Интервјуа

Урошевиќ: Доминацијата на англискиот јазик е поопасна одошто се чини 

Интервју со писателот, поет и академик Влада Урошевиќ

За кризата во Друштвото на писателите, за романот со готска приказна за камената куќа околу мочуриште крај Вардар на крајот од 19 век и за македонскиот јазик од тој формативен период за нашата нација, за јазикот денес, за расказите што може да послужат како алтернативен патоводител низ скриените егзотични катчиња на инаку извиканиот Париз, и како секогаш, неизбежно за Скопје, за градот што пред земјотресот можел да го излаже туристот дека шета низ Андалузија и за денешно Скопје, за сето тоа разговаравме со писателот, поет и академик Влада Урошевиќ.

Непосредно по неговиот 89-ти роденден, Урошевиќ нè пречека во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), во бруталистичкото здание крај Вардар.

Се симна од првиот кат и низ официјалната тишина на коридорите во МАНУ, каде што внатрешноста и мебелот потсетуваат на временска капсула од осумдесеттите години, го следевме по скалите горе до неговиот кабинет.

„Во Друштвото на писателите лежи некаков македонски културен идентитет, континуитет што трае“, вака професорот нè внесе во темата што е актуелна во книжевните кругови. 

„Тоа друштво треба да се сочува“, убеден е нашиот соговорник.

Во рацете држи пенкало дури и кога зборува, му треба за концентрација.

„Мислам дека друштвото до сега не доживеало ваква криза“, продолжи тој.

„Не би можел да ја објаснам кризата, станува збор за несогласувања на членовите на управата со некои постапки на претседателот.“

Деновиве, мнозинството членови на претседателството на Друштвото поднесоа оставка, незадоволни зашто не се почитувал статутот.

Урошевиќ, сепак, не е човек чие внимание го задржуваат вакви ефемерности и затоа, се чини, бргу ја затвори темата.

Како и да е, не е потребен посебен повод за разговор со Урошевиќ, но муабетот е уште посодржаен кога има повеќе од една причина за тоа. Тој ги доби овогодинешните Златен венец на Струшките вечери на поезијата и наградата за најдобар роман на фондацијата „Славко Јаневски“, а понесен од енергијата што ја добил со завршувањето на романот, „енергија на заблудата“, како што тој загадочно ја нарекува, бргу напишал и 12 раскази и ги објави во збирка.

Годинава излезе и цела книга на разговори меѓу него и писателот Владимир Јанковски наречена „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“.

„Заборавате дека го добив и признанието на Асоцијацијата на македонските издавачи за автор на годината, а деновиве ќе излезе и книгата ‘Читајќи го Конески’, во која има мои и есеи на професорката Катица Ќулавкова.“ 

Пенкалото навистина му помагаше да се концентрира.

„Да не помине ден, а да не напишете барем неколку реченици. Тоа е извонредно важно и психолошки, и ако се задржи темпото во работата, така може многу да се направи“, вака Урошевиќ раскажува за својата работна рутина на прагот од десеттата деценија од својот живот.

Тој е третиот македонски поет, покрај Блаже Конески и Матеја Матевски, што станал лауреат на Струшките вечери на поезијата во 57-годишната историја на оваа светски позната културна манифестација.

„Ме фаќа трема кога ќе го погледнам списокот добитници на Златен венец. Вистан Хју Оден, Пабло Неруда, Еуџенио Монтале… Тоа се врвови.“ 

Готското Скопје од романот и јазикот на Пустополци

Младите автори сè повеќе пишуваат на англиски | Фото: Роберт Атанасовски

Наградениот роман има необично долг наслов без интерпункциски знаци, кој содржи парадокс: „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“. Дејствието се случува во Скопје неколку години пред 20 век, на залезот на Отоманската империја. 

Во романот има сеништа и морничави ликови за кои читателот не е баш сигурен дека постојат, одеднаш се појавуваат, ја замрсуваат приказната и неочекувано ги снемува. Има и акција, патувања, египетска митологија и археолошки авантури во стилот на Индијана Џонс.

Куќата што е спомената во насловот се наоѓа крај Вардар среде мочуриште и трски и животот на главниот лик, аптекарот и француски студент Никола Пустополски се одвива главно на релација меѓу домот и чаршијата.

Визијата на градот од романот не мора да се совпаѓа со историски точната слика на Скопје, вели писателот, иако потенцира дека внимавал да не направи сериозна грешка, да не стави нешто што тогаш не постоело.

„Претпоставувам дека Скопје тогаш било малку повеќе европеизирано отколку што јас го претставувам. Веќе Европа била поприсутна. Имало доста хотели и ресторани, доаѓале странци и можеби мојата слика е малку анахронична. Скопје, сепак, не бил толку ориентализиран град како што јас го претставувам.“

Нарацијата и дијалозите во романот се на малку архаизиран современ македонски јазик и Урошевиќ е свесен дека тој не е сосема идентичен со јазикот што скопјани го зборувале на преминот од 19 во 20 век.

„Речиси е невозможно, дури и од нашите најголеми стручњаци за македонски јазик да се реконструира тој јазик на кој се зборувало тогаш во Скопје. Мислам дека никој не би се нафатил да го направи тоа.“

За да се одлучи со каков јазик ќе се служи во приказната, консултирал десетина приватни писма, кои ги нашол во архивите, во кои луѓето од тоа време, сепак, се обидувале да пишуваат на македонски.

