Ракопис

„Вељко Влаховиќ“

Раскази: Улиците што ги нема

 

Раскази: Улиците што ги нема

 

Иако двајцата беа искусни пешаци, нивната непотребна заедничка патека изнесуваше само 1,36 километри кои сосе одењето и пиењето кафе и ладен чај од праска, траеja одвај 70 минути, од 16 часот и 10 минути до 17 часот и 20 минути кога Таа влезе дома и прсна во плач…  Првите 260 метри од Гимназијата „Јосип Броз“ каде што се сретнаа, Тој од едната, Таа од другата страна на улицата „Вељко Влаховиќ“, до задната тераса на „Мистер Џек“ каде што седнаа, ги изминаа мошне несмасно, не знаејќи кој од која страна да чекори покрај другиот. Немаа никаков опит за заедништво. Плус, Таа беше рашетана со срцето цел ден, очекувајќи го, а Тој видливо се беше покајал зошто воопшто ѝ се јави. Подоцна, 1,1-от километар оттаму сѐ до почетокот на Капиштец, по Булеварот ЈНА, па од раскрсницата кај фризерницата „Калеш Анѓа“, право по „Иво Лола Рибар“ до „Веро“, низ неасфалтираниот премин на задната страна на АМСМ до „Мито Хаџивасилев – Јасмин“, а потоа преку долгочекачкиот семафор до Цветниот пазар, поточно до нејзиното златно пежо кое со месеци стоеше уредно паркирано и повредено од нејзиното пешачење, гo изминаа малку посмасно, по инерција зборувајќи за некои далечни градови и неважни случки, за страв од височина и Шкоцјанска јама, за деца и родители, за неговиот татко и нејзината мајка…

* * *

За да ја прикрие својата возбуда што реално го гледа во тегет јакна и темноцрвен дукс, а не си го замислува (за што беше експерт!), Таа се вовлече во обичност, дури во некаква рутина. Небаре секој ден после работа се среќава со некого и одат да пијат кафе, а всушност, во животот немаше седнато со никого никаде веднаш после работа… Тој мислеше дека си го губи времето со неа, видена олку одблизу воопшто не му се допаѓаше, ама, ете, така испадна, не можеше да се извлече,.. а и не му пречеше премногу, зашто и онака немаше што да прави до вечерта… Наместо да почека Тој да ја помине улицата и да дојде на нејзината страна (пред „Пјаца либерта“), Таа, брза и нестрплива како секогаш, прва ја мина улицата, отиде кај него (беше повисок и позгоден отколку што замислуваше!), но во истиот миг наиде некој негов познајник на велосипед, поразговараа неколку минути мошне напнато, а божем шегувајќи се; ама нејзе на двапати за тоа време ѝ даде речиси невидлив, ама некако топол ишарет-лутиче со очите, така што Таа можеше да остане покрај него до крајот на својот живот,.. до последната ноќ на својата зазорена страст… Потоа заедно уште еднаш ја минаа „Вељко Влаховиќ“ и од кај „Пјаца либерта“, покрај Домот на градежниците, се упатија кон „Мистер Џек“.

  • Си бил?
  • Сум бил. Одамна. Ти?
  • Да, да, често одам – го излажа Таа за да биде обично, рутински, за да не биде како што, всушност, беше.

veljko-vlahovic-vintage-doris

Тој нарача ладен чај од праска, Таа кафе, којзнае кое по ред тој есенски понеделник рано попладне. Не можеше да размислува што ѝ се пие, само механички рече „еспресо“ и ги извади цигарите од чантата. („Што ли ќе правев со рацеве да не пушев!?“) Сите мозочни клетки ѝ беа зафатени со прикривање на чувствата во очите додека го гледа, во рацете додека пали цигара од цигара, во зборовите кои излегуваа од неа речиси независно од нејзините мисли. Телесните клетки, пак, до една, ѝ се вртеа во неговата прекрасна дланка заедно со чашата ладен чај целосно препуштена на помамниот танц на неговите долги, совршени прсти.

* * *

  • Овде живеам… – рече Таа неколку метри пред нејзиниот влез, всушност, точно кога стоеја пред нејзиното златно пежо на паркингот.
  • Е, па…
  • Ова е мојата кола – додаде само за да останат заедно уште една секунда…
  • Знаеш?
  • Што?
  • Да возиш?
  • Знам. Одамна. Ти?

