Репортажи

Сигурна ЛГБТ куќа за несигурно општество

Во посета на Сигурната куќа за ЛГБТ лица

Бегајќи од насилството во сопствениот дом, тогаш кога сите други врати им се затвориле, Розалија и Маријан, прибежиште нашле во Сигурната куќа за ЛГБТ лица.

Розалија е гласна транс-жена, во своите 20-ти години, која израснала без мајка и со татко што се откажал од неа. Маријан, пак, е кревок геј-маж во 40-тите, кој поради семејното насилство бил принуден да замине од малиот град каде што пораснал и да се пресели во Скопје.

Нивните приказни, и воопшто потребата од Сигурната куќа се резултат на силниот отпор на општеството кон ЛГБТ луѓето, кој дополнително расте во пресрет на Парадата на гордоста, најавена за викендов во Скопје.

Дневната соба во Сигурната куќа | Фото: БИРН

Затоа, седнати во удобната дневна соба на Сигурната куќа, скриена од јавноста, двајцата, за БИРН, зборуваат под псевдоними. Маријан, бидејќи не сака јавно да се декларира како геј, Розалија, пак, затоа што во личната карта има машко име и презиме, со кое не се идентификува.

„Јас немав каде да се вратам“, го почнува разговорот младата транс-жена, раскажувајќи како останала без покрив над главата откако пред неколку месеци била избркана од станот во кој живеела под кирија. Тогаш за првпат дознала дека постои место што ги прима луѓето како неа, дел од маргинализирана група на која многумина гледаат со омраза.

Животот воопшто не ја штедел. Со насилен татко, во сиромаштија, како нетипично „момче“ трпела долгогодишен булинг. Мала утеха видела кога на 16 години конечно била сместена во дом за деца без родители, но и тоа траело кратко – дошло време да се пресели бидејќи станала полнолетна.

Голема надеж имала во студиите, уверена дека ќе биде прифатена од сите. Но, и тука наишла на отпор, пред сè, од професори кои студентите како неа ги ословувале со „тие, обратните“.

„Прво запознај ме, дај ми шанса, потоа донеси заклучок“, со пркос во гласот раскажува таа.

Постер во Сигурната куќа | Фото: БИРН

Додека Розалија зборува многу отворено за својот досегашен живот, Маријан слуша и молчи. Тие не се познаваат добро, затоа што Маријан е излезен од шелтерот подолго време, но редовно контактира со вработените, кои следат што му се случува во животот. Овојпат е дојден само за да ги посети и да поразговара со нив. Неизмерно им е благодарен затоа што му подале рака откако си заминал од родниот град поради болните семејни драми и насилство, во тешка депресија што траела со години и по врска со партнер, која завршила бидејќи во неа се вмешале родителите.

Четири години од првото влегување во Сигурната куќа, без помошта од луѓето во неа, Маријан не е сигурен дека ќе останел жив.

„(Ќе завршев) или на гробишта, или… не знам“, искрен е тој.

Најважната работа што ја добил тука бил пристапот до психијатар, кој ги разбирал предизвиците со кои се соочуваат ЛГБТ луѓето, нешто што било незамисливо во малиот град од каде што потекнува. Во шелтерот бил безбеден, имал покрив над главата, храна, нови пријатели од заедницата. Една година минал во Сигурната куќа, почнал да работи, заштедил и конечно застанал на свои нозе.

„Доволно е кога има некој да ти подаде рака. Не само кога си геј, мислам дека за сите е добро, вакво нешто треба да има за сите“, дополнува Маријан.

Седум години на тајна локација

Менаџерката на Сигурната куќа во нејзиниот, како што вели, втор дом | Фото: БИРН

Сигурната куќа работи според строги правила, сместена на тајна локација во близина на центарот на Скопје, но, сепак, надвор од погледот на љубопитните минувачи, но и од потенцијални насилници.

До неа стигнуваме заедно со социјалната работничка. На влезот стои куќниот ред и во секој момент има по еден вработен во објектот. Може да прими пет корисници истовремено, па затоа е многу важно сите да внимаваат на своето однесување. Нема преспивање надвор, освен со претходно добиена дозвола.

