Истражувањa

Мафијашките пресметки фрлија светло врз криминалното подземје

Ликвидациите упатуваат на „преструктуирање“ на криминалното подземје во Македонија

На 6 март годинава, Јетон Кривањева бил во познатиот „Шиша-бар“ во Старата скопска чаршија, кога група маскирани и вооружени лица упаднале во локалот и испукале рафали во правец на неговата маса.

Кривањева и уште еден човек, Енес Исени, се убиени и одеднаш Македонија се најде во вителот на војна за превласт врз криминалното подземје, нешто по што земјава не е препознатлива.

Соседните Србија и Црна Гора одамна се познати по ликвидациите меѓу организираните криминални групи, откако во 2015 година избувна војната меѓу ривалските банди што потекнуваат од црногорскиот приморски град Котор.

Во неа се убиени десетици.

Годинава се чини редот дојде на Македонија. Се случија четири убиства во три одделни инциденти, мафијашки ликвидации што го насочија вниманието на јавноста кон инаку малку експонираното скопско подземје.

„Криминалното подземје во Скопје моментално се преструктуира и исходот сè уште е неизвесен“, изјави за БИРН висок полициски функционер.

Се верува дека Кривањева, познат како „Жила“, бил шеф на скопскиот криминален клан Дуќанџик, а Исени му бил близок соработник.

Осомничениот за нивното убиство, Блерим Даци е ставен во домашен притвор, но, додека судот да одлучи да го стави во притвор, тој избега во Косово. На 15 јуни, во Приштина, човек за кој се верува дека е Даци доживеа слична судбина – беше изрешетан со куршуми.

Даци наводно бил член на друга, помала скопска криминална банда позната како Барон.

Полициските извештаи и доброупатените извори велат дека причината за убиствата е војната меѓу клановите Дуќанџик и Беланоца поради контролата на рутите за шверц на кокаин од Латинска Америка кон западните пазари, како и за превласт врз патот на нелегалниот канабис, кој од Албанија се движи северно во Европа и на исток во Турција. Се шпекулираше дека групата Барон, чиј член наводно бил Даци, се здружила со кланот Беланоца.

„Криминалното подземје во Скопје моментално се преструктуира и исходот сè уште е неизвесен“, изјави за БИРН висок полициски функционер, кој сакаше да остане анонимен.

Тој вели дека порано скопското подземје било „релативно кохерентно“, бидејќи неколку банди го делеле пленот. Сега имаме општа војна меѓу водачите на клановите.

Некои експерти тврдат дека политички интереси ѝ отежнуваат на државата да расчисти со овие банди.

Убиства во Македонија, Косово и во Грција

22 криминални групи од Македонија шверцуваат дрога | Фото: МВР

Македонската полиција идентификуваше вкупно 40 организирани криминални групи што дејствуваат во земјава, од кои 22 шверцуваат дрога.

„Беланоца“ е името што го користат Албанците за селото Белановце, кое се наоѓа на околу 25 километри северно од Скопје, блиску до границата со Косово, додека кланот Дуќанџик своето име го добил по старата турска населба денес лоцирана во скопската Општина Чаир, која се наоѓала на местот на денешната Пластичарска улица.

Извор што ги следи активностите на криминалните банди во Македонија вели дека кланот Беланоца има „некаква незавршена работа“ со групата Дуќанџик и дека двете групи сега се во војна за контрола на целата територија на Скопје, додека во меѓувреме регрутираат и помали банди како онаа што се нарекува Барон.

Еден месец откако Даци беше убиен во Приштина, неидентификувани вооружени лица тргнаа по другиот шеф на кланот Дуќанџик, Орхан „Оки“ Бајрами, во грчкиот приморски град Ханиоти, каде што тој престојувал во луксузен стан. Бајрами го убиле на самото место, а неговиот соработник Сеад Слезовиќ го раниле.

Министерството за внатрешни работи, за БИРН, изјави дека „тесно соработува“ со грчките и со косовските власти за да ги расветли убиствата.

Почетокот на ривалството

Два извора, еден од безбедносните структури и друг што внимателно ги следел активностите на организираните криминални групи, велат дека клановите Беланоца и Дуќанџик долго се во конфликт, иако имало период кога двете моќни семејства соработувале.

Актуелните банди во светот на организираниот криминал во Скопје, своите корени ги влечат од времето на распадот на Југославија во 1990-тите, кога се шверцуваше гориво, цигари и друга стока преку Македонија во Србија, која тогаш беше под меѓународни санкции.

