Верските лидери на православната, исламската, еврејската и католичката заедница во Босна и Херцеговина, потпишаа Декларација за борба против стигматизација на лицата кои преживеале сексуално насилство за време на војната во БиХ, како дел од континуираните напори на Меѓурелигискиот советот (МРС) на оваа држава, за промовирање на помирувањето.
Игор Спаиќ, Сараево
Да имаше историјата на Балканот звучен запис, тоа ќе беше звукот што во четвртокот вечер доаѓаше од Народниот театар во Сараево.
Исламски, православни, католички и еврејски религиозни песни, одекнуваа низ големата златна сала на Народниот театар, каде што по повод 20-годишнината од формирањето на МРС на БиХ, се собраа верските лидери на оваа земја, кои потпишаа Декларација за борба против стигматизација на лицата кои преживеале сексуално насилство во војната во БиХ.
„Она што се кажува, често се заборава. Но, она што е напишано, останува за следната генерација. Затоа, ние веруваме дека оваа декларација, иако нема да ги реши сите проблеми што ги имаме … сепак ќе ни помогне полесно да се погледнеме во очи и да се обидеме да ги залечиме раните на оние кои страдаа во последната војна“, рече на прес-конференцијата одржана еден ден пред одбележувањето на годишнината, Јакоб Финци, претседател на Еврејската заедница во БиХ.
Заменикот на поглаварот на Исламската заедница во Босна и Херцеговина, Хусеин ефендија Смајиќ, рече дека МРС обезбедил платформа, за жените да проговорат за насилството што го преживеале за време на војната од 1992 до 1995 година, како и во повоениот период.
„Сакаме оваа стигма да ги заобиколи сите идни генерации, со прераскажување на приказните за сите бедни настани кои тука се случија“, рече тој.
Силувањето за време на конфликтот во БиХ, се користело како оружје на војната. Според проценките на ООН, во војната биле силувани околу 50.000 лица, а сторителите на овие дела секогаш биле од друга националност или верска припадност, од жртвата.
Настанот, по настапот на хоровите на верските заедници во БиХ, заврши со потпишување на декларацијата.
Прамила Патен, специјален претставник на ООН за сексуално насилство во конфликтот, ја поздрави иницијативата на верските водачи.
„Силувањето е брутално оружје, кое што е разурнувачко како и секој куршум или бомба. Тоа ги уништува жртвите и нивните семејства. Ги уништува заедниците и ги поткопува шансите за нивно помирување, ако се остави на страна. За ова злосторство се вели дека е најстаро и најмалку осудувано злосторство од сите“, рече Патен.
И Тања Доми, хонорарен професор по меѓународни и јавни работи на Институтот Хериман при Универзитетот Колумбија, која повеќе од две децении ја следи состојбата со човековите права на Балканот, го пофали ставот на МРС.
„Мислам дека ова е голем чекор напред, преку религијата да оствариме заедништво, да покажеме поголема почит и достоинство кон луѓето кои преживеале тортура. Поточно, прашањето на сексуално насилство претставува проблем и е шокантно злосторство по кое е препознатлива војната во БиХ“, вели Доми за БИРН.
„Многу жени биле жртви, но денес знаеме дека и многу мажи биле жртви на ова злосторство. Многу од овие жртви се изолирани и отфрлени од нивните семејства и заедници“, истакна таа.
Додаде оти верува дека доколку верските лидери проговорат и ги прифатат жртвите, тоа би можело да го промовира помирувањето.
„Мора да се види што планираат по овој договор. Што ќе работат и како ќе се сретнат со жртвите, нивните семејства и заедници“, рече таа.
Мешавина на религии
Декларацијата потпишана во Сараево е првата декларација од ваков вид во светот. Но, ова не е ништо ново за Сараево – градот е тренд сетер.
Пред дваесет години, тука е роден првиот Меѓурелигиски совет во светот.
И беше време, затоа што со векови Босна и Херцеговина е мешавина на религии. Освојувачите доаѓале и си заминувале, и секој од нив зад себе оставал дел од својата култура, својата религија.
Католицизмот во БиХ пристигнал пред повеќе од 1.000 години, потиснувајќи го паганството. Сепак, новата религија не била целосно прифатена и на нејзино место се развила босанската црква, која во тоа време Ватикан ја прогласил за еретичка црква.
