Вести

Бегалци ја тужат Македонија во Стразбур

begalci

Осум бегалци од Блискиот исток ја тужат Македонија во Европскиот суд за човекови права | Фото: Роберт Атанасовски

Осум лица од Сирија, Ирак и Авганистан ја тужат Македонија во Стразбур, тврдејќи дека со нивното присилното протерување ја прекршила Европската конвенција за човекови права.

Помогнати од две непрофитни организации, Европскиот центар за уставни и човекови права (European Centre for Constitutional and Human Rights, ECCHR)  и Про Азил (Pro Asyl), две жени и шест мажи поднеле тужба до Стразбур на 13 септември.

„Затворањето на грчко-македонската граница го направил (нивниот) законски влез во Европа преку балканската рута де факто невозможен“, се вели во цитираната изјава на Генералниот секретар на ECCHR, Волфганг Калек.

Портпаролот на Про Азил за Европа, Карл Коп, вели дека судскиот процес „дава надеж дека жртвите на систематското незаконско колективно протерување од ФИРОМ во Грција, ќе добијат правда“. Осумтемина, чиишто имиња двете невладини организации не ги откриваат, велат дека тие ја поминале грчко-македонската граница заедно со околу 1500 други лица на 14 март 2016 година.

Македонија тогаш, само што ја имаше затворено својата јужна граница за бранот бегалци и изгради ограда со бодликава жица за да спречи нелегални влегувања. Ова предизвика натрупување на илјадници бегалци на грчката страна, близу граничниот премин Идомени, кои се надеваа дека сепак ќе ја преминат границата и ќе го продолжат својот пат кон Европа.

Македонската војска ги фати и ги присили (овие осум лица) да се вратат назад во Грција преку импровизирани дупки во новоподигнатата ограда на границата.

„Тужителите немале можност да побараат азил или да преземат правни дејства против нивната брза депортација од ФИРОМ“, вели ECCHR во своето соопштение.

Во изјавата стои и дека враќањата биле спроведени без да се земат предвид индивидуалните околности и со тоа македонија го прекршила Член 4, Протокол 4 (забрана за колективно протерување) и Член 13 (право на ефективен правен лек) од Конвенцијата за човекови права.

Од македонското Министерство за надворешни работи за БИРН изјавија дека им треба повеќе време да се запознаат со случајот пред да дадат каков било коментар.

Во март, Македонија ја затвори границата за мигранти и бегалци следејќи го примерот на Словенија и на останатите земји кои се наоѓаат на таканаречената „Балканска рута“ кон Западна Европа.

Владата тврдеше дека не може да прими повеќе луѓе на својата територија без да се осигури дека тие ќе го продолжат своето патување понатаму. Најмалку 12000 лица беа заглавени околу два месеци на Идомени, на грчката страна на границата, во импровизирани кампови со шатори и живееја во супстандардни услови.

На моменти тензијата ескалираше во насилни судири помеѓу македонските безбедносни сили и бегалците кои се обидуваа да се пробијат. Тензиите се смирија дури кога Грција почна да ги преместува бегалците во други кампови, подалеку од пограничната област.