на неговото именување на функцијата повереник за јазик, во 2012 година, Младеновиќ, заедно со својот тим кој брои шест члена, ја надгледува имплементацијата на правото на употреба на јазикот. Тој се надева дека ова прашање може да помогне во зближувањето на двете заедници.
Сепак, тој предупредува дека напредокот во имплементацијата на правото на употреба на јазикот, го попречуваат политичките конфликти помеѓу Приштина и Белград.
„На пример, прашањето за формирањето на Заедницата на српски општини, ги засени сите други прашања и ефикасно ни одзеде пет години драгоцено време, во кое можевме да работиме и на други важни прашања, како што е употребата на јазиците“, објаснува тој.
Испуштени можности во Брисел
Формирањето на Заедницата на српски општини (ЗСО) во Косово, се сметаше за клучно прашање во Бриселскиот договор потпишан во 2013 година помеѓу Косово и Србија. Целта беше да се обезбеди одредена автономија за српската малцинска заедница, во замена за нивна интеграција во правниот систем на Косово.
„Од суштинско значење е да немаме преводи само од албански на српски јазик, бидејќи овие два јазика се еднакви и така треба да се третираат“.
Славиша Младеновиќ, повереник за јазик во Владата на Косовo
Меѓутоа, основањето на ЗСО доцни, поради несогласувањето околу предложената извршна надлежност на Заедницата, на која Белград инсистира.
„Додека инсистираме на ЗСО, ја пропуштаме можноста да ги бараме другите права на српската заедница предвидени и со уставот на Косово и со планот на Ахтисари“, истакнува Младеновиќ.
Планот на Ахтисари, предлог за решавање на статусот на Косово, кој специјалниот претставник на ООН, Марти Ахтисари, го даде во 2007 година, српската влада, во тоа време, го отфрли.
„Ми се чини дека сакавме по секоја цена да избегнеме, планот на Ахтисари дури и да го споменеме и се фативме за Бриселскиот договор, кој во суштина помалку ја задоволува српската заедница во Косово“, вели Младеновиќ.
Како резултат на тоа, во текот на изминатите пет години, во рамките на разговорите Белград-Приштина, што се одржуваат под покровителство на ЕУ, клучното прашање за користење на српскиот јазик во Косово, беше целосно игнорирано, објаснува тој.
Секојдневните проблеми поврзани со јазикот се занемаруваат
Младеновиќ нагласува дека бројни медицински производи, како и стоки за широка потрошувачка, што се продаваат во Косово, немаат декларација на српски јазик. Сепак, најголем проблем е преводот на правните документи, како што се судските записници и пресуди.
Сѐ помала употреба на двојазичност во Косово?
Последното истражување за постоењето на двојазичноста меѓу вработените во општините во Косово, го спроведе Европскиот центар за малцински прашања (ЕЦМП) во 2010 година.
Студијата покажа дека 89 отсто од општинските претставници сметаат дека комуникацијата на двата официјални јазика е важна, но само 20 проценти од нив постојано користат друг јазик во секојдневната комуникација, што во пракса резултирало со создавање на монолингвистичка работна средина, довело до ограничена соработка и ограничен пристап до општинските услуги.
Во извештајот, исто така, се наведува дека двојазичноста во Косово е сѐ помалку присутна. Кај поискусните општинските службеници, се бележи поголемо знаење на двата официјални јазика (94% кај лицата кои имаат од 11 до 20 години работно искуство) и тие ги зборуваат двата јазика на целосно оперативно ниво, додека овој процент кај нововработените лица е за една третина помал (64 проценти).
„Тие понекогаш се разбирливи, дури и со сите правописни грешки, но има и ситуации кога луѓето не можат да разберат дури ни дали се осудени или не, а камоли да го следат самиот правен процес“, додава тој.
Само неколку косовски институции имаат добро организирани веб-страници на српски јазик, вели Младеновиќ. Како позитивен пример, тој ја посочува страницата на претседателот Хашим Тачи, на која речиси истовремено се објавуваат вести и на албански и на српски јазик.
„Од суштинско значење е да немаме преводи само од албански на српски јазик, бидејќи овие два јазика се еднакви и така треба да се третираат“, нагласува тој.
Постигнувањето на лингвистички паритет ќе биде долг процес, а првата задача е да се смени мислењето на луѓето кои работат во јавната администрација.
„Ако нешто го сметате како наметната обврска, најчесто тоа ќе биде само формално направено, без вистинска заложба да се направи правилно. Ова е таа ситуацијата што денес ја имаме во институциите, со многу формалности и механичка работа“, објаснува Младеновиќ.
Тој нагласува дека во овој поглед, еден од најголемите занемарени проблеми е недостигот на професионални преведувачи, бидејќи единствено место во целиот регион каде што денес може да се едуцира ваков кадар, е катедрата за албански јазик на Универзитетот во Белград.
„Ние немаме такви институции во Приштина или во Митровица, бидејќи двојазичното образование беше прекинато во тогашната автономна покраина Косово во 1989 година“, вели Малденовиќ.
Стратегијата за јазикот, на чекање
Образовните програми имаат централно место во стратегијата за јазикот, која Младеновиќ и неговиот тим ја предложија уште во 2016 година. Меѓутоа, овој документ до денес не е усвоен, бидејќи нема доволно финансиски средства за нејзино спроведување.
Главните карактеристики на оваа стратегија се јакнење на јавната свест за правата на употреба на јазикот, воведување на програми на официјалните јазици во Косово во основните и во средните училишта, и последно, но не и помалку важно, формирање на катедра за српски јазик на универзитетите во Митровица и во Приштина.
Иако стратегијата сè уште не е усвоена, тимот на Младеновиќ и Владата на Косово веќе почнаа да имплементираат некои делови од нејината програма.
„Работиме на испраќање на пораки за неопходноста од повеќејазично образование и за обезбедување на услови за пробна јазична настава во заедниците каде што тоа е можно“, истакнува Младеновиќ.
Во соработка со Британската амбасада во Приштина, Канцеларијата на Младеновиќ изготви програма за изучување на албанскиот јазик, која што се емитува на вториот канал, кој што е на српски јазик, на државната телевизија, РТК2.
„Се надевам дека ќе можеме слична програма да реализираме за изучување на српскиот јазик на РТК1. Она што сакаме да го постигнеме е некој на овој начин да се обиде да го научи српскиот или албанскиот јазик, но, исто така, да се намали степенот на анимозитет кон кој било од овие два јазика, кој, за жал, сѐ уште постои во Косово, иако помина доста време од војната“, додава Младеновиќ.
Доколку не се прошири знаењето на албанскиот јазик во српската заедница, и обратно, знаењето на српскиот јазик во албанската заедница, тогаш, смета Младеновиќ, нема да дојде до целосна интеграција на заедниците во Косово. Ако до ова не дојде, јазот што постои ќе се зголеми, а идните генерации нема да биде во можност меѓусебно да се разберат, предупредува тој.
„Англискиот јазик нема да ѝ послужи на оваа цел“, вели тој. „Се плашам дека по решавањето на сите овие големи политички прашања, прашањето за јазикот повеќе нема да се спомнува и дека ќе имаме назадување, наместо еволуирање“.