Истражувањa

Руски дипломат протеран од Македонија, „вдомен“ во Босна и Херцеговина

Непожелните руски дипломати од Македонија и Хрватска по инвазијата на Украина се акредитирани во руската мисија во Босна и Херцеговина

Април, 2022 година. Рускиот амбасадор во Македонија, Сергеј Баздникин е поканет во Министерството за надворешни работи. Врачена му е дипломатска нота со која шест дипломати се прогласени за непожелни.

Македонското министерство никогаш не ги соопшти нивните имиња. Но, домашниот огранок на рускиот моторџиски клуб „Ноќни волци“, чии членови ги испратија протераните дипломати до граница, ги откри нивните ликови. Меѓу нив беше и Илија Серов, аташе за медиуми во амбасадата на Русија во Македонија.

На 8 април, Серов за македонските медиуми изјави дека претходното протерување на петте руски дипломати од Македонија нема да помине без „соодветен одговор“. Седум дена подоцна, самиот тој се најде во групата од нови шест руски дипломати кои ги протераа македонските власти по почетокот на инвазијата врз Украина.

Во соопштението на македонското МНР од 15 април беше прецизирано дека руските дипломати биле протерани поради информации дека вршеле активности спротивни на Виенската конвенција за дипломатски односи.

Руските дипломати добија рок од пет дена да ја напуштат земјата.

Илија Серов на концерт организиран од град Сараево | Фото: Харун Миминовиќ, ФЕНА

Една година по протерувањето од Скопје, во мај 2023 година, дваесет и петгодишниот Серов се појави на концертот на Сараевската филхармонија во Градското собрание по повод Денот на победата над фашизмот, каде што беа присутни претставници на меѓународната заедница и локални власти. Во тоа време, тој веќе е на официјалната дипломатска листа во Босна и Херцеговина.

Концертот беше организиран од Град Сараево и од градоначалничката Бенјамина Кариќ. Од градската управа не одговорија на барањето на БИРН за коментар.

Сепак, Серов не е единствениот протеран руски дипломат по инвазијата на Украина што е акредитиран во руската мисија во Босна и Херцеговина.

Новинарите на БИРН открија уште најмалку еден руски дипломат во БиХ, кој беше протеран од неговата претходна мисија во Европската Унија. Тој неодамна се сретна со директорот на Службата за работи со странци за да разменат информации за работата. Претходно, Радио Слободна Европа откри дека протерани руски дипломати доаѓаат во Србија, од кои, за двајца пишуваше за нивната поврзаност со руските разузнавачки служби.

Сега, според истражувањето на „БИРН“ засновано на официјални и неофицијални дипломатски извори, објави на социјалните мрежи и извори од безбедносните агенции, БиХ станува засолниште за непожелните дипломати од другите земји каде што има помало руско влијание.

За деканот на Факултетот за политички науки во Сараево, Сеад Турчало, овој пример ја покажува внатрешната слабост на безбедносниот систем, бидејќи податоци за протераните дипломати може да се најдат и од отворени извори.

Според Турчало, граничната полиција требало да добие проценка дека станува збор за луѓе што се закана за националната безбедност.

„Фактот што такви лица ја поминуваат границата на Босна и Херцеговина, остануваат во Босна, говори за недостатокот на тој систем, односно можноста во некои клучни структури да навлегле проруски агенти, односно проруски актери“, вели тој.

„Тоа е задача што е на ниво на она што го нарекуваме хибридна војна и претставува сериозен безбедносен предизвик за Босна и Херцеговина, за што Босна повеќе или помалку не е свесна“, додава тој.

Од протерување до прием во Сараево

Македонските Ноќни волци ги испратија протераните дипломати до границата | Фото: Фејсбук на Ленин Јовановски

БИРН го следеше патот на Серов од Македонија со помош на објавите на Ленин Јовановски, лидерот на македонскиот огранок на рускиот мото клуб „Ноќни волци“. Клубот се смета за близок до Путин и е под санкции на Европската Унија.

Тој мото-клуб организираше испраќање за протераните руски дипломати, а неговите членови ги следеа на патот низ Македонија.

„Овие руски дипломати и нивните семејства се непожелни за македонските власти, а за нас тие секогаш ќе бидат добри луѓе и наши пријатели, без разлика на околностите. Ги донесовме безбедно до македонско-српската граница, им посакавме среќен пат, здравје, успех, среќа и се гледаме повторно во подобри времиња“, стои во објавата на предводникот на рускиот моторџиски клуб.

БИРН, претходно ги разоткри блиските политички врски што членовите на огранокот на овој клуб во Босна и Херцеговина ги имаат со властите во Република Српска, а клубот одигра важна улога во анексијата на украинскиот регион Крим и одвојувањето на одредени украински региони уште во 2014 година.

