Регион

Владата на РС финансира организација на чие чело е воен злосторник

Организацијата на чие чело е осудениот воен злосторник, Момчило Краишник , доби повеќе од 40.000 евра јавни средства од Владата на Република Српска

Кога во 2013 година, Момчило Краишник беше ослободен од затвор, откако ја отслужи затворската казна на која беше осуден за злосторства против човештвото, извршени во војната во Босна и Херцеговина, тој изјави дека планира да работи на бензинската пумпа, што ја водат неговите деца во Пале.

На веб-страницата на асоцијацијата стои дека е неполитичка организација чија главна цел е „залагање за остварување на начелата и принципите, врз кои се темели Република Српска”.

Таа ги претставува оние кои активно учествуваа во формирањето на РС во 1992 година – како Краишник , кој заедно со Радован Караџиќ, беше клучна фигура во формирањето на овој српски ентитет, кое се случи само неколку месеци пред да избувна војната во БиХ.

Асоцијацијата „Креатори на Република Српска“, меѓу другото, како свои области на интерес, ги наведува и слободите и човековите права, економското опоравување на Република Српска, здравствената и социјалната заштита на граѓаните и др.

Таа истакнува оти ќе се залага за решавање на политичката и на економската криза во БиХ и за заштита на поединците и групите кои ги трпат последиците од воените случувања.

Момчило Краишник и Милорад Додик. Фотографија на Н1 телевизија

Меѓу своите активности, асоцијацијата ги набројува и промовирањето и заштитата на српскиот јазик и на кирилицата и одбележувањето на важните датуми за Република Српска.

Последните информации за нејзините активности на веб-страницата, датираат од 2017 година, кога Краишник  имаше средба со патријархот на  Српската православна црква, Иринеј, и водачот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, кого Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ) во Хаг, исто така, го осуди за воени злосторства во 2018 година.

И последното соопштение за медиумите на веб-страницата на асоцијацијата датира од 2017 година, а со него се дава поддршка на одлуката на тогашниот претседател на РС, Милорад Додик, да одржи референдум за добивање на поддршка за одбележување на Денот на РС на 9-јануари, чие одбележување на тој датум Уставниот суд на БиХ го прогласи за неуставно.

Критичарите изразија незадоволство поради фактот што асоцијацијата на Краишник добива десетици илјади евра јавни средства.

„Не треба да не изненадуваат овие бројки и тоа што ние како даночни обврзници всушност плаќаме воен злосторник, ако ја имаме предвид целата јавна поддршка што (Краишник ) ја добива од високите политичари”, изјави за БИРН, политичкиот аналитичар од Сараево, Златиборка Попов Момчиновиќ.

БИРН неколку пати контактираше со асоцијацијата, во обид да дознаеме повеќе за нејзините активности и за улогата на Краишник , но добивме само краток писмен одговор.

„Можеме да ве информираме дека никој никогаш – вие сте први – не го сметал за проблематичен фактот што господин Краишник  е претседател на асоцијацијата”, се вели во одговорот.

Осудените, одликувани

Радован Караџиќ, кого минатиот месец ММКТ го осуди на казна доживотен затвор, беше близок политички колега на Краишник. Двајцата беа коосновачи на Српската демократска партија, најсилната политичка сила меѓу босанските Срби во 1990-тите.

Краишник  беше претседател на парламентот на РС од 1990 до 1992 година, а кратко и член на нејзиното претседателство. Го предводеше и преговарачкиот тим на босанските Срби на мировните преговори во Дејтон, со кои, во 1995 година, беше ставен крај на војната.

На првите повоени избори во 1996 година, Краишник беше избран за српски член на тројното претседателство на БиХ. Во 2000 година беше уапсен и екстрадиран во Хаг, за да му се суди за воени злосторства.

Судот на ООН го прогласи за виновен за злосторства против човештвото во 2009 година, утврдувајќи оти тој е виновен за прогон и депортации на Бошњаците и Хрватите во десет општини во БиХ, помеѓу април и декември 1992 година.

Но, тој, сепак, тврдеше дека е невин. Во интервју за БИРН во 2015 година изјави оти судењето било „театар во судницата”.

„Бев прогласен за виновен бидејќи Хашкиот трибунал заклучи дека Република Српска е создадена со етничко чистење”, изјави Краишник. „Според нив, најтесното раководството на босанските Срби е виновно за тоа, Радован Караџиќ, Ратко Младиќ, јас и некои други. Во суштина, ако еден од нас беше виновен за нешто, тогаш сите ние бевме виновни, така што бев осуден за злосторства за кои што ништо не знаев“.

Во 2016 година, тој ја објави книгата „Како се рaѓаше Република Српска”, во која тој времето што го поминал во затвор, го опиша како „подолго службено патување”.

Неколку илјади босански Срби се собраа во Пале за да го дочекаат Краишник, кој, откако беше пуштен од затвор во 2013, се врати во овој град и ја врати поддршката што ја имаше од властите во РС.

Во октомври 2016 година, Народното собрание на Република Српска (НСРС) предизвика бурни реакции во БиХ, кога одлучи на Краишник, заедно со Караџиќ и со Билјана Плавшиќ, поранешна претседателка на РС, и на уште еден осуден воен злосторник, да им додели одликување.

Одликувањето, „Повелба на НСРС“, им беше доделена по повод 25-годишнината од постоењето на Народното собрание на РС.

Попов Момчиновиќ вели дека континуираното оддавање на почит на осудените воени злосторници, е пречка за помирувањето.

„Сето ова што се случува, уште повеќе ја продлабочува долготрајната етничка поделеност во БиХ, без никакво сочувство за жртвите и за оние кои го преживеале сето она што се случуваше во периодот 1992-1995 година”, нагласи таа.

Политички интервенции

 

Иако веб-страницата на асоцијацијата „Креатори на Република Српска“ не е ажурирана подолго време, Краишник, сепак, е присутен во јавноста; ги понуди своите политички мислења по општите избори во БиХ во октомври 2018 година и следствениот долг процес на формирање на администрацијата на сите нивоа на власт.

Додека опозициските партии во РС го разгледуваа предлогот на лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, сите да соработуваат на државно ниво, Краишник  јавно го поддржа овој предлог – иако неговата поранешна партија, денес опозициската Српска демократска партија и нејзиниот водач, Вукота Говедарица, беа силно против оваа идеја.

Веднаш по изборите во 2018 година, Крајшник, исто така, предложи, Српската демократска партија и владејачкиот Сојуз на независните социјалдемократи на Додик, да ги остават по страна своите несогласувања и РС да ја стават „надвор од партиските интереси” – потег на кој се гледаше како на можност за зајакнување на политичката контрола на Додик во РС.

Аналитичарката Тања Топиќ од Бања Лука, вели дека Краишник  и Додик „се често на иста страна кога станува збор за ‘интересите на Република Српска’ и за ‘обединетиот пристап на српските функционери’“.

„Тој (Краишник) е редовен гостин на речиси секој прием чиј домаќин е Додик и не можам да се сетам на ниту еден случај во кој Краишник се спротивставил на некоја идеја на Додик”, истакнува Топиќ за БИРН.

БИРН, за активностите на асоцијацијата „Креатори на Република Српска“ и за односите со Додик, побара коментар и од Краишник , но ни беше кажано дека „сите прашања треба да ги упатиме до секретарот на асоцијацијата”.