Актуелните банди своите корени ги влечат од времето на распадот на Југославија во 1990-тите, кога се шверцуваше гориво, цигари и друга стока преку Македонија во Србија

Во центарот на овие случувања бил Агим Шерифи, вујко на неодамна убиениот Бајрами. Шерифи во 1990-тите се здружил со Џелал Ајети, познат како Џељо, за да ја преземе контролата врз шверцот на дрога во Скопје и пошироко. Нивните две семејства повеќе од една деценија соработувале во бизнисот со дрога, рекетирање и коцкање, меѓутоа во еден момент односите сериозно им се нарушиле.

За начинот на кој семејствата се закрвиле постојат две теории што паралелно се раскажуваат.

Се зборува дека семејството Шерифи, кое застана на чело на кланот Дуќанџик, било убедено дека семејството Ајети – кое го презема кланот Беланоца – стои зад убиството на Шерифи. Неговото тело беше пронајдено на скопска депонија во 2009 година. Наводно бил убиен поради спор околу пари, меѓутоа случајот никогаш не беше решен.

Според втората теорија, Шерифи наводно ѝ открил на македонската полиција дека Ајети ги финансирал припадниците на ОНА, кои се бореа против државните безбедносни сили во 2001 година. Полициските специјалци тогаш го привеле Ајети и жестоко го претепале.

Која и да е вистинската причина, полициски извор, кој, исто така, инсистираше да остане анонимен, вели дека во 2000-тите, двете групи навистина тргнале по различен пат, формирајќи низа лабави сојузи со помалите кланови, како Барон, Кондово, Грчец и Бундес.

Политичка заштита

Дали политика ѝ ги врзува разцете на полицијата? | Фото: МВР

Џелал Ајети беше застрелан во 2013 година, во чајџилница, во скопската населба Ченто. Неговиот брат Наим, за кој се верува дека по смртта на брат му го презел кланот Беланоца, беше убиен пет години подоцна по бркотница со автомобил низ центарот на Скопје. Неговото убиство, исто така, остана нерешено.

Сега се верува дека кланот го води синот на Џелал, Фатљум Ајети, познат како Тоте.

„Бандите и клановите овде отсекогаш дејствувале добро скриени од пошироката јавност“, вели извор што е запознаен со скопското подземје.

„Тоа им одговараше на бандите и на нивните заштитници меѓу властите, бидејќи немаше врева околу нив и можеа да работат тивко и слободно.“

Љубомир Ѓурчески, поранешен висок полициски функционер, исто така, тврди дека бандите уживаат политичка заштита.

„Тие и политичките партии имаат заеднички интерес што ја одржува нивната врска“, вели тој за БИРН.

„Од една страна, на политичките партии им треба некој на терен за да влијае врз гласачите, да купува гласови, па дури и да биде насилен доколку е потребно. И кој подобро го прави тоа од водачите на бандите? Од друга страна, бандите бараат неказнивост и заштита“.

„Не е невообичаено одредени лица да бидат назначени на високи државни функции по препораки од криминалните групи“, вели Ѓурчески.

Групите на етничките Албанци доминираат во главниот град, Куманово и во Тетово, додека етнички македонски групи ги контролираат Велес и Штип

„Зборуваме за поединци што веќе се корумпирани и што се подготвени да замижат. На тој начин добивме парализиран систем, неспособен вистински да се бори против криминалот“.

Извор запознаен со активностите на криминалното подземје во Скопје вели дека групите на етничките Албанци доминираат во главниот град, Куманово и во Тетово, додека етнички македонски групи ги контролираат Велес и Штип.

Европол вели дека на регионално ниво, криминалните групи во Македонија треба да се гледаат како дел од таканаречениот „Балкански картел“, кој, всушност, е добро воспоставена мрежа што стои зад транспортот на големи количества дрога на европско тло.

Овој картел е лабаво поделен на две подгрупи – една составена главно од групи и поединци, кои го зборуваат заедничкиот јазик некогаш познат како српско-хрватски, и друга составена од оние што главно зборуваат албански.

„Во Европа оперираат 3,600 криминални групи. Сузбивањето на овие криминални групи бара тесна соработка и координација со сите агенции за спроведување на законот во балканските земји и ние имаме такви односи и со агенциите за спроведување на законот во Северна Македонија“, изјавија за БИРН од Европол.