БИРН утврди дека Илија Серов е на тогашните објавени фотографии на фејсбук-профилот на Ленин Јовановски, лидерот на „Ноќните волци“ во Македонија. Јовановски се декларира како македонски националист и голем вљубеник во Русија и во Владимир Путин.

Неговите објави на социјалните мрежи покажуваат дека присуствува на моторџиски собири на кои се велича Русија, како мото-паради на Крим и во Србија, а на еден од собирите што се одржа на Крим возел рамо до рамо со Путин.

Ниту македонското МНР, ниту амбасадата на оваа земја во Сараево не одговорија на прашањата на БИРН за потврда на протерувањето на Серов, ниту на барањето за коментар.

За Владислав Дејвидзон, експерт за постсоветска историја и стипендист на Атлантскиот совет, руските разузнавачки и безбедносни служби остануваат длабоко вклучени во операциите на Балканот и продолжуваат да ги истражуваат слабостите низ регионот.

„Додека Европската Унија изврши притисок внатре во државите, протерувајќи многу од нив во Русија и им отежнуваше на руските шпиони да работат користејќи дипломатско покритие – Русите ги префрлија ресурсите во земјите на периферијата на ЕУ каде што можат да продолжат да работат повеќе или помалку слободно“, објаснува Дејвидзон.

„Босанскиот случај е особено тажен за многумина од нас што се грижат за Украина и за западната кохезија“, додава тој.

Серов денес е аташе во руската амбасада во Сараево, покажуваат информациите од официјалната дипломатска листа на Босна и Херцеговина.

Елмедин Конаковиќ, министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина кој ги подготвува дипломатските списоци, не одговори на повеќе барања од БИРН во последниве неколку месеци за податоците за руските дипломати. Затоа не беше можно официјално да се потврди нивниот идентитет.

Неофицијален извор од Македонија, кој е запознаен со деталите, за БИРН ги потврди податоците за  Серов, кои се совпаѓаат со информациите на два независни извори во Босна и Херцеговина.

„Луѓето што работат во разузнавачките служби на Руската Федерација се дел од дипломатскиот кор“, вели Турчало и додава дека на тој начин тие влијаат врз надворешната политика на БиХ.

„Оневозможуваат Босна и Херцеговина самостојно да ја води надворешната политика, во одреден сегмент влијаат врз изборната политика, односно се фокусираат на политичката  опозиција, што ги прават припадниците на руските разузнавачки служби што се таму во својство на дипломати во различни земји“, смета Турчало.

Рај за непожелните дипломати

Дипломатот Антон Соколов, протеран од Хрватска, се вдоми во БиХ | Фото: Инстаграм

Еден од дипломатите што сега се во БиХ, Антон Соколов беше протеран од Хрватска. Како што потврдија за БИРН европски дипломатски извор и безбедносен извор во БиХ, Соколов бил меѓу 18-те дипломати протерани од Хрватска на 11 април 2022 година.

Неговото име е меѓу имињата на руските функционери што се дипломати во Хрватска од април 2022 година. Во тоа време ја извршуваше функцијата втор секретар. Но, неговото име го нема на списокот дипломати, кој е објавен една година подоцна.

Името Антон Соколов, како што се гледа во јавнодостапните податоци, е објавено во дипломатскиот список на Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина од мај 2023 година, каде што е наведено дека е именуван на позицијата прв секретар на Амбасадата на Руската Федерација. Ова е негов втор мандат во БиХ.

Како што пишува во годишниот извештај на хрватската разузнавачка служба, една од причините за протерувањето на руските дипломати била прикриената и незаконска разузнавачка работа во Хрватска.

Имињата на протераните дипломати во овој документ не се објавени, а хрватската амбасада во Босна и Херцеговина, како и разузнавачката агенција, не одговорија на прашањата за потврда на идентитетот на Соколов. Министерството за надворешни работи, пак, во својот одговор наведе дека може да се побараат информации од руската амбасада во Хрватска.

БИРН, исто така, ги следеше движењата на Соколов преку објавите на неговата сопруга Ана Соколова на социјалните мрежи. Нејзиното име стоеше покрај името на Антон Соколов во дипломатскиот список на Босна и Херцеговина во 2019 година, бидејќи Соколов тогаш беше втор секретар на руската мисија во Сараево. Потоа нејзиното име го немаше на списоците.

За време на неговиот прв мандат тој присуствувал на проекции на филмови со руска воена тематика, комеморација на годишнини и собири на „Бесмртниот полк“, во спомен на Црвената армија.

Јавнодостапните податоци што БИРН ги потврди од два независни извори во земјата потврдуваат дека Соколов од Босна и Херцеговина заминал во Хрватска, од каде што бил протеран по почетокот на руската инвазија на Украина.

