Ситуацијата на границата меѓу Македонија и Грција е смирена, откако пред два дена беше запрен протокот на бегалци кон Македонија. Сепак, студот и силниот ветар ја отежнуваат ситуацијата. Екипите на „Црвен крст“ имаат полни раце работа, бидејќи голем број деца се разболуваат поради ладното време, а неретко снемува и струја во кампот.
Студеното време и силниот ветар ја отежнува работата во прифатниот камп „Винојуг“ во Гевгелија каде што дневно минуваат околу 2 илјади бегалци од Сирија, Авганистан и Ирак.
Сите бараат топол чај и облека, се покриваат со кебиња, остануваат во центарот по неколку часа чекајќи го наредниот воз и продолжуваат кон Србија. Екипите на „Црвен крст“ имаат полни раце работа, бидејќи голем број деца се разболуваат поради ладното време. Неретко снемува и струја, а претставниците на УНХЦР апелираат да се воведе греење во кампот. Натоварени со кебиња и топла облека, бегалците се редат по педесетина во редица. Прво се пропуштаат мајките со децата, како и болните и изнемоштени лица.
„Условите во кампот се подобрени, но има уште многу предизвици. Најважно е да има греење, бидејќи, како што може и сами да почувствувате, тука е студено, има жени, деца, постари и болни лица, а со тоа се зголемува и можноста за појава на болести. Овие луѓе имаат права. Тие доаѓаат од земји каде што има војна. Полицијата врши одлична работа, организира, но би биле благодарни доколку нивните права се почитуваат во целост, кога ги организираат, кога ги редат во редици, да нема употреба на сила. Не сум видел употреба на сила, но луѓето патат, истоштени се и треба да се третираат хумано“, изјави Ариф Мохамад, претставникот на УНХЦР во Македонија.
Ситуацијата на границата меѓу Македонија и Грција е смирена, откако пред два дена беше запрен протокот на бегалци кон Македонија. Грчката полиција го расчисти кампот „Идомени“, враќајќи економски мигранти во прифатните центри во Атина, од каде тие се транспортираат во државите од каде потекнуваат.
Македонската армија во меѓувреме почна да поставува ограда на преминот Меџитлија на границата со Грција за заштита на граничниот појас, откако голем број економски мигранти почнаа нелегално да ја преминуваат границата.
Од 19 ноември, Македонија почна да ги спроведува препораките на ЕУ за пропуштање само на бегалци од воените жаришта во Сирија, Авганистан и Ирак, и да ги селектира и блокира сите други лица со доделениот статус на економски мигранти, на граничниот премин кај Гевгелија.
„Ние не дискриминираме според националност. Ако луѓето дојдат тука и побараат азил, нивните барања треба да бидат процесуирани. Ако не побараат азил, треба да им се објасни кои се последиците. Правна помош мора да им биде обезбедена, за да знаат што следува понатаму“, вели претставникот на УНХЦР во Македонија.
Мохамад за БИРН изјави дека УНХЦР не врши дискриминација според националноста и побара секое лице што е затекнато на македонска територија, да биде хумано третирано.