Припадници на редот на фрањевците биле испратени во БиХ, да го решат проблемот, и одреден период во државата коегзистирале двете религии.
Со доаѓањето на Отоманската империја во 15 век, полека се шири исламот и источното православие, со што се создала мешавина од четири религии, кои егзистирале дури и во најтемните времиња на инквизицијата, која доминирала во средна Европа.
Верската различност и толеранцијата на западната отоманска провинција Босна, ги привлекла Евреите од Шпанија, но и од цела Европа, кои бегале од религиското прогонство.
До 16 век, во Босна и Херцеговина веќе се помешале пет различни религии, но, босанската црква изумирала.
Во турбулентниот период кој следел, босанското население почнало да се потпира на надворешните сојузници, базирајќи ја својата лојалност на религијата. Во текот на изминатите 200 години, оваа лојалност прераснала во изградба на нациите, чиј резултат е денешната слика на етничко мешаното население во Босна и Херцеговина: босанските Срби, Бошњаците, босанските Хрвати и мал број Евреи кои ја преживеале Втората светска војна.
За време на војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година, националната и верска припадност беше во центарот на конфликтот, па затоа, во 1997 година, верските водачи се состанаа и решија да го рестартираат системот и да им покажат на своите верници, дека можат да коегзистираат.
„Од основањето, нашата главна цел беше помирувањето. И овие 20 години, се обидуваме да помогнеме во изградбата на граѓанското општество, преку она што најдобро го умееме, а тоа е меѓурелигискиот дијалог, бидејќи дијалогот нема алтернатива“, рече кардиналот Винко Пуљиќ, кој е исто така, еден од основачите на МРС.
„Денес во светот постојат многу меѓурелигиски совети, но првиот беше спомнат во 1997 година, кога ние бевме формирани“, рече на прес-конференцијата епископот Григориј.
„Луѓе од цел свет доаѓаа во овие простории и она што е најинтересно е дека тие не доаѓаа само да ни ги кажат нивните идеи, туку и да побараат совет од нашите искуства, од она што сме го научиле едни од други во изминатите 20 години“, изјави Григориј.
Повеќе сличности, отколку разлики
Денес, МРС има 15 одбори низ цела земја. Во Бихаќ, Бијелина, Бања Лука, Бугојно, Брчко, Добој, Фоча, Горажде, Ливно, Нови Травник, Орашје, Тузла, Зеница, Жепче и Требиње.
Советот работел на повеќе од 100 проекти, рече Смајиќ, а еден од нив бил проектот за следење на нападите врз верските институции.
„Со нашата досегашна работа, успеавме да ги намалиме нападите врз верските институции за повеќе од 50 отсто и горди сме поради тоа“, рече Смајиќ.
Крајната цел е овие напади да се третираат како кривични дела, а не како прекршоци, додаде тој.
Советот, исто така, организира и отворен ден во верските институции.
„Важно ни е, сите наши свештеници и имами да влезат во нашите џамии и цркви, во нив да доведеме студенти од различни универзитети, да ги доведеме нашите граѓани, за да добијат добра претстава за нашите институции, за она што се случува и што се зборува во нив“, истакна Смајиќ.
Во февруари, МРС организираше настан на кој четворицата верски лидери зборуваа против национализмот, поради тензиите кои се појавија во тоа време во БиХ.
Во април, верските лидери посетија неколку локации на кои што биле извршени воени злосторства над припадници на сите заедници, при што заедно се помолија и им оддадоа почит на жртвите од другите заедници.
„Се надевам дека ги инспириравме нашите политички лидери да ги следат нашите чекори“, изјави Финци по овие посети.
Додаде дека се надева оти работата на МРС може да промовира повоено помирување.
„Многумина мислеа дека војната во Босна и Херцеговина е верска војна. Ние знаеме дека тоа не беше така. Знаеме дека на ист начин религијата и верата се обвинуваат за многу работи, но исто така и преку нив може да се воспостави подобар однос помеѓу сите нас, бидејќи ние сме сите деца на ист бог“, рече тој.
„Ние имаме повеќе заеднички, отколку различни нешта. Сепак, никогаш не ги истакнуваме нив, туку само различностите“, заклучи тој.