Анализи

Видовме што јаделе и пиеле, но одговорност не гледаме

БИРН располага со илјадници сметки за тоа како се трошеле парите за репрезентација од речиси сите министерства

И покрај тоа што во последниов период Министерствата наголемо ги објавуваат трошоците за репрезентација (ручеци, вечери, угостителски и ресторански услуги плаќани преку фактури и службени картички на претпоставените) што ги правела претходната власт, засега сè е сведено само на индиции за можни злоупотреби, но не и на конкретни информации за тоа дали некој министер или негов заменик ја злоупотребил службата.

До Основното јавно обвинителство досега по службена должност се поднесени само наводите од Државниот завод за ревизија (ДЗР) кој минатата година откри неправилности во трошењето на парите за репрезентација во Министерството за образование. Кога БИРН од Министерството за образование ги побара податоците за репрезентативни услуги, ни стигна одговор дека тие се предадени во истражните институции. 

 

Од Основното јавно обвинителство чекаме одговор за тоа дали е почната истрага по наводите од ДЗР, кој утврди дека вработени во Министерството за образование и наука (МОН) направиле расходи од 203.000 евра за хотели, ручеци и такси-превоз без да имаат оправдување за што точно ги потрошиле тие пари. Околу 14.000 евра биле потрошени за сместување на вработени во Министерството и за гости од странство во хотели без потпишани патни налози. Дури 90 отсто од парите биле дадени за луксузни хотели со 5 ѕвезди, а вработените во Министерството потрошиле 84.000 евра во ресторани, но и за овие трошоци не постоела документација за правдање на трошоците. Во 2015 година, вработените во МОН за такси потрошиле 4.000 евра надвор од работното време.  

Освен за Министерството за образование, не е познато дека за друго министерство се води ваква постапка. Во МВР денеска на брифинг со новинарите им беа поделени дел од сметките што ги правеле раководните лица во институцијата за ручеци и вечери, споменаа само дека постојат индиции за злоупотреба на службата, но не најавија конкретни чекори за тоа што ќе преземат.

Секое министерство си работело на свој начин

Унифицирани правилници за тоа како треба да се трошат парите за репрезентација досега не постоеле. На раководните лица во Министерствата (министер, заменик, државен секретар) им биле делени службени картички со лимит на различна сума кои можат да ги трошат кога одат на службени ручеци или вечери како и на патувања. Освен тоа, за деловни состаноци или средби со меѓународни претставници, сметките во рестораните можеле да се плаќаат на фактура. За тоа што точно влегува во репрезентативен трошок, конкретен правилник не постои, па оттаму, како што веќе пишуваше БИРН, во некои министерства се частеле со луксузни вечери, во дел пак се купувало овошје, зеленчук, а некои парите ги трошеле на цигари и мастики.

Владата на Британија – пример за транспарентност

Еден од најеклатантните примери за транспарентно трошење на буџетските пари е Велика Британија, каде што на веб-страницата на Владата, се објавуваат квартални извештаи за трошењата на функционерите. Секој граѓанин, преку преземање ексел табели може да види податоци за тоа какви подароци примиле и дале министрите, колку чинат нивните патувања во странство, како и податоците за секоја нивна средба.

Според Законот за јавна внатрешна финансиска контрола, раководното лице на институцијата е одговорно за контрола на водење на сметководството, преземање на финансиски обврски и е одговорно да управува со јавните средства на законски, економичен, ефикасен и ефективен начин. Оттаму, секој министер би требало со интерни процедури да уреди кој и што смее да купува со парите за репрезентација што му се дадени на располагање.

Од министерствата велат дека со доаѓањето на новата власт, Владата донела заклучок за подготовка на нов правилник со кој би се уредило точно што влегува во репрезентативен трошок, за полесно да се лоцира одговорноста доколку некој ги троши буџетските пари за приватни цели.

Од досегашните анализи на БИРН, може да се согледа дека во досегашното функционирање на Министерствата, немало никаква унифицираност во однос на трошењето, а од фискалните сметки и фактурите што ги добивме, се стекнува само впечаток дека дел од парите не биле трошени за репрезентација, туку за лични потреби на поединци. Освен тоа, в очи паѓа и податокот дека постојано се повторуваат едни исти ресторани каде што се јадело и пиело, нешто што раѓа сомнеж дека е можно раководните лица од министерствата со дел угостителски објекти да имаат премолчени договори за фиктивни трошоци – пари кои потоа можат да се извадат во кеш.

Од МВР денеска најавија дека по вторпат ќе го повикаат Државниот завод за ревизија за да утврди дали постоеле нерегуларности во трошењето на парите за репрезентација.

Се очекува и од другите министерства да повикаат на одговорност за трошењето на буџетските пари на нивните претходници, со оглед на тоа што во заден план паѓаат морските плодови и бифтеците што биле нарачувани, доколку не се обезбедат конкретни докази дека со прекумерното трошење биле направени злоупотреби.