Саботната попладневна спарина и најавата за дожд не влијаеa по четврти пат низ улиците на Скопје да се маршира за љубов.
Под мотото „Горди и гласни“, припадниците на ЛГБТИ заедницата, и оваа година во придружба на музика од препознатливото „светкаво“ камионче чекореа низ срцето на градот заедно со нивните родители, поддржувачи, граѓани и политичари.
Сценографијата како и секоја година – иста, виножитото, амблемот на оваа заедница во сите можни форми.
Зборно место и годинава беше „Жена-парк“. На терасите и долж улиците – љубопитни погледи.
Активистите многу пред маршот предупредија дека се засилува говорот на омраза кон ЛГБТИ заедницата, особено од верски институции и анти-ЛГБТ групи.
Говорниците кажаа дека трансродовите луѓе се најмаргинализирана група, која не ја препознаваат македонските институции, бидејќи сè уште не можат да ги сменат личните документи и поради тоа се изложени на дискриминација.
Трансродовата активистка, Лила Милиќ, рече дека и таа се залага за семејни вредности, но не и за омраза.
„Противниците на ЛГБТ заедницата мислат дека семејни вредности се да ги мразиш различните, мажот да одлучува и да ги контролира жената и децата во семејството, да се однесува насилно и тоа да му се простува. Не, тоа не се семејни вредности во демократско општество“, громогласно говореше Милиќ.
Емотивно зборуваше и мајка за својот геј син. Им порача на родителите да не ги осудуваат своите деца, туку да ги прифатат онакви какви што се.
„Сексуалната ориентација и родовиот идентитет не се избор на нашите деца. Тие не избираат да се различни. Тие се едноставно различни“, кажа таа.
На маршот дојдоа вицепремиерот Бојан Маричиќ, министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, и пратеничките Маја Морчанин и Санела Шкријељ.
Имаше гости и од САД, Холандија, Шведска…
Маршот, како и секоја година, заврши во стадионот на АРМ каде настапуваа домашни и странски артисти меѓу кои и пејачката, Тамара Тодевска.