Престојот тука е привремен и зависи од однесувањето на штитениците. Целта е да застанат на нозе и да се осамостојат, да најдат работа, стан и да си го продолжат животот. Неретко луѓето од куќата и по излегувањето од неа продолжуваат да живеат заедно под кирија, како цимери, раскажува Ивана Костовска, која неколку години е менаџерка на објектот.

Поглед кон канцеларијата за разговор | Фото: БИРН

Вели дека потребата од ова место е голема затоа што македонското општество не гледа со симпатии кон ЛГБТ луѓето. Напротив, тие честопати се жртви на насилство, имаат нарушено ментално здравје, бркани се од дома и омаловажувани. Тоа го покажува и нивното искуство, кое се потврдува во истражувањата од повеќе организации. Како, на пример, последното европско истражување, кое ги стави македонските граѓани на врвот на Европа по својата хомофобичност. Проблемот оди дотаму што мнозинството граѓани не сакаат да имаат ваков сосед, ниту, пак, дете што е дел од заедницата.

Затоа и бројни се приказните на штитеници што завршиле во куќата откако избегале или буквално биле избркани од своите родители.

„Луѓето се јавуваат и во тие моменти немаат каде да одат. Јас секогаш се прашувам каде ќе замине овој човек. Нема пари, нема пријатели, дома едноставно не врви работата. Сме имале случаи каде што (од дома) им велат – оди си, сите ќе знаат дека ти си пе*ер, како да те чуваме. Каде да оди тоа дете“, револтирана е менаџерката.

Во зима притисокот е поголем, а во лето е порелаксирано. Во моментов, во куќата живее само Розалија, но оваа ситуација може бргу да се промени.

Вработените во шелтерот ги договараат следните активности | Фото: БИРН

Честопати во ниедно време добиваат пораки на Фејсбук за луѓе во опасност. Им помагаат и на странци, па и на баратели на азил што бегаат од земјите во кои се репресирани. Сигурната куќа тогаш ја користат институциите што не упеваат да им пружат помош на ЛГБТ луѓето.

Имале и опасни ситуации. Како пред неколку години, кога Косовец среде ноќ им пишал дека бил жртва на насилство и останал на улица. Приказната изгледала убедливо, вработените веднаш го прифатиле, за следниот ден да сфатат дека човекот, не само што не е геј како што се  претставувал, туку имал и криминално досие.

Оттогаш дополнително ги заостриле процедурите за влез, за да не ги стават во опасност другите штитеници. Затоа сега проценката на луѓето што бараат помош ја прават исклучиво надвор од објектот, најчесто во просториите на Хелсиншкиот комитет, во чии рамки работи куќата.

Засилен аларм пред Парадата на гордоста

Дел од просториите во Сигурната куќа | Фото: БИРН

Во пресрет на скопската Парада на гордоста, Костовска очекува зголемен број јавувања, бидејќи како што расте видливоста на ЛГБТ луѓето, така расте и хомофобијата, а со тоа и повиците за насилство.

Розалија ќе биде дел од парадата, ќе се дотера како дрег кралица и со такси ќе замине на настанот. Одењето пеш или со автобус за неа не е сигурна опција. Мора да биде внимателна, затоа што нејзината појава предизвикува внимание, а токму таа претпазливост смета дека досега ја заштитила од физички напади. Верува дека Парадата на гордоста е крик за помош и треба гласно да се зборува за проблемите на квир луѓето.

Маријан, пак, ќе остане дома.

„Не се декларирам, не излегувам по такви места, навикнат сум буквално цел живот да функционирам сам. Ако се декларираш јавно, ќе бидеш на тапет, навредуван… Ако си убиец или крадец, ќе се тргнат малку понастрана, ама пак ќе соработуваат со тебе. А вака, ти си како заразен (за другите)“, посочува тој.

Во меѓувреме, животот во Сигурната куќа ќе продолжи во вообичаениот ред, со многу разговори, советувања, поддршка од вработените и со надеж дека претстојниот настан нема да го зголеми бројот на штитеници.