И вториот обид за укинување или измена на законот со кој е формиран новиот суд за воени злосторства на Косово, беше безуспешен, бидејќи на состанокот што во средата требаше да го одржи парламентарното претседателство, немаше кворум.
Затоа, пратениците не беа во можност да ја испратат до Собранието иницијативата за гласање за укинување на законот, со кој на Специјализираните совети им се овозможува гонење на поранешните косовски борци, за воени злосторства.
Покрај претставниците на владејачката Демократска партија на Косово (ПДК), Алијансата за иднината на Косово (ААК), Иницијативата за Косово (НИСМА) и Демократската лига на Косово (ЛДК), другите политички субјекти не се појавија на средбата.
Авдула Хоти, шеф на парламентарната група на опозициската ЛДК, изјави оти непојавувањето покажало дека владејачката коалиција не е оперативна. Тој потврди дека ЛДК е против иницијативата за укинување на специјалниот закон.
„Нашата позиција е јасна; кога тоа прашање ќе биде ставено на дневен ред, ќе го напуштиме состанокот“, изјави Хоти за медиумите.
Шефот на парламентарната група на ААК, Ахмет Исуфи, рече дека ААК го поддржала укинувањето на законот.
„Некои членови на претседателството денес не беа присутни, што е израз на неодговорноста на замениците на претседателот на Собранието, кои треба да присуствуваат на состаноците на претседателството на Собранието“, рече Исуфи.
На средбата не се појавија претставниците на главната опозициска партија Ветевендосје (Самоопределување), на главната партија на Србите од Косово, Српска листа, и на малата партија на турската заедница.
Иако е против Специјализираните совети, Ветевендосје не се изјасни дали ќе гласа за укинување на законот, сметајќи го состанокот за сценарио на партиите во владејачката коалиција.
„Ние сме против специјалниот суд. Но, она што сега се случува не е иницијатива за укинување на законот … и не сум сигурен дека Ветевендосје ќе биде дел од оваа игра“, изјави за БИРН во неделата, Глаук Коњуфца, шеф на парламентарната група на Ветевендосје.
Меѓународната заедница врши силен притисок врз Косово, заради воспоставување на работата на новиот суд, што е цена за континуираната европска и атлантска интеграција на земјата.
Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Грег Делави, во средата рече дека пратениците кои ја потпишале иницијативата за укинување на законот, ќе се соочат со последици.
„Пратениците кои ја поддржуваат оваа иницијатива и политичарите кои ја водат, иако тоа го негираат, ќе се соочат со посебни и остри последици, доколку иницијативата успее. Тие го знаат тоа, им го кажавме“, рече Делави.
Додаде дека овој потег на саботирање на новиот суд е ужасен пример на преовладување на личните интереси, над општото добро и интересите на Косово како држава.
Делави истакна: „Ако сакате да му се придружите на клубот, ќе мора да живете со правилата на клубот … а едно од најстарите правила во евроатлантскиот клуб, е владеење на правото“.
Да потсетиме, пратениците на 22-ти декември, на драматичен начин се обидоа да го укинат законот со кој се овозможува работата на Специјализираните совети, но под силен притисок на косовските западни сојузници, нивните напори овој предлог да го стават на гласање, завршија безуспешно.
Иницијативата за укинување на законот ја поддржаа партиите во владејачката коалиција на Косово – Демократската партија на Косово (ПДК), Алијансата за иднината на Косово (ААК) и Иницијативата за Косово (НИСМА).
Иницијативата да се оспори законот дојде откако ветераните на ОВК покренаа петиција, барајќи измени во законот, кој го оценија како „дискриминаторски”, поради тоа што судот ќе им суди само на поранешни припадници на ОВК, но не и на припадници на српските сили.
САД и ЕУ остро го осудија обидот за укинување на законот и предупредија дека доколку иницијативата успее, Косово би можело да биде изолирано.
Специјализираните совети ќе имаат надлежност над лицата осомничени за воени злосторства, без оглед дали се поранешни членови на ОВК или други граѓани на Косово, за наводни воени злосторства извршени за време и по војната 1998-1999. Законот за формирање на судот беше усвоен во 2015 година под притисок на САД и ЕУ.