Од јавнообјавените фотографии и следењето на профилот на Соколова може да се утврдат овие премини. Во Петровo, во 2017 година, двајцата присуствувалe на почетокот на Рускиот филмски фестивал. Во тој период, Соколова објавуваше фотографии од бројни градови и планини на Босна и Херцеговина.

Антон и Ана Соколови на Фестивал на руски филм во Петрово, 2017 година | Скриншот РТРС

Ана Соколова, како што може да се види на Инстаграм, објави фотографија од Вараждин во Хрватска на 17 април 2022 година.

Девет дена подоцна, односно 15 дена откако Хрватска одлучи да протера руски дипломати, во објавата на истата мрежа, Соколова „ги информира“ своите следбеници за нејзината трета преселба за една година.

Како што наведе таа, спакувала 1,5 тон приватни работи пред да тргнат на 24-часовното патување.

Соколова, во еден од одговорите на коментарите на таа објава, откри и дека семејството ja поминало проверката на границата со Полска, а во следниот прецизира дека семејството се вратило во Москва.

Понатамошните објави на Соколова покажуваат дека семејството некое време поминало во Русија. До 21 јануари 2023 година. Тогаш објави нова фотографија од Босна и Херцеговина.

Таа не одговори на барањето за интервју испратено на нејзиниот инстаграм-профил.

Голем број земји од Европската Унија протераа десетици непожелни руски дипломати по почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Руските амбасади мораа да ги редуцираат своите мисии или да ги заменат протераните дипломати со нови.

Во меѓувреме, во Босна и Херцеговина, руската мисија расте. Наскоро се очекува да биде отворен конзулатот во Бања Лука, а еден од руските дипломати во БиХ веќе е пријавен како вработен во конзулатот, кој сѐ уште официјално не е отворен. Сѐ уште не е соопштено каде ќе се наоѓа конзулатот. Во исто време, во Бања Лука се гради руски храм, еден од најголемите на Балканот.

Дејвидзон смета дека крајната цел на Русија, на долг рок, е да ги задржи деловите од постјугословенскиот простор што не се интегрирани во ЕУ и НАТО – БиХ, Србија, Косово и други – да не се движат кон евроатлантскиот пат во иднина.

„БиХ е сè уште многу важно место од каде што се шпионираат Хрватите, Србите и Косовците“, вели Дејвидзон.

Претходно, истражување на Радио Слободна Европа откри дека руската мисија е зголемена и во Србија, каде што засолниште најдоа најмалку тројца дипломати. Стотици руски дипломати беа протерани од земјите-членки на Европската Унија или ставени на црна листа, за што некои од земјите како причина наведоа сомнежи за шпионажа.

РСЕ објави дека Србија сега има 62 дипломати на списокот во споредба со 54 во март 2022 година.

По протерувањето од Хрватска, Соколов во јули годинава беше пречекан од директорот на Службата за работи со странци. Според соопштение на веб-страницата на службата, директорот Жарко Лакета ги запознал Соколов и уште еден вработен во амбасадата со предизвиците во работата со мигрантите, како и со организацијата, проектите и со резултатите на Службата. Во извештајот се наведува дека Соколов му се заблагодарил на Лакета за размената на информациите што ги добил од него и го нагласил „значењето на натамошното одржување на воспоставените професионални врски и односи меѓу Службата и амбасадата“.

Службата за работи со странци не ja искоментира средбата со Соколов и објаснија дека тие не се надлежни за дипломатите и дека тоа го прави Министерството за надворешни работи.

„Во овој случај, кога имате лице кое друга земја го смета за активен разузнавач, кое на различни начини е заштитено од разузнавачката служба на својата земја, а немате соодветно контраразузнавање во државата, тогаш можно е да се среќава и да биде на разни настани, да разговара со кој било, да собира соодветни податоци на тој начин што соговорникот не го доживува поинаку од обичен дипломат“, вели Турчало.

Министерството за надворешни работи на БиХ не одговори на прашањето на БИРН дали БиХ протерала руски дипломати. Во официјалните соопштенија на Министерството не се наведува дека тоа се случило од почетокот на руската инвазија на Украина, додека властите на Република Српска на чело со Милорад Додик продолжуваат да одржуваат силни односи со руските власти.

Од Агенцијата за разузнавање не одговорија ниту дали извршиле некакви проверки на двајцата дипломати што доаѓаат во Босна и Херцеговина.

Турчало вели дека Министерството за надворешни работи на БиХ требало да го има предвид фактот дека едниот дипломат е протеран од земја-членка на ЕУ, а другиот од Македонија и требало да оневозможи да бидат дел од дипломатскиот кор.

„Требаше да оневозможат преку своите канали и фактот дека тие даваат одобрување таква личност да биде дел од дипломатскиот кор “, смета Турчало.

Амбасадата на Руската Федерација во Босна и Херцеговина не одговори ниту на прашањата, ниту на барањето за интервју со Серов и со Соколов.