Анализи

Вербален клинч без победници

Анализа на лидерскиот дуел меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

На помалку од една недела пред официјалниот почеток на кампањата за локалните избори и во екот на неофицијалното, но агресивно претставување на кандидатите за градоначалници, спонзорирани фејсбук-објави и на вадењето „валкан веш“, вчера изгледавме уште еден телевизиски дуел, прв годинава, меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Освен вообичаеното вербално пеливанство, тричасовната емисија на телевизија Канал 5 помпезно наречена „Дуел на иднината“ не понуди суштествени одговори на актуелните теми и на прашањата што нè засегаат сите, кои би произлегле доколку имавме квалитетно соочување аргументи.

Премиерот прв ги симна ракавиците.

„Тропате од ракав“, му рече Заев на соговорникот кога овој изнесе низа обвинувања околу трагедијата со пожарот во тетовската модуларна ковид-болница.

Во напор да ја потенцира разликата и во начинот на дебата, Мицкоски неколкупати повтори дека тој е „научен работник и редовен професор“, партиските соработници ги промовираше сосе нивните академски титули – доцент доктор Игор Николов и без да чувствува потреба да го објасни инженерскиот речник му порача на премиерот дека владејачката коалиција му е во „десипација“ (според Википедија – губење на енергијата).

Тетовската трагедија и антиваксерите

Очекувано, темата за пожарот во Тетово донесе големо количество патетика („дајте оставки за да спасиме животи“ и „геноцид врз сопствениот народ“ наспроти „сите нè боли исто“ и „немојте да профитирате од трагедии“), меѓутоа единствено дебатата околу несреќата понуди нешто ново за оние што во понеделникот попладне решија да ги следат двајцата партиски лидери.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски обвини дека со наменска измена на закон е заобиколено Министерството за транспорт и врски при изградбата и поставувањето на модуларните болници и, според него, трагедијата немало да се случи ако монтажните објекти ги контролирале стручните луѓе од овој владин сектор.

„Во тоа Министерство има прекрасни луѓе“, потенцираше Мицкоски.

„Каде ви е техничкиот документ? Имате ли противпожарен елаборат? Што бараа роднините на пациентите таму?“, прашуваше тој без да добие конкретен одговор од премиерот.

Покрај вообичаената дефанзива дека противниците печалат поени на трагедијата, како и претходните десетина дена не чувме речиси ништо од премиерот на оваа тема, а од неговата изјава дека истрагата ќе била „влезен инпут“ при одлучувањето околу оставката на министерот за здравство, може да се насети дека е сè поизвесно политичко помилување на Филипче.

На темата околу пандемијата, пак, се покажа дека Христијан Мицкоски сериозно им „намигнува“ на луѓето што од разно-разни причини не сакаат да се вакцинираат и дека калкулира на нивните гласови. Беше многу внимателен при користењето на зборот „антиваксер“, кој во пандемијава и луѓето што се против вакцините почнуваат да го доживуваат како навреда.

„Лично сум за вакцинирање и ги почитувам тие што сакаат да се имунизираат на таков начин, но (акцентот е на драмската пауза – н.з.) и останатите имаат право на свој избор“, коментираше Мицкоски, објаснувајќи дека не сакал да се слика кога се вакцинирал во салата „Борис Трајковски“, зашто за него тоа не било промоција на вакцините, туку циркус.

„Поттикнувате антиваксерство, сменете ја плочата“, му рече Заев.

Според статистиката што ја спомна премиерот  90 отсто од починатите со ковид се постари од 60 години, а надоврзувајќи се на прашањето зошто Македонија е шампион по смртност во пандемијата, тој ги повтори вообичаените аргументи – коморбидитети и неодење на лекар навреме.

Изборни победници по различни формули

Дебатата за пописот прерасна во обвинување дека Левица е тројански коњ на власта, теза што му е потребна на Мицкоски оти претпоставка е дека Левица повеќе го нагризува гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ.

Христијан Мицкоски ги изедначи СДСМ и Левица, и покрај тоа што партијата на Димитар Апасиев активно промовира бојкот на оваа статистичка операција. Објаснувајќи му на Заев дека токму со понудата до Апасиев за заеднички настап на изборите, за која наводно знаел дека ќе биде одбиена, сакал да покаже дека „СДСМ и Левица се лицето и опачината на една иста паричка“.

„Ги потценувате луѓето“, реплицираше Заев.

Резервираноста на Христијан Мицкоски околу пописот премиерот, пак, ја протолкува како лидерот на опозицијата да си остава простор во иднина да не ги прифати резултатите.

Поради специфичниот начин на гласање на локалните избори, се гласа посебно и за градоначалници и за советници, а во Скопје тоа се повторува двапати – за Градот Скопје и за општината, партиите и нивните лидери секогаш имаат различни пресметки за тоа што се смета како победа на локалните избори.

И двајцата најавија победа, меѓутоа ако Мицкоски се надева на најмногу добиени градоначалници и најмногу гласови на советничките листи, Заев беше посамоуверен уверувајќи дека неговата коалиција, за која потенцираше дека е голема, покрај во овие категории, ќе победи во вкупниот број гласови и ќе го задржи под своја контрола Градот Скопје. Иако, во оваа анализа на Заев не е сосема јасно како и колку ќе се бројат гласовите на ДУИ и на коалицијата ЛДП-ДОМ со кои во одредени места и во вториот круг премиерот најавува соработка.

На темата на надворешната политика не чувме новини.

Заев и натаму инсистира на конкретен став од Мицкоски за Преспанскиот договор и за договорот со Бугарија, а овој и натаму го користи сарказмот да одбегне какви било конкретни коментари што би се протолкувале, или како попуштање, или, пак, како ветување дека ќе ги ревидира овие договори кога би дошол на власт.

„Јас мислам дека веќе три години преговараме со ЕУ, така ни кажавте во авиончето“, цинично алудираше Мицкоски на старата фејсбук-објава на Заев дека Македонија ќе ги почне преговорите со Унијата.

На темите економија и корупција, при крајот дуелот прерасна во препукувања за тоа кој е поголем криминалец и кој има, а кој нема легитимитет да зборува на темата.

Ваквиот финиш го засили впечатокот дека лидерите и на двете партии го искористија телевизискиот настап уште еднаш, и тоа пред избори, што е можно погласно да ги наметнат партиските мантри во присуство на противникот и ако е можно тоа да биде протолкувано како триумф по социјалните медиуми, оставајќи ја публиката сама да чита меѓу редови од она што го слушна вчера на Канал 5.