Од дилемата за тоа на каков јазик зборувале Пустополци од романот, преку неговата фрапираност од јазикот што се користи на Фејсбук, се префрливме на денешниов македонски, кој, според нашиот соговорник, е под, како што тој со политички речник го дефинира, империјализмот на англискиот јазик.

„Тој е поопасен отколку што се чини, зашто националниот идентитет се состои во значајна мера и од јазикот.“

Поранешните студенти на Урошевиќ, кој се пензионираше како професор на Филолошкиот факултет, имале навика сѐ уште да се консултираат со него за ракописите што ги пишуваат. Доаѓале и други. 

„Не еднаш, не два пати, повеќепати ми се случило да ми донесат песни или раскази на англиски“, почна тој да објаснува и запре, направи поголема пауза, за да ја заврши реченицата, потенцирајќи дека тоа се млади луѓе.

„Едно момче дури ми донесе три романи што ги напишал на англиски“. 

Го гледал неколку секунди, веројатно и тогаш држел пенкало во раката, и зачудено го прашал: „Добро, зошто на англиски?“

Младиот писател бил убеден дека за жанрот што го негува, најсоодветен бил овој странски јазик.

„‘Фентази’ пишувал“, прецизираше професорот.

Неколку издавачки куќи и млади автори, сепак, се трудат – издаваат и пишуваат проза на македонски. Урошевиќ го препознава и напорот на властите, и сегашни и минати, да вложуваат во оваа сцена, иако, како што вели тој, „книгата на македонски не живее, туку преживува“.

„Младите сѐ потешко се изразуваат, мислам дека тоа се должи на недоволниот број прочитани страници.“

Пена што исчезнува 

„Не можете да продавате телевизори во Чаршијата.“ | Фото: Роберт Атанасовски

Дејствијата во новата збирка раскази наречена „Вонземјанки“ се одвиваат на скриени егзотични катчиња на Париз, кои навистина постојат и може да се пронајдат на мапа. Урошевиќ, во предговорот не ја препорачува збирката како патоводител низ Париз, меѓутоа, токму тој негов совет прави расказите да се доживуваат како точки од еден алтернативен туристички водич низ овој град, малку поинаков од вообичаените туристички тури што ги вклучуваат Ајфеловата кула, Триумфалната капија и Нотр Дам.

„Сигурно би можело да се направи таква мапа и за Скопје“, смеејќи се рече професорот.

Насмевката ја снемува кога ќе помисли во која состојба е денес Чаршијата. 

„Не можете да продавате телевизори таму.“

Влада Урошевиќ сака да види нова убава куќа или зграда во Скопје и знае да каже дека внатрешноста е за луѓето со пари што инвестираат во нив, а дека за сите нас, за сите други е наменета „надворешнината“. Меѓутоа, сериозно му пречи што и среде Чаршијата се градат модерни куќи, кои го нарушуваат ориенталниот амбиент. 

Чаршијата е упропастена, заклучува и додава – тотално упропастена. 

Алтернативната туристичка мапа би изгледала поинаку да не се случел катастрофалниот земјотрес и исто толку лошите одлуки што следеле.

Имаше извонредни квартови, пикторескни, човек на мигови би помислил дека е во Андалузија. Толку беа чудни, со необични куќи, со необични дворови, со ѕидани градски чешми од 16, 17 век, ни кажа. 

„Многу од тоа се урна во земјотресот, а потоа доста и безмилосно се срамни со багери за да покажеме дека сѐ е разурнато и дека треба да добиеме уште пари од целиот свет“.

„Страшно е што немаме ни фотографии на тоа што се уриваше.“

Во муабет за градот, за кој толку многу пишувал, не може да се заобиколи Скопје 2014. Професорот одамна кажал дека проектот е грешка, дека тој беше насилно наметнување несвојствена слика за градот.

Тешко ќе се ослободи градот од тој нов слој, што му е доделен без многу размислување, вели тој и се теши дека можеби идните скопјани ќе свикнат на сето тоа и ќе му најдат место на целиот тој, како што вели, таканаречен барок во својата нова урбана митологија.

Разговорот со Урошевиќ го водевме напладне, во еден исклучително топол октомвриски ден. 

Промената на сезоните, на пример, кога летото ќе се замени во есен за него се повозбудливи отколку некој актуелен општествен или политички миг, кој на сите ни се чини од животна важност. 

Во книгата со разговори со него, која беше објавена годинава, тој вели дека долгиот живот го научил дека процесите што во моментот кога се случуваат ни се чинат многу битни, сепак, често се ефемерни и нивната важност бргу се стопува и се расплинува. 

Дали и сега преценуваме некој општествен проблем? „Тешко е да се зборува за денешнината, зашто немаме потребна дистанца“, одговара писателот. 

„Долго живеам, сум поминал низ различни режими, различни промени и знам колку сето тоа нè возбудувало, во некои мигови ни се чинело судбински и пресудно, но потоа ќе поминат десетина или 15 години и ќе видите дека сето тоа било пена што исчезнала.“