Тој не одговори ништо, само внимателно го изгледа нејзиното златно, заборавено, повредено  и неизмиено пежо. „Толку е привлечно, за час може да блесне во најубаво светло“, си помисли Таа…  Немаа повеќе заеднички секунди,.. се ракуваа сосем формално и пред да се разделат (засекогаш!), Тој со своите совршени прсти извлече едно заталкано, суво цветче заробено од бришачот на шофершајбната, го фрли наземи и го срона со патиката. („Кој ли број носи обувки? 43, 44?“)

* * *

Утредента, Таа не отиде на работа. Претпладнето го помина в кревет, со исушени солзи втиснати во стварноста како нечисти прсти на стакло, а некаде пред 16 часот излезе на паркингот кај Цветниот пазар и влезе во своето златно пежо. Возеше од млада, така што неколкумесечното возачко апстинирање и пешачката авантура не ѝ можеа ништо. Брзо и вешто го извади од паркингот и потоа десно по „Мито Хаџивасилев – Јасмин“ се упати кон НИП „Нова Македонија“. Имаше прецизно испланирано точно во 16 часот и 10 минути, со колата да биде на улицата „Вељко Влаховиќ“, од страната на „Пјаца либерта“ (нејзината, а не неговата страна од претходниот ден!) и да ја извози својата залудна љубов онолку километри колку што навистина е долга. Секоја клетка од нејзиното тело одделно ѝ праќаше сигнал дека тоа растојание не се врви пеш! Извози цел брз круг околу центарот на градот, зашто требаше да втаса на вистинското место од вистинската страна. (Преку Булеварот ЈНА дури до „Партизанска“, па десно во малото уличе веднаш по ЈАТ, заборавеното кракче на „Максим Горки“, до аптеката „Еурофарм“, па покрај предната тераса на „Мистер Џек“, бавно и внимателно до „Пјаца либерта“ и потоа  десно, пак на „Вељко Влаховиќ“.) 16 часот и 10 минути. Старт! Нејзината залудна љубовна патека мораше да се извози до крај. Да се извози и да се заборави.

* * *

Си замина есента, дојде и помина зимата, не многу студена, ама влажна и тажна; дојдоа и поминаа и нивните родендени, нејзиниот јубилеен – неговиот обичен; дојде и пролетта, еднаш пребрзо, потоа, од вторпат, вистински,.. излегоа луѓе по улиците, вистински праски по пазарите, сите станаа пешаци, и искусните и неискусните одачи по дозволените и забранетите, по кусите и бескрајните патеки. Истече време, сѐ се промени, сите нивни улици ги сменија дури и имињата… Таа (некогашна умна и разумна жена) не излегуваше од своето кутро, златно пежо, ги возеше недобројните километри од својата залудна љубов кои никако не се намалуваа, напротив, маршрутата стануваше сѐ подолга и подолга. „Ќе ја довозам, ќе ја извозам, ќе ја срозам,.. макар била и бескрајна!“, си даваше кураж Таа, полнејќи го по којзнае кој пат резервоарот до врв на бензинската пумпа „Лук оил“ на излегување од градот, во Автокоманда. Љубовта не ѝ се довозуваше низ Скопје, време беше за многу подалечни и побезнадежни залажувања и дестинации… Енергично го притисна педалот за гас со својата боса, десна нога (број на обувки 38) и пежото, пресреќно што повторно се заедно, полета над коловозот. Полупразните кутии и кутии цигари се разиграа на совозачкото седиште, а тетрапакот од литро и пол ладен чај од праска нагло се стркала накај неа, влетувајќи ѝ в прегратка.

* * *

Растојанието од 1,36 километри со просечен човеков  ôд (околу 5 километри на час) се поминува за 16,32 минути. За исто толкаво време (16,32 минути) може да се прочита и оваа приказна од 1.228 зборa.  Ако успеете да постигнете точно толкава брзина при одот и точно толкава брзина при читањето, па и едното и другото да траат точно 16,32 минути, Таа и Тој можеби ќе добијат уште една љубовна шанса да се сретнат пред Гимназијата „Јосип Броз“ на поранешната улица „Вељко Влаховиќ“, сегашната „Димитрие Чуповски“ и љубовта да им тргне во друга насока. Всушност, по сосем други улици…

Рубриката Ракопис е скромен обид на Призма да им понуди на своите читатели можност за литературно бегство од баналностите на македонската реалност. Секоја сабота наизменично ви нудиме раскази и драми, мал артифициелен арт остров во океанот секојдневни проблеми.